Достапни линкови

Џафери „рече па порече“ за свикување седница во изборен период


Претседателот на Собранието Талат Џафери.

Нема законски пречки за свикување седница во Собранието во изборна кампања, иако спикерот Талат Џафери најави дека нема тоа да го направи. На денешната седница дел аналитичари гледаат наѕирање на криза во владејачката коалиција, а други само морална димензија во однос на изјавите на Џафери.

На денешната собраниска седница која ја свика претседателот на Собранието Талат Џафери, се вратените закони од страна на претседателот Ѓорге Иванов во кои стои новото име Република Северна Македонија.

За одржувањето на седницата не постојат формални пречки, но Џафери ја свикува среде кампања за претседателските избори и покрај тоа што пред нејзиниот официјален старт на крајот на минатиот месец, тој рече дека нема да закаже седница во време на предизборна кампања.

Тогаш имаше преговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за законот за Специјалното јавно обвинителство, а функционери на СДСМ апелираа дека итно треба да биде закажана седница со оглед дека станува збор за реформски закон.

Џафери тогаш на брифинг со новинарите рече дека постои формална можност во тој период да се закаже седница, но дека нема тоа да го стори, без разлика што ќе договорат партиите, оти се покажало дека на таквите седници пратениците тераат изборна кампања.

Тој истакна дека откако ќе завршат изборите, на кои се надева дека ќе има нов претседател, на седница ќе ги стави реформските закони на кои претседателот Ѓорге Иванов не стави потписи.

Политичкиот аналитичар Џаљал Незири вели дека ако договорот меѓу главните коалициони партнери на владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ бил седницата за овие закони да биде свикана после изборите, тогаш според него нешто не е во ред внатре во парламентарното мнозинство.

„Ова може да се протолкува како еден вид криза во односите меѓу двата коалициони партнери и плус ако се додаде обидот за пуч кој се случи вчера во Исламската верска заедница, при што реагираше ИВЗ и поглаварот Реџепи зад кој потоа застана и ДУИ, се наѕира еден вид на криза во односите меѓу двете политички партии“, вели Незири.

Поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски смета дека за свикувањето на седницата нема ништо спорно, бидејќи станува збор за претседателски избори со завршен прв круг. Тој посочува дека земјата гради систем на парламентарна демократија и Собранието според Уставот е во постојано заседавање и, како што вели, за тоа нема формално правни пречки.

За изјавата на Џафери дека нема да свика седница за пратениците да не „тераат изборна кампања“, Петковски смета дека претседателот на Собранието треба да раководи со седницата на начин што ќе им го одзема зборот на пратениците кои прават кампања, бидејќи Деловникот му дава такво право.

„Нема никаква формална пречка. Моралната димензија е само во рамките на тоа што Џафери го рекол па сега го порекува“, вели Петковски.

Во однос на Законот за СЈО кој е дел од реформските закони коишто Европската унија ги бара од Северна Македонија, министерката за правда Рената Дескоска тогаш изјави дека треба да биде донесен во најкус можен рок, бидејќи се затвора извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, но Џафери истакна дека нема да се задоцни со носењето на реформските закони и затоа седница ќе закаже по изборите.

Тој наведе дека по завршувањето на изборите на седница ќе ги стави реформските закони на кои Иванов не ставил потписи и оти ако не се избере претседател во вториот круг, не ја исклучува можноста тој да ги потпише законите, бидејќи во тој случај ќе биде вршител на должноста Претседател.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG