Достапни линкови

Живот на село - желба има, услови нема


Сè повеќе луѓе размислуваат дека во одреден момент би сакале да побеганат од градскиот метеж, хаосот, врева и загаден воздух. Но засега малкумина се одлучуваат на ваков чекор. За ваков концепт недостасува патна и водоводна инфраструктура, близина на училишта, амбуланата, пристап до интернет....

„Ме oттргнува подалеку од градот пред сè загаденоста, зимно време вистина е катастрофа, не се дише кај нас во Аеродром. Покрај загаденоста и пренатрупаноста, сообраќајот, тоа се работи кои ме бркаат од Скопје“, вели младиот Милан Лазаревски од Скопје, по професија маркетинг директор, кој размислува заедно со сопругата градската врева од скопските улици во одреден момент да ја заменат со живот во некое од скопските села.

Тој размислува за живот подалеку од градскиот асфалт, затоа што смета дека градот сè помалку е квалитетно место за живот за неговите мали деца поради растечкиот проблем со загаденост на воздухот, сообраќаен метеж и претворање на градот во бетонска џунгла.

Убавината на зачуваната природа во руралните подрачја во последните неколку години почнува да претставува посебна атракција за луѓето од прегусто населените градски средини. Но, Милан нагласува дека е потребно оваа атрактивност да им стане достапна на луѓето кои тука сакаат да го поминуваат не само своето слободно време, туку и да живеат.

Најголемиот дел од овие подрачја се оптоварени со проблеми врзани со патна инфраструктура, недостиг на вода и на здравствени и образовни институции па сè до пристап до интернет. Но има и приградски места кои се подобро организирани и во кои може да се живее поради близината на Скопје.

„Релативно селата кои гравитираат кон Скопје и кон поголемите градови се посредени, но не може да се пофалат со прекрасни услови, вода и патна инфраструктура. Предностите се здрав и мирен начин на живот, допир до здрава природна храна. Се уште не се многу фактори кои влијаат, но се надевам дека во иднина ќе се подобрат условите за живот и повеќе млади ќе се враќаат“, вели Милан.

Тие што размислуваат за промена на животниот стил, велат дека важно е да се знае дека тоа бара дополнителна добра организираност на семејството. На пример, тие наведуваат дека во приградските села има училишта, но има сè помалку деца. Родителите секој ден треба да патуваат во Скопје, не само поради носење на децата на училиште туку и поради пристап до културни или забавни содржини. Во голем дел од приградските села наместо вода од мрежа водоснабдувањето е преку бунари. Проблеми има во лето и кога има суша. Тогаш водата во бунарите секнува.

Но, сепак кога ќе се помисли дека планините може да се гледаат од тераса, а птиците да се распознаваат по гласот, тогаш тие што го сакаат овој концепт знаат дека лошите страни на селото се помали во споредба со неповторливоста на чувството што ја дава пејзажот на природата.

„Сме зборувале многу често и со сопругата да се преселиме некаде на помирно место во природа. И таа се согласува, бидејќи сме заситени од градскиот начин на живот. Но, уште не сме собрале доволно храброст и не сме нашле место што ќе ни одговара за трајно да се преселиме и да се тргнеме од градот. Предноста е во прошетка низ шума, берење печурки или малини или капини, ловење риба... “, вели Милан.

Одлуката за преселба на Милан не дошла преку ноќ.

Важна улога во популаризацијата на руралноста одиграл и неговиот пријател кој го заинтересирал за концепт за пчеларство, како хоби. Милан вели дека почнал да ужива во мирот на планината и убавината на воздухот кога решил и самиот да одгледува пчели во планинско село сместено меѓу Дебар и Струга на Јабланица. Сепак тој додава дека животот на село подразбира и многу работа и оти тоа има и своја сурова страна. Но вели дека барем за пчелите многу поголем проблем всушност бил градот.

„Неколку години помагав на другар кој има пчеларник во Скопје. Бидејќи во Скопје често се прска против комарци се случи една катастрофа, му се поништија повеќе пчелни семејства. Со него пчеларството ги засакав и решив дека ќе чувам пчели во недопрена природа. Излезе да отидам во село Дренок на 1200 метри, идеално место за пчели, малку е сурово оти е високо но чиста природа е, недопрена природа, нема автомобили и фабрики, ни луѓе нема. Произведувам мед за моето семејство и најблиските“, вели Милан.

Тој во Скопје работи како маркетинг директор во една компанија. Неговата сопруга е просветен работник во училиште.

Со приказните како овие е запознаена и Елена Андонова, студентка која во изминатиот период истражуваше на тема - Популаризација на руралноста - во рамки на проект за поддршка на истражителство кои ги иницираат Младинскиот Образовен Форум и Институт Отворено општество.

Андонова наведува дека заклучоците од истражувањето, спроведено по пат на интервју, зборуваат во прилог на тоа дека потенцијал за миграција во природа постои, но не како трајна. На интервјуто остварено со млади хонорарни работници на возраст од 25 до 35 години повеќето одговориле дека на извесен период би се преселиле во рурална средина, но сметаат дека во некој момент би се вратиле во Скопје За разлика од нив повозрасните на возраст од 30 години во зависност од брачниот статус рекле дека би биле расположени за трајна миграција

„Позитивно сме изненадени зошто сите беа отворени за идејата да мигрираат ако им се обезбедат сите основни услови. До 30 години имаат став дека сакаат да имаат опција да се вратат во Скопје. Истражувањето е фокусирано на фриленсери на кој им треба лап-топ и брз интернет за работа. Се фокусиравме на група која независно од опкружувањето може да ја обавува својата работа“, вели Андонова.

Андонова вели дека кај нас постојано се зборува за иселување надвор од земјава или за миграција на младите од внатрешноста во Скопје, но неа ја интересира една поинаква приказна.

„Прашањето е дали е возможно да прекинеме да го гледаме Скопје како единствено решение за живеење. Се соочуваме со моноцентричен развој. Иако Македонија има осум региони, 25 проценти од вкупното население живее во скопскиот регион, а скопскиот регион е најмал од регионите што ја сочинуваат државата. Треба да се развиваме регионално, но во реалноста се развива само Скопје и тоа не поттикна да размислуваме дали има расположение да се направи обратен тренд во миграциите по можност рурално“, вели Андонова.

Според неа се уште е рано руралните средини да понудат услови за трајна миграција. Таа вели дека засега може да понудат услови за заживување на секторот на туризам.

„Недостасува основна инфраструктура, колку да звучи банално патишта, водоводни мрежи, вода, струја, близина до здравствени центри за младите да мигрираат на село. Во ред е младите да сакаат да мигрираат во рурална средина, но, тие што сакаат да живеат кога ќе оформат семејство, за нив недостатокот на образование и здравствена инфраструктура ќе биде голем минус за трајна интеграција“, изјави Андонова.

Во меѓувреме сведоци сме дека селата во Македонија се соочуваат со изразена депопулација, загрижувачки пад на наталитетот, стареење на населението. Причините се различни, а секако дека општествениот развој во изминатите децении е битен фактор. Маргинализираната положба на селата во сегашните услови е последица на економските прилики, но и на образовните и културните фактори.

Андонова дополнува дека во европските земји во последните неколку години се поголем интерес има за живот и работа на млади луѓе во природа и надвор од големите градови.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG