Достапни линкови

Неизвесност околу цената на струјата


Од понудената цена на АД ЕСМ ќе зависи колкава ќе биде крајната цена на струјата која ЕВН Хоум ќе ја наплаќа од граѓаните и помалите фирми.
Од понудената цена на АД ЕСМ ќе зависи колкава ќе биде крајната цена на струјата која ЕВН Хоум ќе ја наплаќа од граѓаните и помалите фирми.

Јавноста е во неизвесност околу тоа дали и колку цените на струјата ќе бидат зголемени од јануари следната година. Тоа ќе зависи и од цените за набавка на струја што ЕВН Хоум ќе ги добие од домашниот производител АД ЕСМ. На последниот тендер кој заврши вчера, ЕСМ не и даде понуда за струја на ЕВН.

Расте тензијата околу цените на струјата и најавеното поскапување догодина. До тоа доаѓа и по неодамнешниот неуспешен тендер на ЕВН Хоум за набавка на електрична енергија за следната година. Редовниот доставувач АД ЕСМ го прескокна последниот повик, а од компанијата не oдговараат на новинарските прашања зошто не е дадена понуда на тендерот на ЕВН Хоум, за обезбедување на струја за домаќинствата и малите потрошувачи за 2022 година.

Радио Слободна Европа побара информации од генералниот директор на компанијата Васко Ковачевски, но до објавувањето на текстот тој не одговори на нашите повици и СМС пораки. Прашањето го испративме до АД ЕСМ и преку електронска пошта.

Инаку, на тендерот на ЕВН Хоум кој заврши вчера, АД ЕСМ не даде понуда според која ЕВН Хоум потоа треба да ги определи цените по кои ќе им биде обезбедена струја на домаќинствата и на помалите фирми.

ЕВН Хоум во декември треба да распише уште еден тендер, а АД ЕСМ законски е обврзана на него да даде понуда.

Овие тендери се распишуваат два пати годишно, еден во јуни и еден во декември. Засега не е јасно какви цени ќе понуди АД ЕСМ на тендерот во декември, во услови кога земјава е погодена од енергетска криза поради големиот раст на цените на европските берзи.

На тендерот кој ЕВН Хоум го објави во јуни оваа година, АД ЕСМ тогаш понуди најниска цена од 36,1 евра за мегават час.

Од понудената цена на АД ЕСМ ќе зависи колкава ќе биде крајната цена на струјата која ЕВН Хоум ќе ја наплаќа од граѓаните и помалите фирми. Поскапување и нови цени на струјата се очекува да има од јануари, според најавите на државните претставници, но се уште не се знае колкаво ќе биде зголемувањето.

Според Законот за енергетика, АД ЕСМ треба да обезбеди 70 отсто од потребните количини на струја за ЕВН Хоум. Откако ќе биде реализиран тендерот и финалните пресметки, крајната цена за домаќинствата и малите потрошувачи потоа ќе ја одреди Регулаторната комисија за енергетика.

Земјава во моментов се соочува со енергетска криза, главно од зголемените цени на берзите во Европа, поради што фирмите кои тргуваат со струја на слободниот пазар не се во можност да ја достават количината на струја која ја договориле со други фирми и државни институции.

МЕПСО веќе направи милионски долгови за приклучување на европската енергетска мрежа, бидејќи го покрива недостатокот што го прават фирмите кои тргуваат на слободниот пазар.

Од друга страна, во ситуација на зголемената побарувачка на струја, државата треба или да го зголеми сопственото производство или да увезува струја по моменталните високи цени на берзите.

За големите фирми и институциите да добијат струја по пониски цени, АД ЕСМ распиша тендер за увоз на јаглен за термоелектраната РЕК Битола, за таа да може да произведува струја во полн капацитет во трите блока. Но набавката се уште не е реализирана, а во меѓувреме производството во термоелектраната во Битола беше запрено поради пожар, а државата потребната струја ја увезува.

Како функционира енергетскиот систем?

ЕВН Хоум е фирма која е дел од ЕВН Македонија и таа обезбедува струја за домаќинствата и помалите фирми.

ЕВН Македонија е австриската компанија активна на македонскиот пазар од 2006 година, откако го презема поранешното Електростопанство-Дистрибуција кое беше во државна сопственост.

ЕВН сега функционира во енергетскиот систем преку неколку компании, како ЕВН Хоум кој е универзален снабдувач на струја и освен за домаќинствата, обезбедува струја и за потрошувачите на либералниот пазар. ЕВН Хоум може да ги снабдува со струја помалите бизниси кои имаат помалку од 50 вработени и вкупен годишен приход под два милиони евра во последните години, а кои не избрале нов снабдувач.

Исто така, ЕВН може да ги снабдува со струја и бизнисите преку компанијата „ЕВН Снабдување“ која функционира на отворениот пазар.

ЕВН има и свое производство на струја преку компанијата „ЕВН Електрани“ која управува со 11 мали хидроцентрали со вкупна моќност од 47 мегавати и годишно производство на 140 гигават часови, односно струја за околу 20 илјади домаќинства, според податоците на компанијата.

АД ЕСМ

ЕД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) е во државна сопственост и ја произведува електричната енергија во земјава, преку своите термо-елктрани, хидроелектрани и ветерници. Термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј ја даваат најголемата количина на струја. Според податоците на АД ЕСМ, најголем производствен капацитет е термоелектраната на јаглен РЕК Битола со три блока од по 233 мегават часови и годишно производство од околу 1.200 гигават часови по блок. РЕК Осломеј има моќност од 125 мегават часови, а третата термоелектрана на АД ЕСМ е „Енергетика“ која како гориво користи природен гас.

Хидроелектраните на АД ЕСМ годишно произведуваат до 1.200 гигават часови струја. Во сопственост на АД ЕСМ се хидроелектраните Света Петка на Матка, потоа хидроелектраната на езерото Козјак, Вруток на реката Вардар, Врбен во Маврово, Шпиље во Дебар, Глобочица и Тиквеш. Ветерната енергија компанијата ја добива од ветерниците во Богданци.

МЕПСО

Оваа компанија го прави преносот на струјата низ високонапонската мрежа. Нејзините клучни функции се преносот на струја и управување со преносниот систем, односно со далноводите во должина од 2.200 километри и трафостаниците со напон од 110 и 400 киловати. МЕПСО е во државна сопственост, а беше формирана во 2005 година исто така по трансформацијата на Електростопанство на Македонија. МЕПСО обезбедува струја до директните потрошувачи како што се големите компании Бучим, ОКТА, Макстил, Арчелор Митал, Фени Индустри, Македонски Железници, како и до дистрибутивните мрежи ЕВН Македонија и на ЕСМ Енергетика.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG