Достапни линкови

Да се бара апанажа или не?


Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија
Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија

По истекот на рокот за поднесување на апанажа, темата за правото на апанажа на поранешните пратеници станува повторно актуелно.

Законскиот рок од 30 дена за барање за апанажа за пратениците од претходниот парламентарен состав измина во петокот. Засега нема одговор од Собранието колку поранешни пратеници испратиле барање за да земат уште една година плата од собранискиот буџет.

Последните парламентарни избори, како што е познато, се одржаа на 15 јули, а новото собрание се конституираше на 1 септември.

Поранешните министри од претходниот владин кабинет пак, имаат на располагање уште речиси еден месец затоа што мандатот им истече со изборот на новиот владин состав. Последната идеја за вработување во јавната администрација на поранешните пратеници на премиерот Зоран Заев ја разбранува јавноста. За дел од поранешните пратеници е неприфатливо таквото „вдомување “ во јавниот сектор по завршување на мандатот.

Понуда за поранешните пратеници - Работа место апанажа

Поранешната пратеничка од владејачкото мнозинство Ивана Туфекџиќ вели дека таквото „згрижување “ претставува деградирање на функцијата пратеник.

„Ваквиот тип на изјави за згрижување на пратениците, сепак тоа се луѓе кои имаат свои капацитети и претходно работеле, доведува до некаков долг до пратениците. А тоа не е случај затоа што сите одлуки кои се носат во Собранието би требало да се предмет на лични одлуки и сопствени убедувања, и јас со моите одлуки можам да живеам и сега и за десет години од сега и стојам зад нив во секое време“ вели Туфекчиќ.

Таа додава дека поради економската криза предизвикана од пандемијата како и од морални и етички причини одлучила да не поднесе барање за апанажа.

Од друга страна, поранешниот пратеник од ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски кој има 14 години пратенички стаж го искористил законското право и поднел барање за апанажа. Тој за идејата што сега ја понуди Заев, вели дека не е нова и дека во Парламентот многупати досега се разгледувала опцијата да им се понуди адекватна позиција на поранешните пратеници и функционери во рамките на државната администрација за да продолжат да даваат свој придонес кон општеството.

„Без разлика што најчесто во јавноста во фокусот се послаби пратеници, во Собранието поминале многу квалитетни пратеници кои биле експерти во своите области, дали тоа е здравство, дали е економија или менаџирање со јавна администрација. Моето мислење е дека таа е солидна идеја, но не е нова, и треба да биде системска, а не по лично убедување на која било политичка гарнитура“ вели Димовски.

Тој смета дека само системско законско решение за вработување во државна администрација врз основа на критериуми како работно искуство, едукација и дополнителна доедукација ќе го реши проблемот.

Неговиот колега поранешниот пратеник од ДУИ Реџеп Исмаили вели дека не побарал апанажа, затоа што по истекот на мандатот се вратил на претходното работно место во јавно претпријатие. Според неговите анализи без работа ќе останат само 30-тина пратеници од поранешниот состав 2016-2020 година. Исмаили, кој помина 9 години во пратеничкото столче, додава дека е прифатлива идејата на Заев на таков начин да се реши проблемот со статусот на пратениците.

„Не можеме да тек така да ги отфрлиме луѓето и да ги оставаме во ниски ешалони како помлад соработник и слично затоа што пратеничката функција е достоинствена. Го охрабрувам Заев оваа работа со сегашните пратеници кои им истекува мандатот и со идните пратеници да се реши овој проблем, затоа што бројката е мала. Можеби како општество нема да пропаднеме ако се на број триесетина нема да пропадне државата, треба и ним да им се реши статусот“ вели Исмаили.

Тој додава дека поголемиот дел од пратениците претходно работеле како доктори, универзитетски професори и од бизнис секторот и по завршување на мандатот се враќаат на претходните работни позиции.

Апанажите секогаш се актуелизираат после секои избори, кога престануваат мандатите на пратениците и дравните функционери, а чие користење е нивно законско право. Тоа е принцип што постои во многу држави, но различно се спроведува.

„Дали во Македонија се почитува принципот зошто постои апанажа, би рекол не, не можам да бидам неискрен и не можам да идам спротивно на впечатокот на јавноста“, вели Димовски.

Тој додава дека принципот на апанажа се користи во сите западни земји, но смислата на апанажата е луѓето да не бидат подложни на мито и корупција во процесот на одлучување додека се на функција, да се чувствуваат безбедно дека ако се спротивстават на разни лоби групи дека нема да бидат оставени на ветрометина по завршување на мандатот.

Туфегџиќ, пак, додава дека потребна е посуштинска дебата за потребата од апанажа, односно како да се измени досегашниот модел, а при тоа да не биде популистички водена дебата.

„На пример во Комисијата сме имале ситуации во кои определени именувани лица биле разрешени поради сомнеж за злоупотреба на функцијата која ја извршувале и поднеле барање за апанажа. Несомнено е дека тие законското право го имаат, но прашањето е дали е етички и морално да сите функционери и пратеници и останати именувани лица да бидат во ист ранг по однос на апанажа“ вели Туфегџиќ.

Според неа, потребно е да се направи рангирање на функционерите според влијанието и тежината на одлуките кои ги носат, односно не треба еден пратеник чии одлуки влијаат врз целото население, да биде на исто рамниште со директор на одредена агенција. Таа додава дека пратениците се избрани директно од народот, и нивната одговорност е поголема од онаа на политички доделените функции, и дополнително потребно е да се акомодираат апанажите во контекст на животниот стандар и просечната плата за да нема голема разлика меѓу функционерите и граѓаните.

По последните предвремени парламентарни избори повторно се актелизираше и можна измена во Законот за плати и други додатоци.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG