Достапни линкови

КОВИД-19 и општествените пукнатини


Александар Каратошо, млад европски амбасадор од Западен Балкан.
Александар Каратошо, млад европски амбасадор од Западен Балкан.

Недостатокот на консензус за клучни национални прашања како здравството, образованието и надворешната политика е сериозен проблем и опасна закана за опстанокот на нацијата, пишува Александар Каратошо претседателот на граѓанска организација Youth Empowerment Association.

После повеќе од една година помината во пандемија излегоа на виделина сите системски пукнатини во општеството, кои за жал чинеа повеќе од 4,300 животи на наши сограѓани. Најмалку што можеме да направиме е да ги извлечеме суштинските поуки од оваа кризна состојба и да се обидеме да ги имплементираме во иднина со цел да се избегне загубата на уште повеќе човечки животи, но и да не се повтори ваков срамен национален дебакл на секое поле.

Прво, редно е да се опфати здравствениот систем, кој покрај тоа што отсекогаш бил во лоша состојба, во моментов функционира на респиратори поради истоштеноста на медицинскиот персонал во борбата со вирусот, како физички така и психички. Иако Македонија постојано се наоѓа меѓу најлошите 10 држави во светот во поглед на стапката на смртност по глава на жител, сепак клиентелизмот успеа да го попречи професионализмот кога се оправда одржување на целосно непотребни партиски избори со учество на еден кандидат и, уште поапсурдно, реализација на попис на населението, додека сите останати држави го откажуваат.

На било кој граѓанин, без разлика на неговите епидемиолошко-медицински познавања, би му било јасно дека секојдневното шетање на еден попишувач во десетици домови во времетраење од 3 недели во период кога постојано се отвораат нови КОВИД центри поради недостаток на болнички легла е налудничаво, нешто кое не можеме да си го дозволиме. За среќа, пописот се одложи, а институциите конечно собраа храброст да престанат со манипулации и пласирање на бескорисни мерки и воведоа сериозни и неопходни рестрикции, иако со огромно задоцнување.

Од друга страна, навистина срамна е глетката на илјадници македонски граѓани кои одат во Србија да примат вакцина поради неспособноста на домашните институции да ги обезбедат истите, иако треба да чувствуваме благодарност за нивната солидарност. Сепак, за набавката на вакцини не е виновно само Министерството за здравство, со што дефинитивно се увиде дека ја имаме најслабата политичка и дипломатска позиција во регионот, за разлика од Србија која се покажа како лидер на Балканот. Вреди да се запрашаме зошто е така, нели?

Причината е едноставна, а таа е дека не дозволи мешање на политика кога е во прашање здравјето на граѓаните! Ефикасноста на вакцината не зависи од тоа дали таа има азиско, европско или американско потекло, туку од целиот научен и производствен процес кој стои зад неа и резултатите кои ги покажува во клиничките студии, но и апликацијата во светски рамки. Според ова, приоритет треба да бидат нејзината ефикасност и безбедност, а не нејзиното потекло.

Стремежот на македонската нација за приклучување кон европското семејство не подразбира прекин на билатералната комуникација и соработка со трети земји доколку се во прашање националните интереси и потребите на граѓаните. Со ова повторно се докажа погрешната „all in“ политика во споредба со нашиот северен сосед, кој покрај тоа што веќе има започнато преговори со Европската Унија, има подобри економски резултати, повеќе инвестиции и статус на сериозен регионален фактор. Мора да биде јасно дека изолирањето од останатиот дел од светот и кратењето на можности може само да ја влоши положбата на државата и ништо повеќе.

Економијата, пак, е на стаклени нозе со оглед на тоа што според последните податоци се увиде дека во текот на последната година има над 3,000 компании избришани од Централниот регистар и над 50,000 нови невработени пријавени во Агенцијата за вработување. Дополнително, мора да се сфати сериозно и фактот дека за првпат од нашата независност јавниот долг ја надмина границата од 60% од БДП, кој пак е еден од критериумите за влегување во еврозоната и преземањето на еврото како национална валута. Ваквиот удар врз кревка економија како македонската може да биде фатален, односно би резултирало со рецесија и долготраен процес на заздравување.

Голем број на држави се обидоа да ги решат економските проблеми преку државна интервенција, но во Македонија владините мерки се покажаа како недоволни, особено во поглед на приватните компании, со што скоро немаат никаков ефект за економијата. Тука треба да се забележи и одливот на мозоци, како еден од најсериозните проблеми на Балканот, кој станува уште пострашен кога ќе се земе во предвид сето ова. Преку правилни политики и соодветни инвестиции може да се допринесе за развој на секој сектор, но човечкиот капитал е бесценет затоа што не може да биде купен, ниту креиран преку ноќ.

Реформите кои ги препорачува Европската Унија треба да бидат едни од главните водичи за тоа како треба да го обликуваме општеството, но нивното печатење на хартија нема да промени ништо, исто како и долгоочекуваниот почеток на преговори за членство. Тие реформи треба да се спроведат со цел да се зголеми квалитетот и благосостојбата на населението со што вистински би се доближило до европските стандарди, а не само да се злоупотребуваат популистички во изборните кампањи.

Дополнително, недостатокот на консензус и соработка за клучни национални прашања како здравството, образованието и надворешната политика е сериозен проблем и опасна закана за опстанокот на нацијата. КОВИД-19 не избира кого ќе нападне според неговата партиска определба, вакцини нема за никого подеднакво, економските последици не ги чувствува само една одредена религиска група, а нефункционалноста на функционерите ја чувствуваат сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка припадност. Кога институционална и лична одговорност се непознати поими, граѓаните, истите тие кои ги финансираат преку буџетот, треба гласно да ја бараат одговорноста доколку сакаат да изградат подобро општество за идните генерации, или барем да ја запрат корозијата на постоечкото.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG