Достапни линкови

Студентите и вртат глава на корупцијата


Илустрација. Студенти, факултети, студент. УКИМ.

Истражувањата сведочат за прилична застапеност на корупцијата во високото образование, но јавноста како да врти глава од проблемот. Еден граѓанин пријавил случај на корупција на платформата на Хелсиншкиот комитет. Експертите велат дека корупцијата треба да се пријавува.

Иако резултатите од анкети кои се однесуваат на прашањето на корупцијата во образованието сведочат за прилична застапеност на коруптивното однесување во оваа област, граѓаните често не го истакнуваат образованието како важен проблем со кој земјава во овој момент се соочува. Она со што многу повеќе се преокупирани се чини е корупцијата во високата политика, а овој проблем во поголем број го истакнуваaт граѓани чии деца во моментот посетуваат факултет. Но, експертите укажуваат дека корупцијата е сериозен проблем кој го нарушува квалитетот на работа во образованието.

Осврнувајќи се на досегашното искуство со штандовите кои на сите факултети на УКИМ ги постави Хелсиншкиот комитет, преку кои студенти и професори имаат шанса да пријават корупција во образованието, но и во сите други сфери, од оваа организација велат дека досега се поднесени осум пријави. Хајди Штерјова Симоновиќ вели дека тие откриле елементи на корупција во два од пријавените случаи и оти едниот се однесува на високото образование. Ризикот од корупцијата пријавувачот го препознал во однос на проблемот со купување книги од професор, како услов да се полага испит.

„Поднесени се дописи до институциите за предметот за корупција за кој од надлежните органи е добиен одговор дека според нивно наоѓање е утврдено дека не постојат елементи на корупција, иако укажувањата на пријавителот е нешто друго. Од она што го искажа пријавувачот е дека наводно студенти од професорот за да добијат можност да полагаат испит, мора да ја купат неговата книга. Без разлика што добивме негативен одговор, постапува правна служба по случајот, и ако има студенти кои сакаат да го потврдат тоа, случајот ќе се процесуира пред кривичните органи”, изјави Хајди Штерјова - Симоновиќ од Хелсиншки комитет.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја промовира интернет платформата prijavikorupcija.mk пред студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во октомври минатата година.

Се добива впечаток дека студентите ја вртат главата од проблемот на корупција, правдајќи се дека тоа не е нивна работа или оти не се моќни да ги сменат состојбите. Но антикорупционерите велат дека многу е битно да се тргне во борба против корупцијата, укажувајќи дека таа создава неквалитетни генерации, при тоа говорејќи за праксата на плаќање на академската титула.

Студентите се уште оставени без свои претставници

Според истражувањата направени пред повеќе години, 23 проценти од испитаниците одговориле дека корупцијата во образованието е многу распространета, велат од Младинскиот Образовен Форум. Од таму укажуваат дека корупцијата се јавува во различни видови, како поткуп, непотизам, плагијат или мамење. Но од МОФ посочуваат дека за жал дополнителен проблем е што студентите во моментов немаат свои претставници кои ќе ја градат транспарентноста на факултетите. Иако е донесен Законот за високо образование, кој го гарантира учеството на студентите во процесите на донесување одлуки, статусите на универзитетите се уште не се изгласани во Собранието, вели Стефани Спирковска од МОФ.

„Законот се донесе летото 2018 година. Остануваат оштетени студентите кон не се вклучени во носењето на одлуки и нема студентски тела преку кои студенти ќе ги изнесат ставовите. Петта година нема студентски избори и ова отвара проблеми за начинот на кој се избираат и декани и ректори затоа што е предвидено да има претставници од страна на студенти“, вели Стефани Спирковска од МОФ.

Во меѓувреме во земјава, за жал, корупцијата се повеќе зема замав во образованието, па според истражувањата кои досега се спроведени утврдено е дека 23 проценти од испитаниците одговориле дека корупцијата во образованието е многу распространета. Студенти и во истражувањето изјавиле дека не би пријавиле корупција кога би ја искусиле затоа што сметаат дека не би промениле ништо.

Корупцијата не е нормална работа

Меѓутоа експертите нагласуваат дека корупцијата не е нормална работа и не треба да се прифаќа. Корупцијата во високото образование е сериозен проблем кој влијае врз квалитетот на образованието и со кој државата треба да се позанимава, вели поранешниот антикорупционер Ариф Муса.

„Корупцијата во образованието е инсталирана како да е нормална работа, значи купување оценки, терање студенти да купат книги од професорот е инсталирано. Не дека ја нема, туку луѓето не се осмелуваат да ја пријавуваат, а тие што треба да пријавуваат се студентите. Но таа во споредба со другата корупција е помала од финансиски аспект и затоа луѓето помалку внимаваат на ова и помалку ја пријавуваат. За да се открие тоа треба да се работи со студентите или учениците“, вели Муса.

Тој дополнува дека проблем е што корупцијата во високото образование тешко се открива.

„За да добиеш оценка лично или преку пријател има давање пари на рака, но тешко се открива, треба на факултетот таму да има луѓе кои може да откријат и пријават. Од надвор е тешко да се открие. Треба да се развива свеста и кај студентите дека не може да има вакви појави на факултетите“, вели Муса.

Експертите дополнуваат дека проблемот на корупцијата во образованието треба што поскоро да се отстрaни затоa штo овозможува да продира подлабоко и на тој начин да го разори образовниот систем. Тие нагласуваат дека ова во голема мера влијае и на тоа да се појавува во други области како здравство, политика и многу други кои почиваат врз образованието.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG