Достапни линкови

Чадиковски - Преодна оцена за односот на власта кон медиумите


Реформите во медиумите вистински тест за власта
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:29 0:00

Реформите во медиумите вистински тест за власта

Со промена на власта има поголема транспарентност и отчетност, но сè уште има проблеми со кои се соочувавме. Се уште има притисоци, навреди, закани од министри и далеку е од тоа да бидеме задоволни, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Како го оценувате односот на актуелната власт кон медиумите?

Самата смена на актуелната власт донесе една смена на односот кон медиумите, но повторно ќе речам дека таа не е доволно, доколку сметаме дека сакаме да имаме системски промени во медиумите. Да, има поголема транспарентност, поголема отчетност, тоа може да се забележи, но повторно ќе речам оние остатоци на проблемите со кои се соочувавме се уште се соочуваме. И денеска имаме министри кои се закануваат со тужби на новинари и денеска имате министри што квалификуваат медиуми на овој или оној начин и денеска имате министри што наместо да одговараат на новинарски прашања тие одговараат со контра прашање, најчесто во иронична смисла или во некоја друга смисла која би требало да го навреди новинарот. Тоа не е добро, така што односот кон медиумите може да добие некоја преодна оценка, меѓутоа далеку од тоа дека треба да бидеме задоволни. Вистинскиот тест допрва претстои кога треба да ги видиме реформите коишто треба да претстојат во медиумите и особено она за што ние со години се залагавме, тоа е да се раскинат врските и релациите на власта - бизнис центрите на моќ со медиумите на начин што медиумите може да бидат корумпирани.

ЗНМ го предлага поранешниот претседател Насер Селмани за член на Агенцијата за аудио и аудиовизиуелни медиумски услуги. Зошто токму тој?

ЗНМ транспарентно објави јавен повик на којшто требаше да се јават заинтересирани новинари за да бидат предложени од страна на ЗНМ како членови на Агенцијата. Тој беше еден од кандидатите што се пријави. Се пријавија вкупно четворица кандидати, имаше уште неколку пријави коишто беа непотполни, бидејќи ние баравме кандидатите да поднесат и програма за работа во работењето. Баравме човек што стриктно ќе ги штити интересите на новинарите во Агенцијата за медиумски услуги. Управниот одбор одлучи дека од кандидатите што беа дека тој би бил најсоодветно решение со оглед на тоа што дел од кандидатите коишто исто така беа пријавени претходно биле во раководни тела од вакво карактер како што е Агенцијата или Советот за радиодифузија, исто така предложени од ЗНМ, па управниот одбор сметаше дека не би требало повторно да се предлагаат сити луѓе за исти позиции, бидејќи на крајот на краиштата ЗНМ произведува новинари коишто треба да се борат за правата на новинарите, а не сака да произведува функционери коишто ќе бидат постојано дел од некакви тела. Значи го баравме интересот на новинарите и Управниот одбор сметаше дека програмата и кандидатурата на Селмани е најдобра.

Ве прашувам бидејќи некои медиуми пишуваа дека поддршката била за возврат на неговата поддршка Вие да бидете претседател на здружението на новинари на Македонија.

Прво тоа не може да биде така од аспект на тоа што одлучува Управниот одбор на ЗНМ, Управниот одбор со мнозински гласови тоа го одлучи, а второ мене не ми е ни до крај познато на кој тоа начин Селмани лобирал во претходното изборно собрание, така што тоа се само шпекулации и мислам дека квалитетот и она што се вели нашата визија за тоа каков човек треба да биде тој што ќе ги брани новинарските интереси, пресуди при управниот одбор на ЗНМ.

Вашиот претходник Селмани беше против државно финансирање на медиумите, но сега се најавува фонд за медиуми од страна на владата за подобрување на финансиската состојба во медиумите. Кој е вашиот став во однос на ова прашање?

Да, ние сме запознаени со тоа дека има обиди да се формира некаков фонд за медиуми. Ние принципиелно сме против јавни пари во медиумите. Тоа сум го истакнал и пред да станам претседател на ЗНМ и сега сум на истото мислење дека јавните пари, државните пари во медиумите досега не создадоа ништо добро во медиумскиот простор, впрочем ете што се случи во последните десетина година со тие пари во медиумите паднавме на најниско ниво во регионот, бидејќи тие пари и мерки во голем дел беа користени како обид за корупција на медиумите, така што ние сметаме декамакедонското општество се уште не е зрело за формирање на модел кој што ќе дозволува јавни пари во медиуми, особено кога станува збор за електронските медиуми. Од друга страна пак сметаме дека постојат локални и регионални медиуми кои треба да имаат извесна поддршка во функционирањето. И мислиме дека тоа може да се заврши преку таканаречени непарични вложувања, што би значело извесни даночни ослободувања, извесни ослободувања од давачки кои овие медиуми ги плаќаат кон државата и кон разни агенции и други државни институции. Тие се обременети со сето тоа, сето тоа се пари, но кога тоа на една хоризонтална основа во локалните и регионалните медиуми би било ослободено, тоа би значело многу за нивното финансиско работење и за вработување на нови луѓе. Тука би можело да бидат предвид и субвенции за вработувања во тие локални медиуми, но не заподелба на пари нетранспарентно и без каква било основа во медиумите.

Целото интервју со претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG