Достапни линкови

Шекеринска – Не сме поддржувале или овозможувале криминал


Заедничката прес-конференција на командантот на националната гарда на сојузната држава од САД Вермонт, аѓутант генерал Грегори Најт и министерката за одбрана Радмила Шекеринска

На никој начин и во ниту еден момент не сме се довеле во ситуација да поддржуваме или да овозможуваме криминал и корупција, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска, но не одговори дали била на гости кај Боки 13.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска не даде прецизен одговор на прашањето дали била на гости кај неформалниот сопственик на 1ТВ, Бојан Јовановски, познат како Боки 13, осомничен во аферата Рекет, и рече дека во ниту еден момент не била доведена во ситуација да поддржува или да овозможува криминал и корупција.

Во нелегално снимените разговори кои ги објави десничарскиот италијански весник Ла Верита, на кои наводно се слушаат гласовите на бизнисменот Орце Камчев и Боки 13, а чија автентичност не беше оспорена, Боки 13 му вели на Камчев „вечерва ми се гости дома, твојот другар и неговата сопруга“, на што Камчев одговара „Бобо ми се јави пред еден час“ да дојде да гледаме фудбал. Дел од медиумите објавија дека Бобо е сопругот на Шекеринска, Божидар Јанковски.

Шекеринска вели дека сака да дозволи истрагата да се спроведува.

„Многу лаги беа кажани, ама ако тргнеме на секоја од тие лаги да реагираме, ќе дозволиме криминалците да се скријат, а ние да се занимаваме со оговарање. Затоа и јас и сите мои колеги ја поддржуваме истрагата и сакаме да кажеме дека на никој начин и во ниту еден момент не сме се довеле во ситуација да поддржуваме или да овозможуваме криминал и корупција “, рече Шекеринска.

Таа денеска во Скопје се сретна со командантот на националната гарда на сојузната држава од САД Вермонт, аѓутант генерал Грегори Најт. Двајцата изразија задоволство од досегашната 25-годишна соработка меѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт.

На новинарско прашање колку објавувањето на нелегално снимани разговори покажува дека Македонија може да биде слаба алка во хибридната војна што се води против НАТО и дали на таа тема разговара со претставници на Алијансата, Шекеринска рече дека слабости во поглед на новите закани се забележани кај сите држави. Работиме и на сајбер безбедноста и на хибридните закани, но ќе ги преживееме тие напади, рече таа.

„Има многу и луѓе во државата и надвор од државата кои сметаат дека треба да направат сè за да не влеземе во НАТО и да не почнеме преговори со ЕУ. Наш стратешки интерес е да не им дозволиме да успеат во таа намера. И заради тоа ни се потребни силни институции и политичари кои нема да прават компромиси со правната држава. Тоа е еден дел од силата која нашата држава мора да ја покаже“, рече Шекеринска.

Најт рече дека со нетрпение очекува да ја види земјава како 30-та членка на НАТО.

„Во следниот период планирам на еден начин да го подигнам нивото на соработка и да го донесам на следно ниво. Имаме еден холистички пристап на таа соработка која сакаме да ја оствариме и да напреднеме, од соработка меѓу војските да се префрлиме на цивилниот дел. Едноставно, да има целосна соработка на ниво на двете држави“, рече тој.

Шекеринска посочи дека во изминатите четврт век над 5.000 македонски војници поминале обуки, настава и консултации со Националната гарда на Вермонт и дека земјава ги брои последните денови пред влегувањето во НАТО.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG