Достапни линкови

Симболични обиди за спас на македонските евроинтеграции


Зградата на Европскиот парламент во Старзбур
Зградата на Европскиот парламент во Старзбур

Како симболичен обид и колективна реакција на разочараноста, домашните аналитичари ги гледаат напорите на одредени земји членки да го променат исходот од Европскиот Самит кој заврши неповолно за Северна Македонија и Албанија

Резолуцијата на Европскиот парламент со која се повикуваат членките на ЕУ да започнат преговори со Македонија и Албанија, но и обидите на Италија повторно да се стави на маса прашањето за проширувањето, домашната јавност ги гледа повеќе како симболични обиди на влијание, а не како решавачки во однос на евентуално забрзување на македонските евроинтеграции. Од Институтот за европска политика велат дека француската позиција во однос на проширувањето нема преку ноќ да се промени.

„Овие обиди во овој момент да се влијае ги гледам повеќе како симболични, особено на Европскиот парламент имајќи предвид дека ние имаме искуство во кое ЕП од 2002 година секоја година го поддржуваше отворањето преговори со нашата земја. Оваа резолуција е малку поинаков карактер поради здруженоста на скоро сите сили во парламентот, меѓутоа не мислам дека може да биде ниту решавачка, ниту пак значително да влијае на брзината“, вели извршната директорка на ИЕП, Симонида Кацарска.

Универзитетскиот професор Мерсел Биљали вели дека разочараноста од Самитот на лидерите на ЕУ постои не само дома, туку и кај повеќето земји членки. Затоа ваквите иницијативи и обиди да се исправи исходот од Самитот, Биљали го гледа како еден вид колективна реакција.

„Не сум голем оптимист, но верувам дека сепак сето ова ќе има некакво отрезнување во насока на тоа да се канализираат постојните внатрешно политички процеси во државата. Не верувам дека нешто драстично ќе се промени, но да почекаме да видиме како ќе се развива ситуацијата“, вели професорот Мерсел Биљали.

Покрај резолуцијата на европарламентарците, во меѓувреме се јави и Италија со обид повторно да го отвори прашањето за проширување на ЕУ пред новиот совет на министри на ЕУ кој треба да се одржи на 19 -ти ноември. За таа цел премиерот Зоран Заев во вторник патува во Рим, на покана на неговиот италијански колега Џузепе Конти.

„Италија може да се обиде да го одржува прашањето на маса, да не биде оставено на маргините комплетно, но не мислам дека може да донесе до некаква круцијална промена, се додека не биде појасно какви ќе бидат резултатите од дискусиите особено помеѓу Франција, Германија и веројатно Холандија, во однос на тоа во која насока би се движеле промените за механизмот за проширување на ЕУ“, вели Кацарска.

Инаку, пред два дена, Европскиот парламент ја усвои резолуција со која ги повикува членките на ЕУ да започнат преговори со Македонија и со Албанија. Европратениците во резолуцијата нагласуваат дека одуката на лидерите на ЕУ да не им се даде зелено светло на Скопје и Атина за датум за преговори е стратешка грешка.

„Последиците од таквата одлука ќе бидат штетни за кредибилитетот на ЕУ, со тоа е испраќа негативен сигнал до земјите кандидати и се отвора врата за други влијанија во регионот“, стои во резолуцијата.

Во неа се наведува дека политиката за проширување е најефективниот инструмент за надворешна политика на Унијата, а понатамошното распаѓање на таа политика може да доведе до сè понестабилна состојба во непосредното соседство на ЕУ.

На иста линија е и еврокомесарот Јоханес Хан кој повторно го критикуваше негативниот став на Франција и одбивањето на европските лидери да донесат одлука за почеток на пристапните преговори, оценувајќи оти последиците по двете земји и по регионот може да бидат катастрофални.

Францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние пак вчера рече дека биле нереални очекувањата оти датумот за преговори ќе биде компензација за Преспанскиот договор и дека всушност реформите се клучни за започнување на преговорите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG