Достапни линкови

Симон Трпчески - Јас сум во кодот Македонец!


Трпчески со соработниците Александар Краповски на виолина, Хидан Мамудов - кларинет, Александар Сомов - виолончело и Влатко Нушев - удиралки

По пет години од светската премиера и освојувањето на светската критика и публика, „Македонисимо“ на маестро Симон Трпчески и пријателите си доаѓа дома. Претпремиерата беше во струшко Збажди на Богородица, на 14 септември ќе биде изведен во Скопје и на 25 и 26 септември во Штип и во Битола.

Секогаш кога сум свирел дома радоста била уште поголема.

Ова како поента ќе го спомене маестро Симон Трпчески, во октомври 2021 година, во пресрет на изведбата на Пијано концертот бр. 2 од Франц Лист на концертот „Данте 700“ со кој оркестарот на Филхармонија, под диригентство на маестро Габриел Бебешелеа, ја отвори сезоната „Во движење“.

Во таа пригода запрашан зошто и по речиси половина декада и бројни претставувања во светот тој со своите соработници во татковината сеуште не ја сторил промоцијата на проектот „Македонисимо“ Симон Трпчески со појаснување дека тој не е е оној кој треба да го даде одговорот, туку институциите во земјава.

Симон Трпчевски - „Македонисимо“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:10 0:00
Директен линк

А, по 11 месеци од таквата констатација, на 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас, „Македонисимо“ конечно пристигна дома. Најнапред претпремиерно во струшкото село Збажди на Богородица, за да потем домашната јавност биде поканета да ги проследи отворените концерти на 14 септември на платото пред Националната опера и балет во Скопје и нешто потоа, на 25 и 26 септември пред публиката во Штип и во Битола.

Симон Трпчески со соработниците на концертот во село Збажди, Струга

И, кога сме веќе овде, благо потсетување како беше пречекан „Македонисимо“ на Трпчески и неговиот квинтет од светската критика. Така реномираниот критичар Нејтан Феро, во најстариот американски магазин специјализиран за рецензии „Америкен Рекорд Гајд“, пишува:„Македонисимо“ воспоставува рамнотежа помеѓу традицијата и оригиналноста. Без оглед дали е дадена прогонувачка и потресна мелодија, носталгична, лирска балада или вртлог од енергично, славеничко танцување, музичарите внесуваат силно чувство и непречена радост во музиката. Силно му го препорачувам овој албум на секој љубител на музика “.

А, Петер Бурвасер во американскиот двомесечник „Фанфер“ специјализиран за класична и џез музика, откако на своите читатели им препорачува „никако да не го пропуштат ова издание“ вели: Музиката овде е примамлива мешавина на џез енергија и раскажувачка лирика. Иако музиката е во основа народна, Шахов го позајмува модерниот идиом на секцијата удиралки, испорачан со суптилна, но упорно погонска енергија од Влатко Нушев. Секако, сложените ритми на изворниот материјал се подложуваат на современи третмани, на примерот на Кодали во Унгарија и Григ во Норвешка... Снимената должина од скоро еден и пол час е исклучително дарежлива, но сепак ми беше жал кога заврши оваа заразно радосна музика (поради што се фатив како ја слушам повеќе пати - највисоко признание што може да го даде еден критичар). Не пропуштајте го ова. Ќе го разубави Вашиот свет во време во кое итно му треба такво освежување“

И, кон овие убави зборови, дозволете да бидам малку личен. Мене преслушувањето на албумот „Македонисимо“ на нашиот Симон Трпчески и неговите музички соборци ми личи како на пиење најчиста изворска вода. Како силно убивање на жедта во себе и громогласен татнеж на ритамот во крвта. Како патување низ времето и лет кон висините. Како ракување со предците. Овде и сега. На оваа грутка и на овој камен. На местото кадешто ја бараме смислата на постоењето и не очекува почивката. Каде музиките за нас се најубави, највесели, најтажни...само наши. И, каде се* почнува и завршува со нив. Зошто се силни, искрени, возбудливи и ја имаат моќта да ве кренат и да ве натераат да лебдите и да им се насладувате. Да ве убедат дека како и да ги превртувате, да ги носите до немајкаде по белиот свет, тие ќе се дочекаат на нозе. Оти можат да се споредуваат и да се прегрнуваат со сите други што постојат и се исправени на традицијата, а да си останат свои. Со сите нишани. Македонски.

Ете, само во неколку воздишки зошто „Македонисимо“ го чекав исто како своевремено и објавите на ЛЕБ И СОЛ, МИЗАР, АРХАНГЕЛ, АНАСТАСИЈА... кои „за чудо“ ни дојдоа некаде од надвор каде првично беа препознаени, за потем да ни ја хранат гордоста и не вклучат како нација во светската ризница на културно наследство.

Македонисимо“ конечно си доаѓа дома. По вашето звучно ракување со татковите и ваши корени во струшкото село Збажди, следува серијата во која проектот на 14 септември на платото пред НОБ ќе го свирите за скопјани, на 25 ве очекуваат во Штип и ден потоа во Битола. Какви чувства се будат кај вас во пресрет на оваа долго очекувана македонска премиера?

- Јас сум навистина горд што ќе имаме можност да и го претставиме овој проект на македонската публика, на народот кому овој проект и му е посветен. И, дека тоа ќе го сториме токму на пет годишнината од светската премиера што се случи во Германија. Проектот „Македонисимо“ зачна одамна во мојата глава, слободно ќе кажам и во моето срце, бидејќи јас сум задоен, пораснат со народната музика. Мојата прва љубов е хармониката и на тој начин традиционалната музика секогаш била вткаена дури во целосното мое образование кое што јас го стекнав во Македонија. Отсекогаш верував дека потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи во еден поинаков музички јазик, да речам првенствено којшто доаѓа од класичниот музички свет може да се носи, рамо до рамо, и со самата класична музика на која што јас сум претставник. И во тој поглед, заедно со македонскиот композитор Панде Шахов, кој живее и работи подолго време во Англија, соработувавме многу блиску во процесот на создавање на овој проект и мислам дека начинот на којшто тој ја обои партитурата со свој музички јазик во целосниот креативен процес во којшто вложи многу љубов и посветеност, дојде до еден, ќе речам нескромно, посебен музички стил. Стил којшто беше препознаен од музичките критичари во Европа, па и во светот. Во оваа прилика би сакал и нему да му се заблагодарам, а се разбира и на моите колеги коишто се дел од „Македонисимо“ и кои не измерно и се радуваат на секоја изведба – инструменталисти како Александар Краповски на виолина, Хидан Мамудов на кларинет, саксафон и кавал, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки.

Како се роди идејата за проектот и што ви беше мислата?

- Идејата беше да се направи на број еден доволен камерен состав којшто ќе има можност во едно вакво музичко опкружување да ја долови автентичноста на македонската народна музика и во сиот тој процес, јас свесен за одговорноста што ја имам, одговорност што секој професионален музичар треба да ја има кога ќе дојде во допир со народна музика, се консултирав со Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, со Ансамблот за народни песни и игри „Танец“ и искрено им се заблагодарувам за несебичното споделување на бројните материјали што ги имаат... во тој контекст, во таа фаза, ќе го споменам и господинот Зоран Џорлев ... за сите оние материјали коишто јас можев да ги добијам, можев да ги истражувам, да ги анализирам. Тоа е еден многу мал дел од сета онаа архива што ние како Македонија, како Македонци, како творештво и историја ја имаме. Нешто што беше дополнителна мотивација и инспирација за да направам избор на шест сплетови, тоа се отприлика 23 претежно ора, мал дел на песни колку за да ја прошараме атмосферата, нешто што е код на нас Македонците, и да претставиме еден поголем вариетет на огромното фолклорно богатство од сите страни на Македонија во овој проект.

Првичното концертно претставување на „Македонисимо“ во земјава го сторивте во Збажди, струшко, во амбиент кој повикува на слегување до себе и до своите корени.

- Мислам дека навистина поубава претпремиера и не можеше да се случи. „Македонисимо“ го свиревме во автентичното опкружување на Ливада, во месноста Кутел, во родното село на мојот татко, селото Збажди, во бунтовна Малесија, на планината Караорман, во општина Струга, во предвечерието на големиот христијански празник Богородица што е и селска слава. Верувајте и фактот што во еден тешко пристапен предел се случи вакво нешто со сите нишани, ми дава за право да кажам дека се случи светски настан којшто беше опсипан со љубов од близу 3.000 луѓе од цела Македонија што дојдоа да не испочитуваат, што ни ја дарија својата љубов. Ова за мене, за сите луѓе вклучени во организацијата на настанот, со сите оние турбуленции со случувањата во авио-сообраќајот кои и не ни одеа на рака во идејата да направиме едно вакво случување за спомен... беше пример за тоа кога нешто се сака се* се може и како тимската работа вродува со плод. Немам ништо друго што да додадам, а ова го зборувам не само од мое име туку и од името на сите колеги, дека сме исклучително возбудени што еве имаме можност „Македонисимо“ да го претставиме дома. Секако дека ќе биде голема одговорност затоа што после многу настапи надвор, на европскиот, азискиот и на американскиот континент, ние ќе ја имаме можноста и инспирацијата да се претставиме со нешто што нам, на Македонците, ни е познато но во едно поинакво руво и искрено се надеваме дека нашата посветеност, нашата љубов, нашето срце што го дадовме во овој проект ќе успее да допре и до народот кому му е и овој проект посветен. Не случајно јас го нареков „Македонисимо“ што значи „ептем македонско“, „вистински македонско“, нешто што зборува за нашите корени, за македонската историја, нешто за што мислам дека сите ние сме свесни, можеби не докрај...но еве уште една искра за сите да станеме свесни за историјата и длабоките корени којшто Македонија ги има и коишто, се разбира, треба да ги чува, негува, заради тоа што на крајот на краиштата тоа е и една нормална карактеристика за еден народ, особено народ којшто постои од дамнина.

The cover of the album "Macedonissimo" by Simon Trpceski and his quintet
The cover of the album "Macedonissimo" by Simon Trpceski and his quintet

Македонисимо“ како објава е издание на британската „Лин рекордс“. Го изведовте на најпрестижните светски сцени, во пресрет на македонските концерти премиерно ќе го свирите и во Швајцарија, а наместо заокружување на проектот следуваат и серија ексклузивни концерти и претставувања на проектот. За што се работи?

- Веројатно мнозина од вас добро знаат дека јас отсекогаш со голема љубов, кадешто е можно, таму кај што мислам дека е соодветно, ја промовирам македонската музика особено онаа која е проткаена со нишки на фолклорот. Зошто е тоа така? Заради тоа што свесни или не вистинските музички сладокусци, професионалци или само љубители, знаат дека сите легендарни класични композитори којшто не допираат со својата музика, дали Моцарт, Чајковски, Брамс, Рахмањинов, Бетовен...да не ги набројувам понатаму, си го познавале и почитувале својот фолклор. Го познавале и фолклорот на другите народи и на посебен начин го инкорпорирале во својот музички јазик. Верувајте. тоа се тие мелодии којшто потекнуваат или се инспирирани од фолклорот, а кои сите нас директно не допираат. Токму тоа мене ме доведе до потребата од оваа идеја и инспирација. Знаејќи за богатството и разновидноста на македонскиот фолклор ја имав потребата да направам, да иницирам еден ваков проект. Со него во многу наврати сум ја промовирал нашата,македонска музика низ светот. Од премиерата пред половина декада во Германија, овој проект прозвуче во доста земји. Бевме во Словенија, имавме турнеја во Полска, Франција, Обединетото кралство, Холандија, Србија, Романија, Црна Гора... Пред почетокот на пандемијата два пати бевме во Јужна Кореја, се случи и северно американската премиера во Отава, во Канада...За жал поради изолацијата моравме да ги откажеме концертите во Хонг-Конг, турнејата по Нов Зеланд, сериите наспаи по Кина, Русија... Но еве, се враќаме полека и во едни вакви сеуште несигурни услови за патувања. Так, на 4 септември го затворивме 57 фестивал во Сион, во Швајцарија, на 11 септември ќе свириме повторно таму на покана на еден од престижните промотори Том Хале во Цирих, па доаѓаат Вигмор хол, Концертгебау во Амстердам, Коларац во Белград, повторно во Љубљана и т.н. Има интерес да одиме во Аргентина, се работи на турнеите во Австралија и Америка ...

Какво е чувството кај вас, кај вашите соработници при таквиот чин. Што е она што ве носи во тие мигови?

- Убаво е чувството кога имаме со што да се гордееме. Ние сме мала земја, меѓутоа многу поголема и позначајна од многу други затоа што сме со многу историја зад себе. Без разлика што можеби не сме толку моќни, но нашата моќ е токму во нашите корени, во нашата музика, во уметноста, во сите ние други полиња со кои можеме да се гордееме. Јас сум, се разбира со моите соборци на сцена и со мојот менаџмент од Лондон, фасциниран и благодарен што има таков интерес и верувам дека искрата, динамиката што нашата музика ја дава, особено направена на еден ваков софистициран начин, се нешто посебно. Таа со својата силина и моќ допира до странците, кои рака на срце немаат немаа некое познавање за нашата музика. Овој проект е направен на таков начин што очигледно предизвикува многу убави емоции кај нив, и се разбира дека тоа мене, нам како исполнители навистина ни годи.

Маестро Симон Трпчески во салата Музикферајн во Виена, Австрија

И, со таквото чувство во градите вие и вашите соработници гордо одите натаму. Пред вас уште еден убав предизвик врзан со „Македонисимо“. Здравје, напролет планирате да ја претставите оркестарската верзија на проектот во една од најпознатите светски концертни сали, онаа во австриската метропола, посебно позната по тоа што во неа се одржува традиционалниот Новогодишен концерт.

- Направивме верзија и за квинтет со оркестар и нејзината премиерна изведба ќе биде на 2 март 2023 година во престижната Музиктферајн во Виена во Австрија, во една исто така лулка на културата заедно со Том Квинсен оркестарот и нивниот шеф диригент, познатиот Јутука Садо од Јапонија. Со целата оваа екипа имаме идеи таквиот проект да се префрли и во Земјата на изгрејсонцето. Тука е моќта на македонската музика. Не само јас како Македонец и како пијанист, туку треба сите глобално да „играме“.Самата музика посебе и љубовта со којашто таа се изведува очигледно предизвикува интерес и јас навистина сум многу горд на тоа и сигурен сум дека оваа поинаква верзија којашто ќе се случи во Виена напролет ќе биде дополнителен импулс за многу останати оркестри да посегнат по проектот. Нема да премолчам дека сето тоа требаше и претходно да се случи со оркестри од Америка и од Русија ете, за жал, пандемијата си го направи своето и сега тие идеи и заложби полека воскреснуваат. Но, духот се разбира е на високо ниво и одиме напред да ја славиме Македонија.

Од мигот кога е зачната иницијалната идеја, преку првичната концертна промоција на проектот во Германија и се до денес помината е безмалку цела една деценија. Во тој период се сменија и приликите и условите за живот на ова тло, во нашата Македонија. Сведоци сме на силните атаци од соседите кон нашата самобитност, традиција и култура. Од таму, колку „Македонисимо“ израснува во бастион на нашата самосвест, на традицијата и културата на Македонецот овде и сега? Како вие како уметник го доживувате тој момент?

- Сите оние коишто ја пратат мојата работа мислам дека го знаат мојот став. Имате право, колку и да бегаме од политиката таа е дел од секојдневното живеење во секоја земја и особено во малите каде таквата реалност и тоа како се чувствува. Јас од секогаш сум кажувал, ако може така да се каже, дека мојата партија е Македонија. И, мислам дека го докажувам тоа со своето битие, со своето суштествување. Јас сум во кодот Македонец. Не се плашам да кажам дека сум роден во Македонија, дека доаѓам од таму, дека зборувам македонски јазик, дека македонството е нешто што не одбележува. Живееме во некои времиња во кои, под некаков притисок, се плашиме да кажеме кој од каде е, што зборува, што прави... Мислам дека се тоа не природни работи, да не речам или да се изразам со малку невкусен збор „глупости“ ... но знаете како, работата на уметникот е таа, работата на сите општествено одговорни компании е таа. Во една прилика реков: Да земам утре пасош од Бурунди, пак ќе бидам Македонец! Јас и пред 20 години кога ја почнав кариерата бев свесен кој сум, што сум и што сакам. Токму во Збажди ги поминував своите детски денови и точно знам од каде доаѓа сржта на народната музика. Исто како и многу други луѓе кои покажале интерес за неа, од најразлични делови на Македонија. Од тој аспект никогаш не сум бил во заблуда, не сум имал никакви дилеми околу значењето, важноста на традицијата. Пред пет години се случи премиерата на „Македонисимо“ во Германија, во миговите кога во Македонија се случуваа турбуленции на менување на власта. Три дена пред јас официјално да ја отворам Македонската филхармонија се случи Лудвигзбург. Сега се случуваат одредени други работи, а проектот конечно си доаѓа дома. Веројатно за се си има причина, меѓутоа сметам дека опстојбата на македонската музика, македонската култура, нашата традиција никогаш не била во мојата глава, во мојата потсвест, во потсвеста на секој нормален човек без разлика дали е Македонец или од друга припадност по потекло којшто живее овде, којшто ја сака и којшто ја познава својата земја да биде предмет на некакво „пиши-бриши“. Историјата не е туку така. Ние не постоиме од вчера или од денеска. Моето семејство постои 300 години наназад од страна на татко ми. Мојата мајка е од околината на Кукуш. Кој ќе каже дека не е македонка. Од тој аспект нема ништо страшно да кажеме кои сме и што сме. Да го изустиме тоа. Јас сум горд што после пет години конечно ќе имам можност да го претставам „Македонисимо“ на својот сопствен македонски јазик. Сето тоа се случува после претставувањето неговото на други седум светски јазици. И, навистина сум среќен за тоа. На овој начин сите заедно само можеме да се бориме со сите оние препреки што ни се случуваат, па и на крајот да се обидеме да ги освестиме сите оние наши браќа на коишто можеби им треба подршка и помош да се убедат дека ние сме ова. Дека културата е кодот, дека спортистите ја слават Македонија. Свесни сме колку народ излезе од татковината. Јас ги гледам по дијаспората. Ги има еден куп наши коишто се таму некаде далеку и се многу успешни во најразлични професии. Тие ја носат Македонија во срцето. Горди се. Не се плашат да го кажат тоа, а живеат насекаде низ светот. Знаете како, на многу лесен начин може да живее оваа земја на пример како еден Сингапур. И, мислам дека само треба да се освестиме, да се охрабриме. Да си дадеме ветар во грб самите на себе. Да си помогнеме и да го вратиме и она достоинство коешто нашите претци го имале, нашите родители. Одредени нивоа на однесување и на самопочит. На суштествување, на битисување на овој народ којшто не постои од вчера. Ние не ја измислуваме државата ниту од вчера, ниту од денес. За да работиме за подобро утре само на овој начин можеме тоа да го направиме.

И, кога веќе ја допираме иднината дали вие како врвен светски пијанист но и докажан композитор, веќе размислувате за наследникот на „Македонисимо“, на албумот кој би ја продолжил мисијата во одбрана на нашата традиција и култура? Посебно во времињава кои и не ни одат во полза како народ.

- Многу работи застанаа или се оддолжија за време на пандемијата, но кога ги споменав Институтот за фоклор и „Танец“, јас се сретнав и со одредени мелодии и богатства коишто се дел од овој проект и којшто ги избрав, но за кои немав докрај такви познавања. Затоа и не случајно спомнав дека е тоа само еден мал дел од планината материјали што и двете институции, па и други во Македонија, дури и граѓани кои и не ги познавате од било кое село во македонија, ќе имаат што да споделат. Има уште еден куп други примери коишто се дел од богатството на македонскиот фолклор и она што значи наш код. Од таму ќе речам дека штом ќе заврши оваа серија на претставувања на проектот, дефинитивно има простор за размислување мисијата да продолжи во оваа или во поинаква варијанта заради тоа што, пак ќе кажам, ние сме длабоко свесни за големото значење на „Македонисимо“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG