Достапни линкови

Чавушоглу: Борбата против ФЕТО е важна и за Македонија


Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу на средба со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во Скопје

Многу е важно да се обезбеди СЈО, да има иднина, рече министерот Димитров на средбата со неговиот турски колега. Ние сме природни сојузници, а сега веќе ќе бидеме партнери и во НАТО, истакна шефот на дипломатијата на Турција, Мевлут Чавушоглу на денешната заедничка прес-конференција во МНР.

НАТО интеграцијата на Македонија е битна за регионот, беше кажано на денешната средба на министерот за надворешни работи Никоlа Димитров со неговиот турски колега Мевлет Чавушоглу, на која беше спомената и поддршката од Турција на патот на земјава за добивање датум за членство во ЕУ во октомври.

Осврнувајќи се на обврските што државата треба да ги исполни за да добие датум од Унијата, министерот Димитров рече дека македонскиот случај годинава во однос на ЕУ е убедлив и оти очекува да се препознае пресвртот кој е направен, со сите мани и грешки. Министерот Димитров рече дека земјава е во тренд кон функционална демократија каде владее правото. Ако Европа тоа не го валоризира многу тешко ќе се зборува за европска перспектива и за регионот, рече Димитров. Тој нагласи дека за државата е важно независно од партиските разлики да се најде начин отвореното прашање за СЈО да се затвори.

„За да нема ниту една земја која нема да биде дел од овој консензус многу е важно да се работи на правдата без разлика од каде доаѓа огрешувањето кон законот. Многу е важно да се обезбеди телото кое продуцираше резултати СЈО, да се обезбеди дека таа експертиза и резултат, ќе има иднина, која нема да се однесува само на прислушувањата туку ќе има општ мандат да се бори против високата корупција. Тоа е важно за нашето општество но тоа на неколку земји членки им е исклучително важано. Со сите министри за надворешни со кои се сретнав, го истакнаа ова прашање“, изјави Димитров.

Тој го спомна и вчерашното приведувањата на информативен разговор на менаџерот Бојан Јовановски кој е осомничен дека искористил влијание на јавен обвинител за да уценува бизнисмени. Според него расветлувањето на овој случај покажува оти проблемите се решаваат наместо да се сокриваат под тепих. Тој рече дека нема место за дефетизмот кој се јавува во јавноста.

Чавушоглу изрази поддршка и за евроинтеграцијата на земјата и кажа дека се надева оти Македонија во октомври ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. Ја најави и посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на нашата земја која е во подготовка.

„Националното Собрание на Турција го ратификува Протоколот за членство во НАТО пред мојата посета и затоа сме особено среќни. Поради изборите имавме доцнење, но сега тој процес е завршен, а откако ќе продолжи и во другите земји се надевам дека Македонија и официјално ќе биде членка на НАТО што е од суштинско значење за регионот" рече Чавушоглу.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлуд Чавушоглу, на средбата со македонскиот колега Никола Димитров, рече дека очекува од македонската влада конкретни чекори за ФЕТО на Фетула Ѓулен, кого турските власти го обвинуваат за обидот за преврат во таа земја пред три години.

„Борбата против оваа терористичка организација е важна и за безбедноста на Македонија, но и за безбедноста на регионот. Тие се присутни во повеќе од 100 земји и значи дека некој ги подржува. Очекуваме чекори на овој план. Турција од секогаш е покрај Македонија Ние сме природни сојузници, а сега и официјално ќе бидеме сојузници во НАТО“, изјави Чавушоглу.

Инаку иако се најавуваше дека Турција може да ја условува ратификацијата на протоколот за членство во НАТО на Македонија со екстрадиција на припадниците на ФЕТО кои се наоѓаат во државава, тоа не се случи, а до посетата на Чавушоглу доаѓа неколку денови по турската ратификација на протоколот.

За време на посетата на МНР официјално е пуштена во употреба техничката опрема за дигитализација на дипломатскиот архив на Министерството. Проектот е поддржан од Министерството за надворешни работи на Република Турција, а финансиран од турската агенција за соработка и координација – ТИКА.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG