Достапни линкови

Неделен печат - „Партиски пушки во Министерството за одбрана“


Неделни и дневни весници
Неделни и дневни весници

Неделникот „Форум“ во своето ново издание донесува статија со наслов „Партиски пушки во Министерството за одбрана“ во која што пишува дека ова Министерство ги изигрува законите и ги злоупотребува конкурсите за вработување во АРМ. Поплавите, азилантите и работата на УБК се теми со кои што се занимаваат останатите неделници.

Малверзации во министерството за одбрана, во министерството за здравство, афери во министерството за правда, има ли контрола најмоќната служба во државава, Управата за безбедност и контраразузнавање со измените во Законот за следење на комуникациите, што пред две години ги направи токму партијата на власт, кавги меѓу локалните и централната власт – поплави низ цела земја, најмногу во Охрид и Струга. Навистина е тешко да се направи избор на темите од домашните неделни магазини. Највпечатлива, некако, ми е статијата во „Форум“ со наслов „Партиски пушки во Министерството за одбрана“ од новинарот против кој државата неодамна имаше поднесено кривична само поради тоа што човекот пишувал за малверзации со купување на оружје, а тоа било издавање државна тајна! На примерот на младата Марија Костадиновска, новинарот Емил Зафировски со документи докажува дека МО ги изигрува законите, а извори на „Форум“ од тоа Министерство велат дека не е прв пат да се злоупотребуваат конкурсите за вработување во АРМ, па дури и дека луѓе од Министерството за одбрана не ретко се јавувале по општинските партиски организации да бараат лица подобни за вработување и во Министерството и во АРМ! „Нема закон за братучедот на Груевски“ ја најавува на насловната „Фокус“ анализата за тоа дали некој ја контролира УБК и нејзиниот шеф, Сашо Мијалков. Формално-правно, на Мијалков би требало „нозете да му клецаат“ - пишува „Фокус“- поради бројните механизми за надзор на ресорот што тој го има. Но, неформално, актуелниот шеф важи за моментно најмоќна фигура во Македонија: како прво, самата позиција директор на УБК е страва, второ, Мијалков е братучед на премиерот Груевски, што би се рекло, човек од фамилијата, и трето, првиот човек на тајната полиција е висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ. Сето тоа го наметнува најлогичното прашање: кој го контролира моќниот братучед? Одговорот е – поразителен - заклучува „Фокус“. За „Реката од азиланти што тече кон Брисел“, „Глобус“ објавува долга статија во која, покрај другото пишува дека во надеж за подобар живот за два месеци штипската ромска населба речиси се испразнила, а бројот на заклучените куќи се зголемувал. Белгија ги предупреди македонските власти дека нејзини граѓани ја злоупотребуваат визната либерализација, пренесува „Глобус“. Неделникот „Сега“ се осврнува на загрижувачката појава, младите од земјава, организирани во разни групи преку социјалните страници на интернет , Фејсбук, на пример, под формата „патриотизам“ се' повеќе да ја шират тезата „чист народ, чиста држава, еден водач“. Малкумина се свесни, нагласува неделникот, дека тоа е копија на фашистичката бајка на Адолф Хитлер - и во насловот забележува: „Фашисти, хејтери и стрејтери – сите во одбрана на Македонија!“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG