Достапни линкови

Нанев - Онлајн судењата се новата реалност


Нанев - За жал се уште имаме „тромаво“ судство
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:34 0:00

Нанев - За жал се уште имаме „тромаво“ судство

Замислете во прекршочна постапка, каде што обвинето лице живее во Скопје, а постапката се води во Охрид. Зошто би било потребно за пет минути давање изјава, цел ден да патува од Скопје во Охрид, кога таквата изјава може да се даде по електронски пат, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа судијата Лазар Нанев, прв човек на Основниот суд во Кавадарци и претседател на Комисијата за дигитализација на судството.

Господине Нанев, неодамна го промовиравте проектот за дигитализација во судството. На хартија проектот изгледа одлично, но како е на терен? Како ќе се спроведува оваа реформа во судови во кои нема доволно компјутери и добра интернет покриеност?

Дигитализацијата и интероперабилноста се процеси кои неминовно се поврзани со виртуелната поставеност на целокупниот правосуден систем во нашата држава и тоа е реалност којашто директно беше поврзана со пандемијата со ковид, меѓутоа неспорно е дека процесот на дигитализација и интероперабилноста, како основни алатки коишто треба да се користат во наредниот временски период треба да ја подобрат ефикасноста и ажурноста. Се согласувам и неспорно е дека немаме доволно човечки ресурси, односно човечки капацитети коишто можат да одговорат на потребата, но истовремено потенцирам дека заедно со донесувањето на оперативниот план донесени се и заклучоци во коишто државата гарантира дека во наредниот временски период, почнувајќи од 2021 па во неколкуте наредни години ќе овозможи вработување на нов човечки потенцијал, и тоа информатичари и стручни соработници коишто ќе имаат обврска истовремено да ги користат современите оперативни алатки, но истовремено ќе можат да ја обезбедуваат и гарантираат одржливоста на целокупната опрема.

Дигитализацијата подразбира и онлајн судења. Вие како претседател на Кавадаречкиот суд веќе имате вакво искуство. Колку се ефикасни ваквите судења и дали воопшто има потреба од нив во период кога нема некоја вонредна ситуација како што беше пандемијата?

Онлајн судењата се новата реалност, коишто иако ние ги поврзавме и започнавме со овој процес на нивно реализиравме во нашата држава со појавата на пандемијата со ковид-19, меѓутоа тоа е реалност во поголем дел од развиени правосудни системи, каде што постапките во коишто една странка, дали е тоа сведок, вештак или обвинет физички не е присутен во судницата да може од аспект на ажурноста и ефикасноста на судењето да се одржи. Ќе имаме одредени хибридни судења, каде што немаме класично онлајн судење, затоа што дел од странките се присутни во судницата, а други се наоѓаат на друго место. Ова особено се нагласува кај полесните кривични дела или кај прекршоците. Ќе ви дадам еден пример. Замислете во прекршочна постапка, каде што обвинето лице живее во Скопје, а постапката се води во Основниот суд во Охрид. Зошто би било потребно за пет минути давање изјава на обвинетото лице да губи драгоцено време, цел ден да патува од Скопје во Охрид, кога таквата изјава може да се даде по електронски пат, односно преку воспоставена двонасочна комуникација.

Во последните извештаи на Европската унија и на Стејт департментот имаше и позитивни коментари во делот на реформите во судството, но и покрај тоа перцепцијата во јавноста е сосема поинаква, односно не е променета или многу од граѓаните сметаат дека на судството не може да му се верува. Има голема недоверба кон судските инстанци. Зошто и покрај реформите за коишто зборуваме дека се во тек или за кои има добра волја да бидат спроведени, перцепцијата во јавноста не може да се промени?

Таквата перцепција е сосема оправдана, и од страна на меѓународната заедница и пред сè од домашната јавност, бидејќи сите очекуваме брзо, ефикасно, ажурно судство кое ќе создава и креира правосудни одлуки кои ќе можат брзо и ефикасно да се извршуваат. За жал, ние сè уште имаме „тромаво“ судство во кое граѓаните во најголем дел не се задоволни од одлуките што ги носат судиите. Мислам дека периодот којшто е пред нас мора да создаде една критична маса на судии коишто заеднички ќе мора да го имплементираат и меѓународното законодавство, да ја користат судската пракса за да создадат квалитетни одлуки, односно одлуки коишто ќе бидат во интерес на граѓаните и во интерес на владеењето на правото, затоа што тоа е вистинскиот начин, преку ажурноста, односно брзото пресудување. Знаете, неефикасноста на правосудниот систем ја создава таа перцепција за недоверба во судскиот систем. Народот вели дека бавната правда всушност не е правда и дека бавната правда е под директно влијание на одредени коруптивни влијанија. Затоа велиме дека дигитализацијата којашто длабоко веруваме дека ќе се оствари во наредниот временски период, во 2021, значи оваа година, директно ќе донесе ефикасност, ажурност, значи некочење, до пристап до правда и на крајот, она што е многу битно, до намалување на коруптивните елементи во нашиот правосуден систем.

Целото интервју со судијата Лазар Нанев може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG