Достапни линкови

„Шо не се викнавте на кафе у центар“ - вие коментирате


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, на средба во Вила Впдно - 7 мај 2021
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, на средба во Вила Впдно - 7 мај 2021

Средбата Пендаровски - Мицковски, како и изјавите по неа во фокусот на вашиот интерес на нашите социјални мрежи

Најновото неделно интервју на Радио Слободна Европа е со министерот за здравство, Венко Филипче, кој покрај другото, ги охрабрува граѓаните дека сите вакцини се безбедни и нема потреба да преферираат една наспроти друга. Министерот исто така вели дека до крајот на летото очекува да се создаде колективен имунитет. Има само еден коментар на потпишан со Џим Глиг: „Господ е на наша страна, од политичариве нема аир.“

Филипче - До 15 мај сите пријавени ќе добијат термин за вакцинација
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:26 0:00

Исто така, има само еден коментар по информцијата дека во вчерашното деноноќие се регистрирани само 135 случаи на ковид 19 , а починале 14 лица од компликации од вирусот. „Рано е уште, за некој ден ќе почнат пак по 600+“, напишал Бо Јан, веројатно алудирајќи на олабавениот полициски час и дозволата угостителските објекти да можат да работат со гости на отворените тераси.

Средбата на претседателот на државата, Стево Пендаровски, и првиот човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, што медиумите ја нарекоа „одмрзнување на односите“, но по која Мицкоски го нарече претседателот „лажго“ затоа што, како што изјави, „едно зборувал на средбата, друго изјавил по неа“, во постовите на нашата ФБ страница повторно ги покажува разликите и поделеноста на граѓаните.

Писменото соопштение од Кабинетот на Пендаровски дека „ставовите на претседателот за ʼ27 априлʻ не зависат од Мицкоски“, генерирало повеќе коментари со прилично негативно расположение и спрема претседателот и спрема првиот човек на опозицијата. Игор Вики Магероски постирал: „Ами ако не е до вас, шо ви беше средбата? Шо не си се викнавте на кафе во центар?“ „Ах бе Мице, Мице...“, реагирал Панде Лазаревски, чиј втор дел од текстот не го цитираме поради навредливите зборови. Соња Илиевска смета дека „Пендаровски уште еднаш покажа дека не е никаков фактор во државата... слика има, ама е безгласен, или зборот не му вреди пет пари...“, но Цвета Ставреска ја прашува: „А што за тебе значи фактор... да оди и насила да ги извади тие од затвор што ќе му ги посочи Мицкоски?“. Фани Мустапиќ ја потсетува Соња Илиевска: „Претседателот на државата не институција на судство. Има судови што се надлежни за овој случај... На крива адреса се обратил Мицкоски“. По ова, се развива дебата меѓу Илиевска и Мустапиќ, па Соња Илиевска одговара: „И премиер не е судска институција, ама сите знаеме дека има влијание во судството...“ и така натаму и така натаму. На прашањето на нашата редакција дали сметаат дека средбата Пендаровски – Мицкоски ќе смени нешто во однос на случајот „27 април“? , Јанко Трајков со своја анализа на ликовите: „Стево се удвара? Мицко крои некаков план па одеднаш престана да јаде бубрези за Стево? Заев си ќути како онакво под кошула. Вака нема да соберете ниеден поен, само ќе ви плескаат раце партиските војници што ги храните со леб од минатата недела“. Зора Мешкова, пак, вели: „Од ниеден од политичарите наши веќе не очекувам ништо добро. Жално е што нема замена. Сите исти, од СДСМ преку ВМРО, ДУИ, Беса, Алтернатива, па сѐ до Левица....“ и продолжува да ги реди и помалите партии.

По нашата информација за протестот на полицискиот синдикат под паролата „За ред, правда, за дисциплина“ со наведувања дека врз полицијата има притисок, незаконски распределувања, недоволен број униформи...


Јанко Трајков повторно со свој коментар: „Аман бе луѓе, кај ни е единството? Кој е сега овој синдикат? Ваков синдикат, онаков синдикат. Еден со власта, еден со опозицијата, трет глуми независен, а шурува. Ееее, затоа нема да нѐ биде, оти еднаш не застанавме за да бараме нешто заедно, во сѐ имаме политика. Македонски синдром – војвода, комита и кодош“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG