Достапни линкови

Случај Арачиново: Надежи и ветувања дека ќе нема кражби на струја


Општина Арачиново

Арачиново доби струја, откако се најде привремено решение- екипите на ЕВН да влезат во општината. Но никој не кажува како и дали ќе се наплатуваат кражбите на струја, кои досега ги плаќаа сите граѓани. Загубите на струја само во Арачиново, според ЕВН, се 6 милиони евра годишно.

Екипите на ЕВН од денеска добија ветување дека ќе можат непречено да работат во општина Арачиново, откако измината недела голем дел од жителите три дена останаа без струја, бидејќи трафостаницата се преоптоварила поради неовластено користење на електричната енергија.

Случајот беше решен со носење привремено решение, барем така го нарече министерот за економија Крешник Бектеши во објава на Фејсбук, откако Арачиново повторно доби струја.

Но детали за привременото решение кое треба да спречи идни вакви ситуации нема. Од Министерство за економија на нашето прашање упатуваат на пресот од пред неколку дена, каде министерот изјави дека ќе им се дозволи на екипите на ЕВН непречен влез во општината, па на „тој начин ќе почне да се наплаќа струјата во Општина Арачиново“.

Министерот побара и да не се прави драма од случајот, посочувајќи и други општини каде има загуби на електрична енергија. Како на пример Куманово каде загубите биле 16% , Тетово со скоро 12%, Гостивар 19%, Кичево 12%, а Скопје со дури 19,6 отсто. Истакна и дека кај сите овие општини ќе се постапува согласно законот, без да појасни дали досега се правело тоа.

Загубите на струја во Арачиново се 6 милиони евра, секоја година

Од ЕВН пак, велат договорено било нивните екипи денеска да излезат на терен, што и се случило. За наплатата на украдената струја не коментираат, освен што појаснуваат дека загубите само во Арачиново годишно се 6 милиони евра. Ама затоа појаснуваат кои зафати ќе ги прават во општината.

„Во првата фаза се прави инспекција на мрежата по што ќе следи реконструкција за подобрување на снабдувањето и отстранување на дефектите кои беа резултат на нелегалните приклучувања. Според планот на реализација, реконструкцијата би требало да трае со месеци па дури и повеќе од година дена. Целосната реализација на планот значи снабдување без прекини и речиси без дефекти за жителите на Арачиново“, се наведува во одговорот на ЕВН од каде додаваат и дека кражбите на струја доведуваат до дефекти.

Овие пари, заедно со загубите во другите општини, ги плаќаат оние кои редовно си ги плаќаат сметките за струја. Така, загубите во мрежата се ставаат во пресметките на Регулаторната комисија за енергетика која на секои 6 месеци прави корекции на цената на струјата. Загубите на енергијата, влегуваат како трошок кој го плаќаат сите во земјава. Освен оние кои крадат струја.

Кражи има, обвиненија нема

Професорот Константин Димитров, кој е експерт за енергетика, вели дека случајот во Арачиново е приказ на нефункционалноста на државата. Тој посочува дека нема точни информации за кражбите на струја од ниту една релевантна институција. Затоа грешката ја гледа во „во државата на највисоко ниво“.

„Некој ако краде треба да е фатен. Ако е фатен треба да одговара. Како што гледаме нема фатен, нема кражба, нема обвинителен акт, нема ништо и највисоката власт, министерот за економија ќе оди ќе принуди приватна компанија да го поправи трансформаторот и се си продолжува по истото. Народ плаќа, а некој се дебели“, вели професорот.

Инаку во 2012 година се смени Кривичниот законик. Така, сега за стореното кривично дело „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“, се предвидува казна до 5 години затвор како и парични казни од 5000 до 20 000 евра.

Ѓорѓи Манасков претседателот на Стопанската комора за енергетика на Македонија проблемот со немањето решение за кражбите на струја го гледа во тоа што загубите се плаќаат од страна на сите граѓани, а не од компанијата задолжена за дистрибуцијата на електричната енергија.

Дополнително вели, никој не ги контролира броилата на оваа компанија, што според него фрла сомнеж врз точноста. Затоа смета дека долгорочно решение на овој проблем би било враќање на дистрибуцијата на струја под капата на државата. Вели дека пресметките на оваа стопанска комора покажале дека годишно ЕВН има ќар од 1 милијарда евра.

„Точно е дека е субвенционирана струјата за граѓаните, но државата за да ја субвенционира мора повторно да ја плати таа субвенционирана струја. Зошто тој профит мора ЕВН да го зема, тоа е преку 1 милијарда штета што ЕВН ја добива и изнесува надвор од Македонија“, вели Манасков.

Дистрибуцијата на струјата во Македонија беше продадена во 2006 година на австриската фирма ЕВН која ги победи конкурентите ЕНЕЛ од Италија и ЧЕЗ од Чешка во битката за купување на македонското Електростопанство. ЕВН тогаш понуди 225 милиони евра плус 96 милиони инвестиции во наредните три години и беше во тесна трка со ЧЕЗ којшто понуди 181 милион плус 62 милиони инвестиции и ЕНЕЛ со 40 милиони за Дистрибуцијата и 80 за инвестиции.

Цените на струјата растат

Сметките за струја за домаќинствата изминатава година пораснаа двапати. Прво, на почетокот на годината струјата поскапе за 10%, а во јули во просек за уште 7%, заедно со воведувањето на новиот тарифник, според кој оние што трошат повеќе струја ќе плаќаат поскапо, и обратно.

Проблемот дополнително се влоши поради енормниот раст на цените на енергенсите на светските берзи предизвикан од руската воена инвазија во Украина.

Така од први септември во сила стапува кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на земјава. Таа е донесена поради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија каде цените на струјата вртоглаво растат.

Ова значи дека за неколку дена ќе почнат важат и последните донесени владини мерки за штедење струја. За јавните институции тие ќе бидат задолжителни, а за домаќинствата и за приватните компании, се во вид на препораки.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG