Достапни линкови

Мас: Предлогот на Париз не треба да го закочи Скопје кон ЕУ


Средба на МНР Никола Димитров со Хајко Мас, МНР на Сојузна Република Германија
Средба на МНР Никола Димитров со Хајко Мас, МНР на Сојузна Република Германија

Порака за силна поддршка испрати германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Тој истакна дека Германија не е задоволна од одлуката на Европскиот совет и дека Германија ќе се заложи Македонија да добие датум за старт на преговори.

Берлин се уште го чека предлогот на Париз за новата методологија во пристапните процеси со Европската унија. Германија не е задоволна од одлуката на Европскиот совет за неодредување на датум за преговори со Северна Македонија и Албанија. Очекуваме дека со предлог методологијата нема да се смени ништо клучнo за Скопје и Тирана. Ова се клучните пораки кои од Скопје денеска ги испрати германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Тој денеска се сретна со државниот врв и со нив разговараше за поддршката на Германија на македонскиот евроинтегративен пат.

„Оној, кој ќе успее да направи болни компромиси со своите соседи, кој ќе почне долгорочни реформи, нему мораме да му ја отвориме вратата на ЕУ, тоа е духот на европскиот проект“, изјави Мас на прес-конференцијата со неговиот домаќин, шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Шефот на германската дипломатија изјави дека тој лично и неговата земја ќе се заложат во рамките на Европскиот совет да се донесе одлука со која Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ за прием.


Тој ја охрабри земјата да продолжи со реформите во правдата, борбата против корупцијата и враќањето на правната држава, за што вети целосна поддршка и помош на Берлин.

„Борбата против корупцијата и владеењето на правото се многу значајни, дури поважни од други теми. Ние ја поддржуваме Северна Македонија во областа на правната држава, преку работата на Фондацијата за меѓународна правна соработка. Оваа тема е значајна за целата Европска унија“, изјави Мас.

Тој вели дека никој во Европската унија не ја доведува во прашање пристапната перспектива на Северна Македонија.

Нагласи дека посакувал неговата посета да се одржи во подобри околности, но нагласи дека мора да се гледа напред кон иднината. Додаде дека не биле задоволни од одлуката на Советот, но напомена дека не се откажуваат.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пак, изјави дека ЕУ не смее да ја запостави земјата по направените компромиси, рече дека независно од добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Албанија, кога станува збор за членството со ЕУ, добро е секоја држава да биде оценувана одвоено, врз основа на своите заслуги.

„Тоа ќе ни даде поттик да ги срушиме и бариерите што нашиот регион го делат од ЕУ и ќе не подготват кон неповратно демократско трансформирање и мериторно интегрирање во ЕУ“, рече Димитров.

Македонија и Германија ќе направат сѐ што е потребно за позитивна одлука во скорешна временска рамка за да се овозможи европскиот пат на Македонија, било речено на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и Мас се наведува во владиното соопштение.

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски по средбата со Мас соопштија дека тие размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави.

„Претседателот Пендаровски на министерот Мас му се заблагодари за силната поддршка од германска страна за отворање на пристапни преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија, за искажаната солидарност со државата по последниот Европски совет, како и за фактот што Германија го држи прашањето за проширувањето во фокусот на агендата на ЕУ“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Претседателот изразил очекување дека наскоро ќе се дефинира новата методологија за водење на пристапните преговори и ќе биде донесена одлука за почеток на пристапните преговори.

Мас ја посетил и опозицијата. Во соопштението по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е наведено дека бил потенциран интересот за продлабочена соработка, и јакнење на политичката и економска соработка.

„Мицкоски истакна дека претстојат промени во државата, пред се поради економските, но и политички потфрлања на Владата кои влијаат врз животот на граѓаните и немањето на концепт и визија на актуелната власт. Мицкоски истакна дека со оваа влада евроагендата
завршува во слепа улица, иако интеграцијата во ЕУ преставува врвен стратешки интерес на Република Македонија, се наведува во соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Очекувањата се новата методологија за пристапните преговори на земјите кандидатки за членство во Европската унија да биде усвоена до март следната година, но дотогаш според експерти важно е Германија и Франција да ги приближат ставовите, бидејќи нивниот расчекор е евидентен во однос на повеќе политики во ЕУ, вклучително проширувањето.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG