Достапни линкови

Нова влада со старо нов состав


Средба на лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, за формирање Влада

По партиските состаноци вечерва СДСМ и ДУИ ги комплетираа решенијата за први на луѓе на министерствата што ќе ги водат во следните четири години.

Владата ќе биде предводена од Зоран Заев кој ќе има четворица заменици, односно вицепремиери, Никола Димитров за европски прашања, Љупчо Николовски, за борба против корупцијата, за економија Фатмир Битиќи и Артан Груби од ДУИ како прв вицепремиер и министер за политички систем.

“Прв вицепремиер значи дека е заменик на премиерот кога е отсутен за да ги води седниците или да прими делегација. Нема менување на закони и нема врзани потписи. Ова е за подобра координација меѓу двете политички партии за преземање одговорност, како и за чест. Самиот министер за политички систем ќе биде прв вицепремиер, Артан Груби, а другите тројца ќе бидат вицепремиери во соодветните ресори“ рече Заев.

По вечерашниот состанок на Централниот одбор на СДСМ тој соопшти и министерката за труд и социјалална политика, а потоа вицепремирка Мила Царовска сега ќе биде министерка за образование, каде што досега беше кадар на ДУИ, Арбер Адеми. Во труд и социјала, пак, ќе замине досегашната пратеничка од СДСМ Јагода Шахпаска. Уште една досегашна пратеничка од владејачкото мнозинство, Ирена Стефоска ќе стане министерка. Професорката, која досега беше дел од независните пратенички кои беа дел од владејачкото мнозинство сега ќе биде министерка за култура. Уште една жена, Радмила Шекеринска ќе биде министерка. Таа ќе остане на истата позиција, прв човек на одбраната.

Од осумте министри со ресор, кои ги има СДСМ четворица се мажи, а четири жени. Досегашниот технички премиер, Оливер Спасовски се враќа како прв човек на Министерството за внатрешни работи од каде што и дојде на позицијата во владината зграда. Венко Филипче ја задржува својата позицијата како министер за здравство, Бојан Маричиќ, советникот на премиерот, доаѓа во министерството за правда каде што досега беше професорката Рената Десковска, а во министерство за транспорт и врски, каде што досега беше Горан Сугаревски, сега заминува актуелниот градоначалник на Штип Благоја Бочварски.

„Многу важно, владата ќе има 19 министри и премиер, наместо досегашните 26 министри и премиер. Бројот на ресори е намален за седум министри“, рече Заев.

Во Секретаријатот за европски прашања заминува досегашниот министер за надворешни работи Димитров, а од коалиционите партнери на СДСМ министерството за локална самоуправа го добива ЛДП, а за земјоделство Беса.

Неколку часа претходно, од седиштето во Мала Речица, по состанокот на партиските тела, своите кадри ги соошти ДУИ.

„Ова владеење е владеење на рамноправноста. Утре ќе го избереме претседателот на Собранието, нашиот пријател Талат Џафери, а потоа и нашите други пријатели, Артан Груби како прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими како министер за финансии, Бујар Османи за надворешна работи, Крешник Бектеши во Министерството за економија, Насер Нуредини во животната средина и останува да се договориме со коалиционите партнери за министер во Министерството за информатичко општество“, рече Али Ахмети.

Инаку со ваквиот договор меѓу Ахмети и Заев, кој беше постигнат вчера, се предвидува Заев да биде премиер со полн мандат, а во последните сто дена пред изборите премиер да биде по предлог на ДУИ. Во предизборието, главно ветување на ДУИ беше дека идниот премиер ќе биде Албанец.

Сега оваа владина коалиција, заедно со ДУИ, како што рече Заев ќе има вкупно 26 партии и 62 пратеници во парламентот. Во неа, покрај коалицијата Можеме предводена од СДСМ која освои 46 пратеници влегуваат и ДУИ со 15 и ДПА со еден пратеник.

Владата како предлог на мандатарот Заев, кој го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски на 13 август, треба да виде потврдена на седница на Собранието која според најавите треба да се одржи до крајот на работната недела. Во собранискиот деловник, во членот 111 е наведено дека „седница за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата“, расправата може да трае најмногу два дена, а гласањето треба да се одржи најдоцна до полноќ.

Инаку во новото Собрание ќе има и 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, 12 од Алтернатива и Алијанса за Албанците и двајца од Левица. Сите тие ќе бидат опозиција на ова владејачко мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ оцени дека коалицијата СДСМ – ДУИ е коалиција за спас за продолжување на криминалот и сламка за спас од одговорност за корупцијата и рекетот кој го спроведоа во изминативе три години. Алијансата за Албанците и Алтернатива, пак, најавија дека ќе делуваат институционално, нема да го напуштат Собранието, а на владата и предвидоа краток рок на траење.

Овие избори се одржаа на 15 јули, во време на пандемијата од коронавирусот, а беа распишани претходно по инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ откако земјава не доби датум за преговори за зачленување во Европската унија и покрај промената на името во Република Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG