Достапни линкови

Ќе има ли договор за времетраењето на договорот на определено време?


Работник во индустрија

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска најави намалување на времетраењето на договорите на определено време, но претходно за тоа треба да се договорат работниците и работодавачите. Од ССМ бараат тој рок да биде една година, а од Организацијата на работодавачи три години

Работниците и работодавачите се уште не можат да најдат компромис за времетраењето на договорите на определено време. Според актуелниот закон за работни односи договорите на определено време можат да траат 5 години, пред да се трансформираат во договори на неопределено време. Работниците бараат тој временски рок да биде една година, додека работодавачите сметаат дека 3 години се добро решение. Од Сојузот на синдикати велат дека нема причина повеќе од една година работникот да биде на определено време и притоа да нема никаква сигурност.

„За жал досегашното искуство од пријавите кои стигнуваат кај нас покажуваат дека договорите на определено време се понеповолни бидејќи штом заврши рокот, ладнокрвно престануваат и работникот не е должен да дојде на работа бидејќи нема ни на што да се пожали или да добие тој работодавач ниту на суд ниту со приговори на суд, оставен е на милост и немилост. Некаква поголема заштита претставуваа договорите на неопределено каде што имаше други постапки во делот на тоа како се отстранува работник од работа, односно имаше поголема сигурност“, вели Иван Пешевски од Синдикатот за градежништво при ССМ.

И работодавачите се согласуваат дека 5 години е предолг период за договори на определено време. Свесни сме дека дел од газдите овие договори ги продолжуваат и понатаму, не бидејќи престанала потребата од ангажман на работникот, туку бидејќи постапката на прекин на договорот на неопределено е потежок и носи поголеми трошоци за компанијата, отколку едноставно непродолжување на договорот на определено време, велат од Организацијата на работодавачи.

„Не се согласуваме склучувањето на вакви договори да бидат само во одредени услови, бидејќи во суштина договорите на определено време кои се тренд во Европа се на еден начин стимулирање на отворање на нови компании и вработување на луѓе, затоа што тие компании не се сигурни дали ќе имаат доволно работа и дали ќе опстанат во првите три години и доколку немаат можност за склучување на вакви договори тоа ќе ги одврати од идејата за отворање нови работни места и отворање на нови компании“, изјави Анѓел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Сепак Пешевски додава дека и кај договорите на определено време се случувале злоупотреби од страна на некои работодавачи, односно не ретко се случувало и после 5 години да се променат називите на работните места или работните задачи и пак луѓето работеле со договори на определено време.

„Имаме случаи кои пријавувале дека работеле и 7 или 8 години и пак го продолжувале работниот однос со договор на определено време. За жал таму не можеше да интервенира и Државниот инспекторат за труд бидејќи работодавачите наоѓаа дупки во законот за да можат да го променат договорот и луѓето после 5 години имаат нова форма на договор, и со години и години да продолжат да работата на определено време. Значи не е само рокот, туку убаво и прецизно да се утврди тоа работно место како ќе се трансформира после тој период за да не треба преку судски постапки да се докажуваме кој бил во право“, вели Пешевски.

Димитров истакнува дека правата и обврските на работодавачите кон работниците без разлика на договорот со кој е заснован работниот однос се исти, но сепак признава дека газдите ги преферираат договорите за определено време затоа што работодавачот не мора да објаснува зошто го отпушта работникот во случај на истекот на тој договор.

„Во суштина непотпишување на нов договор не е отказ на стариот, бидејќи по дефиниција договор на определено работно време се склучува на определен период и со истекот на тој период автоматски престанува работниот однос. Значи единствено олеснување на работодавачите е што не мора да води дисциплински постапки, технолошки вишоци итн“., вели Димитров.

Иако работниците ги преферираат договорите на неопределено време главно поради поголемата сигурност, Димитров останува на ставот дека подобро е да се има договор на определено време, отколку да се биде невработен.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска деновиве најави промени во времетраењето на договорите на определено време, односно можност за нивно намалување.

„За ова решение ќе престои широка и инклузивна јавна дебата, по која ќе треба да се најде баланс помеѓу двете барања. Договорите на неопределено време сеуште генерираат сигурност во делот на социјалните трансфери и права кои произлегуваат од работниот однос“, изјави Шахпаска.

Над 90 проценти од споровите и пријавите кои ги добиле ССМ биле поврзани со договорите на определено време, и тоа бил случај и порано, а не само во пандемиската година, која дополнително го зголеми стравот од несигурни работни места.

Од ССМ потенцираат дека покрај договорите на определено постојат и други форми кои ги преферираат газдите, како на пример договорот на дело или за пробна работа каде што работодавачите плаќаат само персонален данок, а се ослободени од други плаќања.

Новиот закон за работни односи би требало да биде донесен до почетокот на следната година, а во него покрај постоечките, договорени се многу други форми на вработување, како што е договорот за вработување на сезонските работници, договорот за вршење работа од далечина или од дома, договор за вработување на странци, вршење на работа од домаќинство и др. Според упатените, законот е неопходен за да се надминат правните недоследности но и да се заштитат заедничките интереси и на двете страни, работниците и работодавачите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG