Достапни линкови

Страв од бомби, домашни и училишни проблеми - што ги мачи младите?


Илустрација
Илустрација

Пензионираната професорка Мимоза Костоска е една од оние кои волонтерски дежураат на телефонот „Ало Бушавко“ за да ги слушаат 24/7 младите и децата и се обидуваат да им помогнат. Бараат помош, но најчесто некој да ги сослуша затоа што се тажни, фрустрирани или исплашени.

Велешанка Мимоза Костоска не е баш типична пензионерка. Има 64 години, сака да се дружи со млади и класичните костимчиња да ги комбинира со модни додатоци во впечатливи бои. По 42 години работење како професорка по англиски јазик во велешката гимназија „Кочо Рацин“, кога дошло ред за пензија, вели, не можела да се замисли како „стереотипна пензионерка“.

Не е од оние кои едвај чекале да одат во пензија. Па, иако сега може да се изнаспие колку што сака без да вклучи аларм или да има квалитетна попладневна дремка, таа сепак избира да дежура. И тоа без надоместок.

Седи будна, некогаш и со часови, ако му е потребна на некое дете, млад човек или загрижен возрасен кој свртел на СОС линијата за деца и млади „Ало Бушавко“, во рамки на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”. Минатата година поминала над 390 часа во разговор со оние кои по возраст се децении далеку од нејзината генерација, обидувајќи се да им помогне.

Веќе 12 години е дел од „Меѓаши“, а последниве три волонтерски крева слушалка како дел од тимот на „Бушавко“ кој дежура во смени 24/7. Имала и до 11 јавувања дневно, а кај неа вртеле и 5-годишни деца и 15-годишни, но и повозрасни. Најмалите се обидуваат да објаснат што им се случува, а поголемите се поконкретни.

„Велат - јас сум фрустрирана од односот на мојата соученичка или од мојот наставник и сакам да ми помогнете, што да направам? Децата тоа го препознаваат, фрустрирани се, тажни. Емоционални се во ситуација кога бараат помош, а не можат да ја добијат секогаш, секаде, од секого“, вели 64- годишната Костоска за РСЕ.

Детската амбасада Меѓаши ја прогласи Костоска за волонтерка на годината со признание кое се доделува за првпат.

Мимоза Костоска, волонтерка во „Меѓаши“
Мимоза Костоска, волонтерка во „Меѓаши“

На СОС линијата се јавувале и деца кои од различни причини не можат да заспијат, а таа вели, внимателно слуша и разговара, понекогаш и цел час, додека соговорникот престане да зборува бидејќи заспал. Некои едноставно бараат внимание и можност некој да ги сослуша.

„Има ситуации кога дечињата се сами дома и се вознемирени. Бараат - има ли некој тука мене да ме сослуша? Да ја кажат својата внатрешна болка, да го изразат тоа што го чувствуваат во моментот, колку и да е тоа болно и тешко, да го кажат на некого“, додава пензионираната професорка.

Има редовни јавувачи, а некои од нив поставуваат необични прашања, па дури и бараат помош околу домашната задача.

„Ќе го споменам еден Марко, златен Марко, седум годишно дете, кој неколку пати се јавуваше. И еден друг Марко кој ни поставуваше многу чудни прашања - од тоа како настанал светот, па до некои домашни задачи кои не можеше да ги реши сам. А ние сме секогаш тука подготвени, колку можеме се разбира да одговориме на нивните прашања и желби, емоции и тегоби кои ги носат во тој момент“, вели Костоска.

Костоска: Младите бараат некој да ги сослуша
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:25 0:00
Директен линк

Откако младите ќе споделат негативни емоции и отворено бараат помош, за неа детското 'благодарам' особено многу значи.

„Тоа е нивна лутина, фрустрација, бес, што произлегува од секојдневието, од бракоразводните ситуации што ги има во семејствата, но и од интерперсоналните односи во образованието. Особено релацијата ученик- професор, ученик- ученик, родител- професор-ученик“, истакна волонтерката.

Страв од дојавите за бомби

Актуелните дојави за бомби во училиштата внесуваат страв во детското секојдневие и ситуацијата особено ги допира, порачува Костоска.

„Нѐ прашувале - Дали да одам јас утре во училиште, не знам што да правам, да не има пак некоја бомба? Детето веќе е исфрустрирано до толку да се прашува себеси за нешто што му е најнормално во животот. Навистина незгодна ситуација. Како да му се објасни на тоа дете... Свесно е дека треба да оди, но стравот е присутен и го одбива сето тоа од неговите секојдневни активности“, потенцираше волонтерката.

Таа минатата година разговарала и со млади со суицидални мисли.

„Еден дечко на 17 години, вели дека не знае што со себе да прави, во тешка ситуација е. Вели: 'Имам многу чудни чувства'... Навистина беше осетно дека се однесува суицидно . Почнавме дискусија, малку релаксација, малку и разговор некоја на сосема друга тема и на крајот рече: 'Па јас сум среќен што живеам во вакво општество во кое можам со некого мојата најтешка ситуација да ја раскажам' и беше навистина задоволен“, сподели Костоска.

Минатата година имало 357 дојави, а најголем број од нив се на СОС линијата на телефонскиот број 070390632. Некои контактираат и преку пошта или преку е-пошта, со лично присуство, но има и такви кои ја искористиле опцијата за чет преку страницата alobusavko.mk.

На прво место на проблеми или причини заради кои имало дојави минатата година се последици врз нарушено ментално здравје на децата. Такви се дури дури 35% од вкупните дојави, а тоа значи дека секое трето дете има нарушено ментално здравје, посочуваат од Прва детска амбасада во светот Меѓаши во нивниот годишен извештај.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG