Достапни линкови

Недела неработен ден можеби после изборите


Илустрација, работници

На помалку од една недела пред официјалниот почеток на кампањата за локалните избори, а со тоа и прекин на работата на Собранието, пратениците не се договорија за измени на законот за работни односи со кој недела ќе се прогласи за неработен ден за повеќето дејности.

Извесно е дека на работниците од први октомври нема да им биде платено екстра за неделниот труд затоа што пленарната седница на која требаше да се најдат измените на законот за работни односи е одложена на неодредено време. Од Собраниските служби не одговорија на прашањето зошто е одложена и кога е предвидено да бидат ставени на дневен ред измените на законот. Поради роковите околу претстојните локални избори до крајот на следниот месец нема да се одржуваат седници во Собранието. Тоа значи дека овие измени нема да се донесат според рокот на Владата. Измените на законот заглавија во собраниската комисија за труд и социјална политика, каде што вчера во вжештена политичка атмосфера не беа ни тема на расправа, иако беа ставени на дневен ред.

Претседателот на собраниската комисија за труд и социјална политика од Алијанса на Албанците Хисни Исмаили вели дека не очекува до крајот на месецот да бидат донесени измените на законот за работни односи.

„ Му кажав и на претседателот на Собранието Талат Џафери за ситуацијата.Ј ас повеќе не можам да ја водам седницата, нека види он со координаторите, нека најдат ново решение, и да видиме дали ќе излезе некоја нова околност за ситуацијата“ вели Исмаили.

Тој посочува дека во ваква вжештена политичка атмосфера не очекува законот да помине во Собрание до почетокот на изборната кампања.

„ Теоретски е можно,мислам има шанси, но пракса не верувам. Ако ме прашувате мене лично јас мислам дека теоретски е возможно да се донесат измените, но практично во ваква ситуација како вчерашната е невозможно“ вели Исмаили.

Исмаили: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се караат, па мене ме обвинуваат
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:56 0:00
Директен линк

Сојузот на синдикати бараат од пратениците итно да ги изгласаат измените на законот во Парламентот.

„На тој начин ќе се исполнат сите законски претпоставки, измените на законот да бидат ставени на дневен ред на седница на Собранието, навреме , за да може работниците да го користат правото недела да биде неработен ден со почеток од први октомври оваа година како што беше договореното од сите социјални партнери во државата“ се вели во нивното соопштение.

За кого недела ќе биде неработен ден?

Инаку за да стартува недела како неработен ден од почетокот на наредниот месец, ќе мора претходно пратениците да ги изгласаат измените на Законот за работни односи, како и измените на Законот за трговија, со кои ќе се уреди кои дејности ќе бидат исклучоци од прогласувањето на недела за слободен ден за работниците, колкава ќе биде дневницата и правата на оние што ќе работат во недела, како и прашањето за работата на затворените трговски центри.

„Овие измени на сила треба да стапат на први октомври, а денеска на десет дена пред тоj датум, опозицијата во Собранието се обидува да ги спречи тие измени. Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога во Собранието треба да се носат закони кои се во корист на граѓаните, оваа партија на секој начин се обидува да ги блокира и закочи“ обвинува Жаклина Лазаревска, пратеничка на СДСМ.

Таа обвини дека претседателот на комисијата Исмаили со досегашното незакажување на седница за измените на законот им помага на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да го блокира донесувањето на законот. Тој на ова вели дека проблемот не е до него, туку до СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Кога им одговара, кога им помагам како за претходната седница, за да им помине законот да закажам седница, ја одржав седницата и тогаш не им сметав, а сега јас не им одмагам. Тие самите се виновни. Тие се караат меѓу себе, јас не се карам со нив“ вели Исмаили.

Опозицијата веќе со месеци тврди дека со предложеното решение ништо нема да се промени, туку напротив ќе се зголеми бројот на отпуштени работници. На вчерашната собраниска комисија опозициските пратеници бараа да дебатират за „Информација за реализација на набавката, изградба и пуштање во употреба на модуларните болници“ по пожарот кој што го зафати тетовската модуларна болница во која загинаа 14 луѓе.

ССМ бара во закон да се вметне породилно отстуство од 12 месеци

Според анализите на Министерството за труд и социјална политика, за над 92 проценти од вработените во државата недела ќе биде ден за неделен одмор.
Со измените на законот беше предвидено работниците коишто ќе работат во недела ќе добијат поголема дневница и слободен ден, што ќе може да го користат во наредните седум дена. Станува збор за работните места каде што не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес.

Исклучок се 42 дејности каде работниот процес не може да биде прекинат. Во тој случај работниците на работниците ќе им следува додаток на плата за работа во недела и тие ќе добијат опција да имаат слободен ден во текот на неделата. Со законските измени се предвидува повисока дневница за 100 отсто во моловите, но и за 50 отсто во дејностите каде не смее да се прекинува работата, плус еден слободен ден во текот на работната седмица.

Оние што ќе работат во недела, ќе добиваат повеќе пари. Газдите, пак, што нема да го почитуваат овој закон ќе добијат клуч на врата на фирмите и плус парични санкции.

Исклучок од неработењето во недела се продавници и штандови за продажба на сладолед, колачи, весници, апетисани во туристички центри, продавници во трговските центри, кои може да работат само една смена – од 10 до 18 часот, штандови за време на саеми и други настани, продавници за трговија на мало каде што трговијата ја врши сопственикот.

Законот помина на владина седница на 8 јуни. Тогаш премиерот Зоран Заев изјави дека фокусот на измените е рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот, како неопходен елемент во животот на работникот.

„Оваа рамнотежа придонесува работникот да биде поефикасен и мотивиран на работното место, а од друга страна да има и приватен живот-семеен и социјален, што ги задоволува неговите потреби и потребите на неговите блиски“, изјави Заев.

Овие измени беа дел од програмата на СДСМ парламентарните избори кои се одржаа изминатото лето. Министерството за труд речиси една година работеше на измени на законот кој во Собраниска процедура влегоа летово. Спроведувањето на законот беше планиран да стапи во сила на први октомври, кога почнува и изборната кампања за локалните избори.

Според измените работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.

Со измените за законот за трговија им се налага на трговските центри кои ќе работат во недела и на празници се утврдува надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, односно тоа би изнесувало околу 1 120 000 евра, пари кои ќе се инвестираат во детски градинки.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG