Достапни линкови

Аларм во Вашингтон - Трамп го реконструира врвот на Пентагон


илустрација

Министерството за одбрана на САД објави големи кадровски смени на врвот на Пентагон. На неколку клучни позиции се поставени луѓе лојални на претседателот Доналд Трамп. До ова дојде еден ден еден ден откако Белата куќа го разреши министерот за одбрана Марк Еспер.

Реконструкцијата во Пентагон предизвика загриженост кај демократите и воените претставници во врска со националната безбедност на САД и политизацијата на Министерството за одбрана во време кога на републиканецот Доналд Трамп му преостануваат само 70 дена на функцијата и кој одбива да прифати дека Џо Бајден победи на претседателските избори.

Администрацијата на Трамп ја задржува транзиција кон тимот на Бајден

Овие смени, според наводите, може да го олеснат спроведувањето на политиките на Трамп на кои се спротивставија Еспер и другите, вклучително и распоредување активни војници за смирување на уличните протести.

Со реконструкцијата се зголемува можноста Трамп да спроведе други политики, како што е потенцијалното наложување за целосно повлекување на американските сили од Авганистан.

Њујорк Тајмс објави дека претставници на Министерството за одбрана изразија загриженост оти Трамп може да започне тајни или отворени операции против Иран пред Бајден да се обиде да ги смири тензиите меѓу двете земји.

Трамп го објави отпуштањето на Еспер на Твитер на 9 ноември, заменувајќи го со Кристофер Милер, кој беше директор на Националниот центар за борба против тероризмот.


Во пресрет на заминувањето на Еспер, главниот советник за политички прашања на Пентагон, Џејмс Андерсон, поднесе оставка, а на негово место дојде Ентони Тата, пензиониран армиски бригаден генерал, кој го нарече поранешниот претседател Барак Обама „терористички лидер“.

Тата не помина на сослушувањето во Сенатот во август и ги извршуваше должностите на заменик-потсекретар за одбрана.

Бајден прогласен за победник, Трамп не признава

Езра Коен-Ватник, познат по неговите цврсти ставови спрема Иран, ќе го замени Џозеф Кернан како потсекретар за одбрана задолжен за разузнавањето. Коен-Ватник, кој влезе во администрацијата на Трамп како помошник на поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, беше главен функционер на Пентагон за специјални операции.

Пентагон соопшти дека Кеш Пател, кој беше главен советник за борба против тероризмот во Советот за национална безбедност на Белата куќа, ќе биде шеф на кабинетот на Милер. Пател стана добро познат преку неговата работа со републиканците од Домот, истражувајќи ги врските на Трамп со Русија.

Измените во Пентагон предизвикаа загриженост за намерите и потенцијалот на Трамп за попречување на непречена транзиција кон администрацијата на Бајден.

Демократскиот конгресмен Адам Смит, инаку претседател на Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, изјави дека ваквата реконструкција на највисоко ниво во Пентагон е „опасна“ за време на периодот на транзиција.

„Оставката на највисокиот професионалец во Министерството за одбрана следниот ден по отпуштањето на министерот за одбрана може да означи почеток на процес на осипување на Министерството - нешто што треба да ги вознемири сите Американци“, рече Смит, додавајќи;

„Се чини дека хаосот сега стигна во Пентагон. Оставката на вршителот на должноста на секретарот Андерсон е уште поалармантна од неговата претпоставена замена, Ентони Тата, чие проблематично минато го спречи да добие потврда од Сенатот. Ако ова е почеток на трендот - Претседателот или отпушта или принудува професионалци за национална безбедност со цел да ги замени со луѓе кои се сметаат за лојални кон него - тогаш следните 70 дена ќе бидат во најдобар случај – несигурни, а во најлош слушај - целосно опасни“.

Кој решава кој ќе биде идниот претседател на САД?

Избраниот претседател Бајден пак, вети дека „ништо нема да го спречи“ трансферот на власта во САД по неговата изборна победа. Тој, зборувајќи во неговиот роден град Вилмингтон, Делавер, ја минимизираше загриженоста дека одбивањето на претседателот Доналд Трамп да го признае изборниот процес може да ја наруши националната безбедност. П

ретходно американскиот државен обвинител Вилијам Бар ги овласти федералните обвинители да отворат истраги за нерегуларности во гласањето, и покрај тоа што нема докази за поддршка на тврдењата на претседателот Доналд Трамп дека тој ги загубил претседателските избори од демократот Џо Бајден со измама.

Бар, близок соработник на Трамп, беше обвинет од критичарите и демократите за повеќекратно политизирање на системот на правдата за време на неговиот мандат.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG