Достапни линкови

Тајна е колку новинари имале безбедносен сертификат


Илустрација, архива
Илустрација, архива

Многу новинари досега по разни основи добивале безбедносни сертификати, но во моментов ниту еден новинар нема важечки безбедносен сертификат, велат од Дирекцијата за безбедносни класифицирани информации за РСЕ. Но, не кажуваат кои и колку новинари имале таков сертификат досега.

Државна тајна, строго доверливо и доверливо се највисоките степени на тајни до кои во моментов ниту еден новинар нема пристап, но тоа не значи дека досега немале таков пристап, велат од Дирекцијата за класифицирани информации. На прашањата кои и колку новинари досега имале пристап до државните тајни со пропусница – „безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации“, одговор не добивме од Дирекцијата затоа што ,како што велат „тоа не е информација од јавен карактер“.

Но, оттаму во писмениот одговор велат дека досега биле издавани безбедносни сертификати за пристап до класифицирани информации на новинари.

„Од досегашната пракса Дирекцијата има издавано безбедносни сертификати за пристап до класифицирани информации и на новинари кога учествувале или придружувале делегации на Република Северна Македонија во НАТО Штабот во Брисел или посета на Мисиите на АРМ во Авганистан“, се вели во одговорот од Дирекцијата.

Дел од новинарите кои правеле репортажи за македонските војници во Авганистан велат дека таков документ не потпишале.

Од Дирекцијата велат дека пристап до класифицирани информации се издаваат на луѓе за кои постои потреба за таков пристап до степен „Доверливо и нагоре“ вклучувајќи ги и новинарите.

„Потребата за пристап до класифицирани информации ја одредува создавачот на информацијата и по утврдување на потребата се врши распределување на класифицирани информации до сите лица за кои создавачот ја утврдил потребата за пристап, “ објаснуваат од таму.

ЗНМ загрижени од понудата на Иванов

Прашањето за пристап до класифицирани информации се наметна во јавноста откако уредникот во националната 1ТВ Сашо Ордановски во тек на интервју одговорајќи на прашање од соговорникот потврди дека има сертификат за пристап до класифицирани информации.

Неодамна, пак, Здружението на новинари изрази сериозна загриженост што Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов им понудил безбедносни сертификати на одредени новинари во име наводно на поголема транспарентност.

„Имаме сериозни информации дека најголем дел од новинарите што се повикани на брифингот во кабинетот на Претседателот потпишале бланко барање за добивање безбедносен сертификат, без да имаат можност да се информираат за правата и обврските на носителите на ваков сертификат и како тоа ќе се одрази на нивната работа. Сметаме дека доделувањето на вакви сертификати за новинари од безбедносните служби претставува притисок врз новинарската професија, со тоа што новинарите од стожери на јавниот интерес ги претвара во државни службеници. Ваквиот непромислен потег на претседателот Иванов ја загрозува и слободата на медиумите и претставува обид за контрола, затоа што поврзување на новинарите со безбедносните служби дополнително ќе ја зајакне самоцензурата“, беше наведено во тогашното соопштение на ЗНМ.

Иванов потврди дека барал да се издадат безбедносни сертификати на новинари за тие да учествуваат во работни тела на седниците на Советот за безбедност кој треба да ја донесе стратегијата за одбрана.

„Во планираните активности очекуваме од новинарите да дадат сугестии за начинот на информирање на јавноста за подигнување на свеста и безбедносната култура за работа со класифицирани информации заради постоење на висок ризик од генерирање лажни вести и планиран истек на информации, што врши ерозија на институциите“, стоеше во реакцијата од кабинетот на Иванов.

Од Дирекцијата беа децидни дека во моментов тие немаат издадено важечки безбедносен сертификат на ниту еден новинар.

Треба ли новинарите да имаат безбедносни сертификати?

За тоа, пак, дали новинари треба да имаат пристап до класифицирани информации – фелата е поделена.

Кој е јавниот интерес за еден новинар да има пристап до класифицирани информации кои не смее да ги објави, прашува Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии.

„Првото прашање што треба да го поставиме е што ќе прават со тие информации. Ако се класифицирани информациите тоа значи дека тие не смеат да ги објавуваат. Ако се работи за јавен интерес или направат тест на штетност, и проценат дека одредена класифицирана информација е погрешно класифицирана, па ќе ја објават и ќе го прекршат законот, тогаш се поставува прашањето зошто давателот на оваа дозвола воопшто му ја дал на новинарот за да ја види класифицираната информација“ вели Трајкоска.

Сертификатите кои ги добиваат кога одат во НАТО или во посета на одредени безбедносни или воени структури е јасно зошто ги добиваат, за да можат да влезат во одредено седиште и да известуваат од таму, додава таа. Но,секогаш мора да се тргне од премисата дека новинарот работи во интерес на граѓаните, и тогаш е клучно прашањето за што ќе му биде потреба таа информација добиена со сертификат, дали ќе ги користи за својата работа или за нешто друго што не е дел од професионалните стандарди во работата на еден новинар.

Новинарката Мери Јордановска која работи на истражувачки стории вели дека потребно е новинарите да поседуваат безбедносен сертификат затоа што во текот на новинарските истражувања честопати и се случува да доаѓа до мртва точка - голем број од класифицирани информации.

„Кај нас не постојат во пракса нормативи кои треба да бидат класифицирани а кои не, и оттаму секој функционер и секој министер како доаѓа на позицијата едноставно си има право да си ги класифицира тие информации кои што не сака да бидат обелоденети во јавноста, а не затоа што таа информација и нејзиното обелоденување би било штетно за уставниот поредок и безбедноста како што предвидува законот,“ вели Јордановска.

Таа додава дека доколку се овозможи пристап мора тоа да се изведе многу претпазливо затоа што и медиумскиот простор се уште е на нестабилни нозе и да се одбегне злоупотреба на класифицираните информации.

Јордановска вели дека класифицираните информации може да им послужат на новинарите како појдовна точка во истражувачки стории без притоа да бидат објавени деталите кои ги содржат класифицираните информации.

Сертификатите имаат рок на употреба

Во една долга судска постапка новинарот Емил Зафировски се соочи со можна затворска казна за серија текстови за аферата со шверц на армиско оружје, кога објави во 2004 та година строго доверливи документи на Министерството за одбрана како доказ дека раководни луѓе знаеле за нелегалната трговија. Обвинителството првично покрена обвинение за оддавање на воена тајна во 2007 мата година, но по соочување со аргументите одлучи да го повлече обвинението во 2010 година.

Според законот за класифицирани информации злоупотребата на сертификатот се казнува до 500 до 1500 евра за физички лица и илјада до 3 илјади евра за правни лица.

„Безбедносниот сертификат не овозможува пристап до класифицирани информации по автоматизам. За да може да се има пристап до класифицирани информации покрај поседување на безбедносен сертификат треба да биде застапен и принципот „потребно е да знае“ според кој се утврдува потребата до пристап на класифицирани информации заради извршување на задачите“, велат во одговорот од Дирекцијата.

Сертификатите имаат и рок на употреба, на пример „државна тајна“ и „строго доверливо“ важат пет години додека безбедносниот сертификат издаден за информација класифицирана со степен „Строго доверливо“ важи десет години.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG