Достапни линкови

Собранието се распушти, отворен патот за избори


Собрание на РСМ.
Собрание на РСМ.

Пратениците со 108 гласови „за“, без против и воздржани донесоа одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија. Тие претходно ги донесоа законите за Јавно обвинителство, за Советот на јавни обвинители, како и законот за одбрана за кој беше потребно двотретинско мнозинство.

Со распуштањето на Собранието отворен е патот за одржување на превремените парламентарни избори на 12 април, како што беше договорено минатата година од лидерите на најголемите политички партии на средбата кај претседателот Стево Пендаровски.

На седницата за распуштањето, последен говореше претседателот на Собранието Талат Џафери, кој рече дека и покрај програмската опредлба на партијата ДУИ од каде припаѓа, по неговото именување се обврзал функцијата да ја извршува независно од партијата.

„Верувам дека сите одлуки кои сме ги донеле во овој Парламент, сме ги донеле во интерес на нашите граѓани“, рече Џафери додавајќи дека доколку постојат грешки во неговата работа, ги направил без намера.

Јован Митревски – координаторот на пратеничката група на владејчката СДСМ, на седницата за распуштањето на парламентот рече дека овој парламентарен состав се соочил со многу кризи, но дека донел значајни одлуки кои ја дефинирале иднината на државата и нејзниот напредок, потсетувајќи дека само пред неколку дена бил ратификуван протоколот за членството во НАТО.

„Нашата држава ја вративме на прав пат, од земја во излоација ја направивме пример во регионот која ја поддржува целата меѓународна заедница“, рече Митревски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека земјата подог период се наоѓа во „тешка политичка криза“ и хаос. Тој додаде дека во изминатите година имало криминали, тешки скандали, антидржавни одлуки и непочитување на никакви процедури и тоа, според него, е резултат на владеењето на СДСМ.

„Токму поради ова мора да има распуштање на Собранието и избори на 12 април“, рече Мицевски.

Други пратениците рекоа дека во овие три години Македонија и Собранието се претвориле во „епицентар на лагите“, и дека државата е уништена.

Во меѓувреме, непосредно пред распуштањето на Собранието, беа донесени уште неколку закони: за управување со движењето на предметите во судовите, измени на законот за ауидио и аудиовизуелни медиумски услуги, измени на Законот за заштита на лични подоатоци и измени на законот за инспекторат за употебата на јазиците, како и измени и дополнување на законот за урбано зеленило. За овие закони немаше расправа, бидејќи немаше пратеници пријавени за збор на оваа 131. седница, на која не присуствуваа ниту пратениците на опозицијата.

Како беше донесен законот за ЈО

Пред денешното распуштање, Собранието Законот за јавно обвинителство го усвои со 80 гласа „за“ и шест против, додека со 73 гласа „за“, без против и воздржани пратениците го усвоија и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители.

По гласањето за овој закон, пратениците преминаа на следната 123. седница на која Законот за одбрана го донесоа со 80 гласа „за“, без против и воздржани.

Пред донесувањето на Законот за јавно обвинителство, бурно реагираа пратениците на опозицијата бидејќи за законот се гласаше по втор пат.

По првото гласање на мониторот се појави дека 72 пратеници гласале „за“ и 32 „против“, а Џафери рече дека го поништува гласањето и процедурално и даде збор на пратеничката Лилјана Поповска од партијата ДОМ.

Пратениците од опозицијата реагираа, а Џафери образложи дека на некои пратеници во Собранието не им бил евидентиран нивниот глас и побара службите да поднесат листи, по што му даде збор процедурално на пратеникот Ферид Мухиќ.

„Криминалци, срамота е ова што го правите“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски додавајќи дека побарал збор процедурално додека се обраќал пратеникот Мухиќ, но дека тоа Џафери го занемарил.

Со продолжувањето на 135. седница, втора точка на дневен ред беше Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, кој исто така веднаш беше ставен на гласање.

По гласањето, 135 седница заврши, а пратениците продолжија со следната седница на која гласаа за Законот за одбрана.

Џафери по донесувањето на Законот за одбрана, рече дека за следната 137 седница за распуштање на Собранието пратениците дополнително ќе бидат известени, додавајќи дека прва и единствена точка на оваа седница е распуптање на Собранието. За предложениот дневен ред гласаа 113 „за“ пратеници, без против и воздржани.

Во меѓувреме, поради повтореното гласање на Законот за јавно обвинителство, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпишува законот, бидејќи според нив бил донесен нелегално.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција изјави дека тоа што се случило денеска на пленарната седница е „погазување на демократијата и спротивно на одредбите од Деловникот за работа.“

„Ова е авторитарно владеење на дело. Ова веќе не е демократија, одлуката на Собранието е неделовничка и противзаконита. Ваков закон, кој не се донесе, не смее да биде потпишан од претседателот Пендаровски и го повикуваме да не дава легитимитет на вакво брутално кршење на законите и процедурите“, истакна Мицевски.

Од друга страна, според координаторот на пратеничката група на СДСМ Костадин Костадинов, Законот за јавно обвинителство бил донесен согласно сите процедури и согласно Деловникот за работа.

„Процедурата при изјаснувањето беше кристално чиста. Постои пракса во Собранието кога системот нема да регистрира одреден глас и тогаш на пријава на пратеникот чиј глас не е регистриран, се оди на повторно гласање. Такви примери сме имале многу пати во Собранието“, изјави Костадинов.

Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Законот за јавно обвинителство соопштија дека е од исклучително значење за земјата на патот кон евроинтеграциите.

„Носењето на овој закон ќе биде и најверојатно клучниот момент при изготвувањето на извештајот за напредокот на Република Северна Македонија што ќе биде доставен до советот на министри на ЕУ“, се вели во соопштението.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG