Достапни линкови

Сериозно зголемен бројот на приматели на социјална помош


Илустрација - Мајка со дете проси во Скопје
Илустрација - Мајка со дете проси во Скопје

До пред пандемијата имало 27 илјади домаќинства кои примаат социјална помош, во 2021 тој број е зголемен за 8.500 нови, а во 2022 се очекуваат 5.500 нови домаќинства приматели на помош. Во последните 20 години ова е прво посериозно зголемување на примателите на социјална помош.

Со речиси 200 евра социјална помош месечно преживува семејството на Алмедина Дубовиќ. Таа има осум деца, а деветтото е на пат.

„Јас земам социјално 5700 денари, плус имам дете со посебни потреби и за него земам 5100, тоа се речиси 11.000 денари. Јас имам осум деца, не едно и тие пари не ни стигнуваат. Шест од нив одат на школо, дали тие пари за школо да ги дадам, дали за јадење или за тој што е болен, плус апчиња пие, а и во школо почна сега да оди, никако не стигнуваат тие пари“, вели Алмедина Дубовиќ.

Дубовиќ се само едно од семејствата во земјава кои од државата примаат гарантирана минимална помош. Ова семејство од пред неколку месеци прима социјална помош, претходно добивале надоместок за трето дете, а откако тоа наполнило 10 години, таквата помош им завршила.

Основицата за социјална помош изнесува 4.000 денари, потоа може да се зголеми во зависност од бројот на членови на семејството, но најмногу до пет члена во домаќинството.

Ковид кризата го зголеми бројот на приматели на гарантирана минимална помош. До пред пандемијата имало 27 илјади домаќинства кои примаат социјална помош, лани тој број е зголемен за 8.500 нови, а годинава се очекуваат 5.500 нови приматели на помош, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

„Пандемијата се одрази зголемувајќи го бројот на социјални случаи. Во моментот имаме 35.500 семејства кои што користат гарантирана минимална помош“, рече министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска претставувајќи го буџетот на Министерството за 2022.

Од Министерството велат дека ќе обезбедат пари за сите семејства што се во социјален ризик. Буџетот на Министерство за 2022 година, изнесува 50,6 милијарди денари. Од овие пари повеќе од една петтина или 11, 6 милијарди денари се за социјални надоместоци.

Професор Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки вели дека во пандемиската 2020 за една третина скокнала бројката на лица приматели на социјална помош, односно од 76 илјади лица се зголемил на 102 илјади приматели.

„Ова е прво посериозно зголемување на бројот на приматели на социјална помош во последните 20 години. Во изминатите 20 години, освен во една-две години кога имало минимално зголемување на примателите, цело време бројката се намалувала. Највисокото ниво е пред 20 години кога имало 300 илјади, се намалила на сегашните 102 илјади лица“, вели Савески.


Пандемијата донесе нови групи на сиромашни, тоа се луѓето кои претходно живееја под ризик од сиромаштија, како луѓето со нередовни примања, хонорарци, вработени во неформалната економија, луѓе кои поради кризата останаа без работа, сезонски работници. Трендот е сиромаштијата да ги погодува не само ранливите категории, туку и луѓето кои се вработени, вели Савески. Тој вели дека на нив дополнително ќе се одрази тоа што пораснаа цените на основните продукти и на енергенсите.

Дека парите што ги добиваат не стигнуваат ниту за најосновните работи, поради поскапувањето на основните производите, се согласува и скопјанецот Невзат Камбери, кој исто така е примател на социјална помош.

„Цените на прехранбените производи се многу високи за граѓаните, особено за оние кои добиваат социјална помош. Какви производи ќе купат со парите што ќе ги добијат? Со што ќе ги хранат своите семејства? Само за леб, за двајца членови во семејството треба да трошат 1.600 денари, а што да се прави со другите членови“, вели Камбери.

На почетокот на декември со одлука на Владата беа замрзнати цените на основните прехранбени продукти, но пред да се замрзнат цените тие во втората половина од 2021 се зголемија за неколку проценти.

Според истражувањата на економскиот институт Фајнанс тинк, пред да се замрзне цената не лебот, таа пораснала за 6,9 отсто од мај до ноември годинава, а цената на месото пораснала за 4, 2 отсто.

Во земјава 22 проценти од населението живее под таканаречената линија на сиромаштија, односно за сиромашно се смета семејство до двајца возрасни и две деца кое месечно живее со помалку од 17 илјади денари.

Домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, примаат и по уште 1000 денари за покривање на дел од трошоците за енергенси за месеците од октомври до март. Во вонредни услови, како во случајот со пандемијата со коронавирусот домаќинство кое користи гарантирана минимална помош, остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и за месеците од април до септември.

Алмедина Дубовиќ вели дека сметките се високи и дека треба да бира меѓу сметки и храна.

„Струја плаќам, ми дојде сметка од 6000 денари, дали сега да плаќам струја или да јадам, а и лепчето веќе е 25 денари, не ни стигнува“, вели таа.

ЕВН не смее да им ја исклучува струјата на ранливите потрошувачи поради неплатени сметки за декември, јануари и февруари. Граѓаните од овие категории можат сметките да ги плаќаат на рати. Тие се ослободени и од обврската за плаќање на надоместок за повторно приклучување. За нив важи и поволноста да не се исклучуваат за неплатена фактура која не е доспеана минимум 60 дена.


Професор Савески вели дека луѓето кои поради пандемијата преминале во групата на приматели на социјална помош може да излезат од системот откако ќе се стабилизира состојбата и тогаш може да се создаде простор да им се подобри животниот стандард.

„Особено тоа се однесува не само на наоѓање на работа, туку на обезбедување на пристојни работни места, односно не само работа која ќе значи да се остане во границата на сиромаштија. Ние во категорија на сиромашни лица имаме и лица кое се во работен однос, такви се осум отсто од вработените“, вели Савески.

Според извештај на ОН од 2020 пандемијата на ковид-19 довела повеќе од 100 милиони работници во сиромаштија низ целиот свет. Според Меѓународната организација на трудот на ОН, со пандемијата е уништен напредокот остварен во рок од пет години во искоренување на работната сиромаштија, а во споредба со 2019 година, 108 милиони повеќе работници ширум светот сега се категоризирани како сиромашни или крајно сиромашни.

Извештајот открива дека работниците кои веќе биле во неповолна положба пред пандемијата, односно жени, млади луѓе, мигранти, неформални работници, страдале непропорционално од кризата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG