Достапни линкови

Храната ќе поевтини, ќе видиме за колку


Илустрација

Намалувањето на цените на струјата за фирмите за основни прехранбени производи ќе донесе поевтинување на храната, но нејасно е дали ќе биде 10 отсто колку што очекува владата. Министерот за економија се закани со замрзнување на цените ако фирмите добијат поевтина струја, а не ја поевтинат храната.

Ако руската блокада на извозот на украинско жито не ги поремети многу берзанските цени на пченицата, наредниот месец лебот би требало да поевтини за 10 проценти, откако Владата одлучи за неколку пати да ја намали цената на струјата за производителите на основни прехранбени производи. Одлуката ќе почне да важи од 1 декември.

Горан Малишиќ од Групацијата на Мелничко-пекарската индустрија се надева дека таква одлука ќе допринесе за значајно поевтинување на лебот.

„Во еден ден се качи пченицата за 25 евра по одлуката на Русија да се повлече од договорот за дозвола на извоз на украинско жито преку Црното Море. После одреден период, кога ќе се стабилизираат цените, се очекува намалување за 10-тина проценти“, вели Малишиќ.

Русија вчера се повлече од Договорот за дозвола на извоз на жито од Украина преку пристаништата на Црното Море и ја врати поморската блокада. Цената на пченицата на светските берзи порасна за 6 проценти во еден ден, со оглед на тоа што Украина е еден од најголемите извозници на житни култури.

Цената на лебот во изминатата година речиси се удвои. Според државната статистика, храната поскапела за скоро 30 отсто, а лебот и житата за скоро 48 отсто, но впечатокот во маркетите е дека поскапувањето е уште поголемо. Просечната цена на обичен бел леб е околу 50 денари, додека лани беше двојно поевтин.

Илустрација
Илустрација

Гоце Трајчев од Групацијата на производители и преработувачи на месо вели дека не може да се каже дали ќе има поевтинување на свежото месо, додека кај сувомеснатите производи ќе има поевтинување меѓу 5 и 10 проценти.

„Ова е само мал дел, струјата е еден дел. Во нашата дејност, државата учествува со многу поголем процент. Преку царината на суровините учествува со над 20 и нешто проценти. Ние постојано го повторуваме тоа барање, а всушност тоа е изедначување на условите за стопанисување со соседството“, вели тој.

Мeтуш Абази од месната индустрија Ука комерц од Скопје вели дека поевтинувањето на струјата е добредојдено, но оти допрва треба да направат анализи за колку ќе се намали цената на финалниот производ, со оглед на тоа што тие веќе презеле мерки за намалување на потрошувачката.

„Воведовме и соларни панели за производство на електрична енергија за сопствени потреби, инвестиравме во котел на нафта, а исто и на дрва. Ние уште на почетокот на енергетската криза ги воведовме овие мерки, зашто фокусот ни е да ја намалиме потрошувачката на електрична енергија, која има голем инпут во цената на производот“, вели тој.

Министерот за економија Крешник Бектеши се закани со мерки против фирмите кои нема да ја поевтинат храната и покрај тоа што владата ќе им понуди неколкукратно поевтина струја.

„Разговаравме и со стопанските комори да нема такви злоупотреби, зашто може да донесеме одлука за целосно замрзнување на цените на одредени производи, каде што ќе се утврди дека инпутот на намалување на ставката за електрична енергија не е вкалкулиран во финалната цена на производите“, рече Бектеши.

Владата одлучи да им понудиструја по 80 евра за мегаватчас за производителите на зејтин, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи и за месната и живинарската индустрија.

Малите фирми, кои се на регулираниот пазар досега плаќаа околу 220 евра за мегаватчас, а оние на отворениот пазар во изминативе месеци плаќаа берзанска цена на струјата која одеше до 700 евра за мегаватчас.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека очекува цената на основните производи да се намали за 10 проценти.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG