Достапни линкови

Честите законски измени - дополнителен бирократски товар за компаниите


Шалтер во Град Скопје за даночни прашања, илустрација

Македонските компании ќе се соочат со нагло зголемување на бирократските обврски при усогласувањето со регулативата на Европската Унија. Компаниите реагираат и на кратките рокови за усогласување, како и на различните толкувања на државните органи и на инспекциите на законите и прописите

Едно претпријатие во земјава троши 153, 475 часа годишно за исполнување на своите бирократски обврски. Тоа се околу 19 дена во годината, односно 45 обврски кои претпријатијата треба да ги исполнат на годишно ниво.

Иако резултатите од истражувањето на организацијата „Македонија 2025“ за Индексот на бирократија за Македонија покажале дека бирократскиот товар на нашата земја во однос на пресметката од минатата година е намален за неколку часа, компаниите се жалат дека токму бирократските процедури им одземаат доста време.

„Но она што е според мене проблем е што истите законски процедури не важат подеднакво за сите. Истите закони за приватниот сектор важат на супер високо ниво, а за државните институции тие се непознат поим. Еве на пример, дали сте слушнале некое претпријатие од државниот сектор, некое министерство или јавно претпријатие да биде казнето за некаква недоследност? Приватни компании секојдневно се казнуваат, а државните органи сами за себе си обезбедуваат еден несвојствен комфор кој ги става во привилигирана положба“, вели Трајан Анѓелоски, сопственик на компанија за производство на метал и машински делови.

Листата на бирократски процедури и проблеми кои ги обременува водењето на бизнис е различна и долга, посочуваат од Конфедерацијата на работодавачи. Честото менување на законите во скратена постапка им создаваат дополнителни потешкотии и од нив бараат екстра часови посветени на бирократска процедура.

„Ќе ви кажам една нова измена која не засега сите. Доколку се изгласа законот за недела- неработен ден, замислете компаниите ќе мора да направат списоци на вработените кои ќе работат во недела и тие списоци ќе мора да ги поднесат во Државниот трудов инспекторат и Министерството за економија. И ако постојано ги менуваат луѓето (а треба да ги менуваат) тие кои работат во недела, во тој случај малите и средните претпријатија покрај останатите административни работи ќе прават и списоци и на некој начин имате уште една бирократска оптовареност на компаниите со новиот закон неработен ден-недела“, вели Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи.

Дел од поплаките на македонските претпријатија се однесуваат и на кратките рокови за усогласување на најновите измени, без соодветни насоки и упатства, како и доцнење на државните органи во обезбедување услови за спроведување на измените или промени кои значително ги менуваат условите за работа.

Во одредени случаи правилници и упатства за примена на некое ново законско решение се носат по почетокот на примената на законот, односно измената на законот, велат од компаниите.

Сепак, големи поплаки има за различните толкувања на државните органи и на инспекциите на законите и прописите. Најчесто посочуван пример е дека мислењата издадени од УЈП содржат оградување дека мислењето нема правна сила, дека не може да се употреби на суд и слично и дека секој инспектор има право на свое мислење и толкување.

Од компаниите апелираат на потребата од подобра комуникација на државните органи со стопанските комори.

„Да, не повикуваат секогаш кога има дебати, но откога ќе заврши истата има нова дебата. Секогаш има дебати, а нема никаков резултат од таа дебата. Еве на пример за потребата од кадар за стручното образование, пет министри од различни партии го отвораат прашањето, а никаков резултат досега нема“, вели Анѓелоски.

Бошков посочува дека преку економско -социјалниот совет, со јавно- приватниот дијалог со стопанските комори и ЕНЕР системот, оној кој е заинтересиран ја добива информацијата.

„Но тоа не значи дека сме прашани, туку само сме покажале ниво на ограничен дијалог, односно само информирање, а не и консултирање, ниту пак прифаќање доколку нема директен интерес. Многу мал е процентот на прифатени предлози од бизнис заедницата наспроти самите предложени проекти, законски решенија и така натаму“, вели Бошков.

Инаку индексот на бирократија за нашата земја во однос на пресметката од минатата година е намален за неколку часа, а главните промени што придонесуваат за подобрување на македонските резултати се помалку законски измени, односно одложена примена на дел од законската регулатива поради пандемијата со Ковид-19.

И оваа година Индексот на бирократија се пресметува за неколку земји-членки на ЕУ. Притоа, исто како и при претходните пресметки, претпријатијата во Македонија се соочуваат со најмалку бирократија меѓу земјите за кои се пресметува Индексот. Меѓу земјите на ЕУ, Шпанија троши најмногу, односно 399 часа за бирократски обврски, компанија во Италија троши 312 часа, Чешка 239, а Словачка 217 часа.

Упатените посочуваат дека нашата земја во иднина најверојатно ќе се соочи со нагло зголемување на бирократскиот товар во однос на усогласувањето со регулативата на Европската Унија, каде што се очекува двократно зголемување на обврските на претпријатијата. Од друга страна пак побрзото усогласување на македонското законодавство со Европската Унија за претпријатијата претставува и отворање можност за работа на пазарот на Европската Унија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG