Достапни линкови

Француски нон-пејпер како моментум за правната држава


илустрација

Во следните месеци земјава треба да се фокусира на реформите кои не се завршени до крај, велат аналитичарите откако Франција објави нон-пејпер за реформирање на пристапниот процес. Покрај реформите во правосудството, администрацијата, борбата против корупција, важно ќе биде да имаме чисти избори.

Откако Франција го достави таканаречениот нон-пејпер до земјите членки на Унијата во кој бара обновен пристап во процесот на проширување со земјите од Западен Балкан, домашните аналитичари велат дека она што сега е најважно е да се фокусираме на реформите во правосудсвото, администрацијата, борбата против криминалот и корупцијата.

„Ние сега треба да имаме двоен пристап, еден кон дома и кон надвор. Дома треба да се навратиме на сите стратешки документи донесени од Владата во изминатиот период, и тука мислам на реформите во областите кои беа напоменати на минатогодишниот совет и навраќање на реформите во извештајот од Прибе, со цел да покажеме континуитет во спроведувањето на реформите. Секако треба да имаме и комплетно чисти избори. На надворешен план пак Владата треба да продолжи да врши притисок, или лобирање кај други земји членки кои можат да ја притиснат Франција да донесе одлука до самитот во Загреб, без разлика дали одлуката ќе биде позитивна или негативна“, вели Зоран Нечев од Институтот за демократија.

Според Нечев, влошувањето на состојбата во одредена област, исто така , може негативно да се одрази врз конечната одлука во однос на пристапниот процес.

„Ако вас ви бараат не само промена на закон, туку и ви го следат напредокот во спроведувањето на реформите, тогаш и влошувањето на состојбата во одредена област, посебно во правосудството сигурно дека ќе влијае на самиот процес, исто како што нерегуларни избори ќе влијаат на донесувањето на одлука. Работата на Македонија е да ги заврши своите домашни работи и да има чисто досие без разлика кога таа ќе биде донесена. Секоја погрешно спроведена реформа или нерегуларни избори ќе биде дамка на самиот процес“, вели Нечев.

Според граѓанскиот активист Бесим Небиу, логиката на францускиот нонпејпер покажува дека нашиот фокус мора да биде правната држава и функционирањето на законите.

„Мислам дека не постои дилема околу тоа дека обвинителството и правосудството треба да бидат темелно реформирани. Мислам дека апсолутно треба да се фокусираме на правосудството и правната држава, функционирање на законите, на напуштање на принципот на неказнивост, високата корупција. Деновиве еве имаме неколку случаи на висока корупција кои застаруваат, не добиваат судска разрешница, а тоа е многу лош знак за тоа како функционира правната држава тука. Европските стандарди не сме ги постигнале и во другите области, но владеењето на правото е суштинско“, вели Бесим Небиу.

Според Небиу, Северна Македонија во моментот има релативно силна меѓународна позиција која може да се види преку отворената поддршка од повеќе земји членки на Европската Унија.

Четирите принципи на францускиот нон-пејпер

Според француската позиција, таканаречениот обновен пристап би требало да се заснова на четири принципи кои опфаќаат: постепено придружување, построги услови, видлива корист и реверзибилност.

Владеењето на правото и основните права, остануваат интегрално барање од моментот на отворање на преговорите до крајот и во сите области од процесот. Но, клучниот предлог на официјален Париз се однесува на усвојување на принципот на реверзибилност бидејќи е смета дека тој би обезбедил кредибилитет на процес. Во случај земјите кандидатки да имаат назадување во области во документот се наведува дека треба да има одговор од ЕУ кој би бил постепен и пропорционален во зависност од сериозноста на проблемот, а би се движел од откажување на финансиката помош, па се до целосна суспензија во случај да се доведени во прашање основните вредности на Европската унија.

Францускиот нон-пејпер ја потврдува европската перспектива на земјите од Западен Балкан и смета дека целиот регион и припаѓа на Европа врз основа на својата историја, култура и географија.

Франција предвидува и дополнителна парична помош во пристапниот процес за Западен Балкан што подразбира повеќе пари од пристапните фондови, но и пристап до структуралните фондови, кои се сега резервирани само за земјите членки на унијата.

Македонските институции внимателно го разгледуваат францускиот документ

Иако за новата методологија за проширување ќе одлучуваат земјите членки на Унијата, од македонската влада соопштија дека македонските институции внимателно ќе го разгледаат францускиот нон-пејпер за новата методологија за зачленување во ЕУ и „ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата“.

Вицепремирот за европски прашања Бујар Османи пак, деновиве изјави дека забелешките на францускиот претседател Макрон во областа на судските реформи не важат за земјава, а она што било досега сработено, според него, не може да се негира. Османи вели дека е особено важно со одобрувањето на новата методологија за проширувањето, да се определи датум за почеток на преговорите.

„Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат “, изјави Османи за Алсат-телевизија.

И од МНР соопштија дека францускиот нон пејпер внимателно го разгледуваат.

„И покрај фактот што овие предлози ќе се дискутираат и за нив ќе одлучуваат земјите-членки на ЕУ, ние како земја-кандидат и засегната страна сметаме дека во наш интерес е пристапниот процес да биде подобро структуриран и поефикасен, односно преку посилни контролни механизми и фер евалуација, да може да обезбеди конкретни придобивки и за земјата и за Унијата. Крајната цел на овој процес, секако, останува полноправно членство во Европската унија“, соопштија од МНР.

По минатонеделната средба на македонскиот претседател Стево Пендаровски со неговиот француски колега Емануел Макрон, Пендаровски рече дека од него добил гаранција дека новата преговарачка методологија ќе биде донесена најдоцна до март.

„Јас сум умерен оптимист. Не сум радикален оптимист. И од претседателот Макрон не добивме стопроцентна гаранција дека ќе има позитивна одлука до загрепскиот самит. Имавме гаранција дека ќе биде донесена методологијата што е можно побрзо, тоа значи до март најдоцна. Значи, во тој дел можеме да бидеме скоро сигурни дека така и ќе се случи. Се понатаму е политичка одлука“, изјави Пендаровски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG