Достапни линкови

Шоуменот Слави - клучна фигура по изборите во Бугарија?


Станислав Трифонов

Популарен водител на ток-шоу и поп-фолк-пејач може да биде расипувач за надежите на бугарскиот премиер Бојко Борисов да ја формира следната влада по вчерашните парламентарни избори. Текст на Тод Принс.

Станислав Трифонов, кој на милиони Бугари им е познат едноставно како Слави, ги привлече разочараните гласачи кон неговата новоформирана партија со анти-естаблишмент платформа во услови на фрустрација поради ендемичната корупција и сиромаштијата во земјата.

Трифонов ја основа својата партија - Има таков народ - непосредно пред корупцискиот скандал во 2020 година кој предизвика повеќенеделни масовни протести против владата на Борисов.

Бугарија - По преброени 61% од гласовите, води ГЕРБ, Каракачанов под цензусот

Тој, според досегашните резултати, ќе биде на второто или третото место на парламентарните избори со околу 17 проценти од гласовите. Тоа може да претставува проблем за владејачката партија ГЕРБ на Борисов да формира коалициска влада.

Борисов: уморен сум да ја сносам целата одговорност сам
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:56 0:00

Аналитичарите велат дека тоа може да го трансформира 55-годишниот Трифонов од политички почетник во креатор. Тоа би било удар за Борисов, кој доминира во бугарската политика повеќе од една деценија, но чија поддршка ослабе во последните години во услови на скандали и замор на гласачите.

Трифонов во изминативе години имаше улога во разбивањето на популарноста на Борисов, критикувајќи ги премиерот и неговата влада во неговото популарно ТВ-шоу.

Партија против естаблишментот

Трифонов е последната телевизиска ѕвезда која националната слава ја претвори во политичката моќ во услови на недоверба во демократското управување, следејќи ги стапките на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Бугарскиот актер и продуцент Станислав „Слави“ Трифонов искрши руски телевизор пред зградата на бугарската национална телевизија во Софија на 16 април 1998 година
Бугарскиот актер и продуцент Станислав „Слави“ Трифонов искрши руски телевизор пред зградата на бугарската национална телевизија во Софија на 16 април 1998 година

Аналитичарите велат дека влезот на Трифонов на политичката сцена во Бугарија претставува продолжување на повеќедеценискиот напор за создавање на одржлива партија против естаблишментот во Бугарија и ширењето на популизмот.

Димитар Ганев, политички научник во Центарот за истражување Тренд во Софија, за РСЕ изјави дека партијата на Трифонов е „типичен нов играч“ во Бугарија, кој сака да ја оспори статус кво ситуацијата.

„На сите парламентарни избори во Бугарија има партија што излегува со ваква анти-естаблишмент порака, бидејќи во Бугарија постои хронична недоверба кон целата политичка елита“, вели Ганев.

Кој е „Шиши“ за кого велат дека ја контролира бугарската влада?

Постои плодна почва за таквиот недостаток на доверба. Бугарија, која ѝ се приклучи на Европската унија во 2007 година, останува најсиромашната нација во Унијата.

Стотици илјади граѓани во речиси 7 милионската земја работат во САД, Турција и во други земји на ЕУ затоа што не можат да живеат пристојно дома. Бугарија, исто така, се наоѓа на дното на ЕУ според перцепцијата на корупцијата, како и во врска со слободата на медиумите.

Споредба со Зеленски

Политичкиот подем на Трифонов има некои сличности со оној на Зеленски, поранешен актер кој играше претседател во популарна украинска телевизиска серија пред да ја добие највисоката функција во април 2019 година.

Како и Зеленски, Трифонов е политички почетник кој го искористи своето телевизиско шоу за да ја разголи дисфункционалната влада. И како украинскиот кандидат во тоа време, Трифонов избегнуваше јасни ставови за многу важни внатрешни и надворешно-политички прашања - фокусирајќи се само врз неговиот статус како аутсајдер.

Сепак, една голема разлика меѓу нив е тоа што кандидатурата на Зеленски за претседател беше изненадување за нацијата, бидејќи тој не беше политички определен. Трифонов, од друга страна, со години беше отворен за политички и социјални теми, привлекувајќи го вниманието кон маките на просечните граѓани. Тој дури организираше референдум за уставни измени во 2016 година.

Патот до славата

Трифонов е роден во северниот бугарски град Плевен близу границата со Романија во 1966 година. Најмал од четирите деца, тој во младоста учел во специјализирано музичко училиште.

Трифонов се пресели во главниот град Софија во средината на 80-тите години на минатиот век за да се школува на Бугарскиот државен конзерваториум. Тој започна да работи на телевизија во 1990 година, непосредно по распадот на комунизмот во сатиричната програма наречена Ку-Ку, што ќе го постави на патот кон неговата национална слава.

Станислав Трифонов во групата Ку-Ку
Станислав Трифонов во групата Ку-Ку

Додека работеше на шоуто, Трифонов ја формираше групата Ку-Ку со другите членови на екипата. Бендот издаде десетици албуми со текот на годините и стана еден од најпопуларните во Бугарија со милиони прегледи на Јутјуб. Во 2000 година, по долгогодишна работа на ТВ-програма позната по политичка сатира, Трифонов го започна „Слави шоу“.

Шоуто доцна во ноќта се емитуваше на националната телевизија скоро две децении се додека Трифонов не го откажа во 2019 година. Без сомнение, тоа беше најпопуларната забавна програма во Бугарија и му даде на Трифонов платформа заедно со неговата музика за да ги искаже своите политички ставови.

Оттогаш Трифонов започна свој кабелски канал наречен 7/8 со програмски состав кој содржи музика и политичка анализа. Со свој кабелски канал, тој стана погласен во критиките кон бугарските лидери.

Со шатори во центарот на Софија против Борисов

Во една од неговите попопуларни песни, хитот од 2013 година „Нема таков народ“, Трифонов ги претстави бугарските политичари како луѓе кои се интересираат само за пари и секс. Песната прашува зошто бугарските граѓани продолжуваат да избираат такви луѓе. „Не ми зборувај за закон и устав, во оваа земја сето тоа е проституција“, е една реплика од песната.

Станислав Трифонов
Станислав Трифонов


„Дали спиете или чекате уште еден спасител? Колку пати ќе ја живеете истата стара приказна? Исфрламе еден, а потоа го гушкаме следниот. Дали некој знае како полицаец станува милионер?“ продолжува друг дел од песната.

Аналитичарите велат дека дрскиот стил на Трифонов повеќе ѝ се допаѓа на помладата публика што претставува јадро на неговата база. Тој, исто така, се чини дека има посилна поддршка во помалите градови и населени места, каде што младите можат да бидат повеќе разочарани.

Парван Симеонов, политички аналитичар од Галуп Интернешнл во Софија, го опишува Трифонов како „многу лут средовечен човек кој ги собира политички разочараните“.

Платформа за технички реформи

Политичката платформа на Трифонов бара електронско гласање како дел од планот да се направи гласањето задолжително. Бугарите што живеат во странство можат да гласаат само во амбасади или конзулати, што е невозможно за многумина.


Платформата на Трифонов исто така повикува на премин од пропорционален политички систем заснован на партиски листи во мнозински систем; кратење на државните средства за партиите; намалување на големината на парламентот за половина, односно на 120 пратеници и воведување директно гласање за клучните позиции како на пример за државен обвинител.

Некои експерти велат дека фокусот на Трифонов кон такви технички прашања не ги решава основните проблеми на Бугарија. Ставовите на Трифонов за другите прашања од внатрешната и надворешната политика не се јасно артикулирани - покренувајќи несигурност за тоа како тој би гласал во парламентот.

Трифонов не даде никакви интервјуа за медиумите за време на неговата изборна кампања што траеше еден месец, ниту дебатираше со конкурентите. Наместо тоа, тој ги користеше социјалните медиуми за да комуницира директно со гласачите.

Петрова вели дека таа тактика ја ограничува привлечноста на Трифонов кон пошироката публика. Но, тоа исто така ги штити него и неговиот тим од критични грешки што може да ги чини гласови.

Симеонов го опишува Трифонов како „типично момче од 90-тите“, кој ги дели европските вредности. Тој додава дека иако Трифонов е силно патриотски настроен, тој не играл на „етничка карта“ и ужива поддршка од бугарската ромска заедница.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG