Достапни линкови

УКИМ бара ексклузивност, инспекцијата испитува дали е законски


Изјава за упис на УКИМ

Просветните инспектори вршат надзор во неколку факултети на УКИМ поради изјавите што ги барале од студентите при упис да потврдат под кривична и морална одговорност дека не конкурирале паралелно и на друг универзитет. Правниците велат - ова е противзаконско. Од УКИМ пак со свое објаснување.

Просветни инспектори влегоа во Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ затоа што на студентите при упис на некои од факултетите им било барано да потпишат изјава под целосна морална и кривична одговорност дека не конкурирале на друг универзитет во земјава или странство.

Од просветниот инспекторат за РСЕ велат дека инспекторите вршат надзор на неколку факултети и доколку се утврдат неправилности, инспекторатот ќе го поништи решението на УКИМ и ќе бидат повлечени изјавите.

Првиот човек на инспекторатот Ардиан Муслиу вели дека барањето вакви изјави од студентите е незаконско, бидејќи студентот има право паралелно да студира и на два факултети ако сака.

„Ние веднаш реагиравме и инспекторите се на терен. Доколку се утврди дека се нарушува законската регулатива или подзаконските акти, ние ќе преземеме соодветни мерки кои што ни се на располагање согласно законот, ќе дадеме решение да се поништат и повлечат овие одлуки односно изјави и да се врати на првобитната состојба“, вели Муслиу.

Според законот за високо образование членот 150 во делот на правата на студентите стои дека

„Студентот има право да студира истовремено на повеќе студиски програми од различни специјалности и да изучува дополнителни курсеви“.

Објаснувањето на УКИМ пак е дека воведувањето на изјавата е за да се запази правичноста во рангирањето на студентите во соодветните квоти.

„По воведување на вонредната состојба, заради заштита на здравјето на студентите од пандемијата, се промени востановената практика за доставување на оригинални документи, преку електронско пријавување со приложување на документацијата во скенирана форма, со што се усложни целата постапка за правичност во рангирањето на студентите во соодветните квоти. Со тоа се отвори теоретска можност кандидатите да се запишат во државна квота на повеќе државни универзитети, што од друга страна значи ускратување на правото за рамноправност на други студенти да се запишат во државна квота на саканиот факултет. Тоа е особено важно за студиските програми за кои има поголем интерес за запишување во државна квота“.

Од УКИМ тврдат дека ова не се однесува за паралелното студирање кое како што велат е под друг правен режим.

„Со цел да се надмине ваквата појава, Универзитетската конкурсна комисија во Упатството за реализација на Конкурсот за учебната 2020/2021 година воведе давање на изјава од страна на кандидатот дека не доставил/а документи, односно не конкурирал/а и на друг универзитет во земјата и во странство“, стои во одговорот на УКИМ.

Сепак, според дел од професорите потпишувањето на ваква изјава нема правен основ.

Професорката на Правниот факултет Ана Павлова Данева вели дека одлуката за овие изјави е на ректоратот, но според неа нема правен основ.

„Ги разбирам причините, но не и правниот основ, тоа е одлука на Ректоратот. Веројатно поради некои злоупотреби кога студенти се запишувааат на повеќе факултети и приватните кои нудат стипендии потоа ги повлекуваат од кај нас одат на приватни, можам да ги разберам причините за ова, но не и правниот основ“, вели професорката Ана Павлова Данева од Правниот факултет.

Средношколскиот сојуз со осуда , кај студентските организации молк

Од Студентското собрание нема одговор дали до нив пристигнале некакви поплаки од студенти, дали се запознаени со ова барање на УКИМ, ниту пак кој е нивниот став.

Од таму ни одговорија дека мандатот на претседателката е истечен и во моментов нема активни членови на собранието кои би можеле да дадат изјава на која било тема поврзана со студентите.

Недостапна беше и студентската правобранителка.

Од средношколскиот сојуз пак со осуда за ваквите барања.

„Ваквата пракса ја осудуваме од принципиелна и од законска причина, законот за високо образование не познава факултетите да поставуваат вакви услови и да бараат изјави под кривична одговорност од нивните кандидати дека не аплицирале во други универзитети или во странство“, вели претседателот на Средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ.

Павиќевиќ додава дека во многу малку земји има вакви ограничувања, а за да се зголеми нивото на образованието вели треба да се негуваме принципот на отвореност, а не да се ограничуваат студентите на една опција.

„Еве на пример од лично искуство можам да кажам дека во Англија имаат право учениците да аплицираат дури на пет факултети и подоцна тие да си одберат кој универзитет сакаат да го посетуваат. Во САД на пример нема ама баш никакво ограничување“, додава Павиќевиќ.

Според објавениот конкурс на УКИМ за упис на факултетите сите матуранти кои сакаат да аплицираат за студирање на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, не смее да се пријават на ниту еден друг универзитет во земјава или странство.

За ова, апликантите треба да достават писмена изјава во која е нагласено дека може да сносат материјална и кривична одговорност.

Во изјавата која апликантите за упис мора да ја потпишат, стои:
„Под морална, материјална и кривична одговорност изјавувам дека немам поднесено документи и не сум конкурирал за упис на друг универзитет во земјата или странство.“

Покрај оваа изјава, идните студенти, мора да потпишат и изјава со која им се ограничува временското право за повлекување на поднесените документи.
„Изјавувам дека доколку се запишам на факултет нема да ги барам оригинални документи (свидетелствата) најмалку три месеци.“, стои во пишаната изјава која треба да ја потпишат идните студенти на УКИМ.

Од УКИМ велат дека тоа е поради потребата од обработка на обемната документација и ограничените административно-технички капацитети на факултетите, како и непредвидливите состојби предизвикани од пандемијата

„По завршување на потребната обработка, документацијата беше враќана на студентите“, додаваат оттаму.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG