Достапни линкови

Чулев: Настанот во Ченто има политичка заднина


Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев

Синоќешниот настан во Ченто има политичка позадина и МВР е решено да постапува неселективно во однос на сите што поттикнуваат или не го почитуваат полицискиот час, изјави денеска на прес-конференција, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој подетално се осврна на синоќешниот протест на стотина граѓани од скопско ченто, кои за време на полицискиот час се собраа да протестираат против приведувањето на три лица, кои, според полицијата, не ја почитувале одлуката за ограничено движење донесена како мерка за заштита од коронавирусот.

„Политичката позадина не го оправдува ова поведение и зборува за тендензиозно загрозување на граѓаните предизвикано од политички побуди. Граѓаните свесно се изложија себеси на ризик што може сите нас скапо да не чини“, изјави Чулев.

Според него, на социјалните мрежи во 21 часот се појавиле фотографии за групирање на граѓани, по што била извршена контрола во тој реон. Кога пристигнале полициските службеници забележале група од 8 лица кои почнале да бегаат, а тројца останале, по што биле лишени од слобода и спроведени во полициската станица во Гази Баба. Едно од лицата притоа се преставил како член на Советот на општина Гази Баба од СДСМ за да изврши притисок да не биде лишен од слобода, но според Чулев поднесени се кривични пријави за сите тројца за сторено кривично дело според членот 206 од Кривичниот законик.

Околу 22 часот, додаде Чулев, биле информирани дека на местото каде што биле лишени од слобода тројцата граѓани се собрала поголема група луѓе како реакција на лажна информација дека приведените биле физички малтретирани и лишени од слобода.

„Потенцирам дека двете информации не се точни, а тоа го потврдија и тие самите“, рече Чулев.

Тој потврди исто така дека градоначалникот на Гази Баба дал изјава дека ќе ги ослободи притворените, но му порача дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани во државата и секаде каде што се прекршени законските одредби постапува, па така за сите тројца се поднесени кривични пријави. Чулев најави исто така дека ќе се прегледаат видео снимките од настанот и ќе следат пријави и за тие што учествувале и го поттикнувале протестот во Ченто.

XS
SM
MD
LG