Достапни линкови

„Продај бубрег“: жители во Русија се борат со долгови


Кизил, главниот град на Тива, кој е најзадолжениот регион во Русија.

Една неодамнешна студија во Русија покажа дека Тива е најзадолжениот регион во таа земја, при што локалното население во просек плаќа 78 насто од својот приход за да ги покрие своите долгови. За спиралата на долгови придонесуваат микрокредитите со високи камати. Виктор Борисов

Приказната на Надежда Сат им е позната на жителите на јужниот сибирски регион Тива. Пред десет години подигнала кредит за да купи автомобил. „Во Тива има трошоци за кои едноставно мора да земете заем“, изјави таа за Рускиот сервис на РСЕ, наведувајќи:

„Како на пример автомобил. Јавниот превоз е многу лош -- немаме приградски возови, трамваи или тролејбуси. Дури и обичните автобуси сообраќаат спорадично. И едноставно да заштедите пари и да купите автомобил не е реално, особено затоа што автомобилите се скапи“.

Причината поради која на Сат – која живее во регионалниот главен град Кизил, град со околу 110.000 жители на околу 3.600 километри источно од Москва – ѝ требаше автомобил е тоа што градинката на нејзиниот син беше на 10 километри од нејзиниот дом.

„Имаме големи проблеми и со градинките“, објаснува таа, додавајќи: „Кога конечно можевме да добиеме место, моравме да го земеме. А таму нема јавен превоз, па морав да земам кредит за да купам автомобил половен, странска марка“.

Кучињата талкаат по улиците на разурнатиот кварт на Кизил, каде што многу луѓе живеат во трошни сместувања без вода, канализација или греење.
Кучињата талкаат по улиците на разурнатиот кварт на Кизил, каде што многу луѓе живеат во трошни сместувања без вода, канализација или греење.

Тогаш нејзината ќерка го завршила училиштето, а Сат знаела дека нема можности за нејзиното високо образование во Тива. Земала уште еден заем за да ја испрати ќерка си во институт во друг регион.

„Значи, 10 години плаќав заеми за автомобил и за да ја испратам ќерка ми во институт“, вели Сат, наведувајќи дека таа и нејзиниот сопруг плаќале околу 40 насто од нивниот заеднички месечен приход за да ги подмират исплатите.

Што се однесува до последната бројка, Сат можеби имала среќа. Една неодамнешна студија на про-Кремљ Серускиот народен фронт покажа дека Тива е најзадолжениот регион во Русија, при што локалното население во просек плаќа 78 насто од својот приход за да ги покрие своите долгови.

„Нивото на задолженост во Тива, ако е 78 проценти, е навистина фантастично“, вели Валери Миронов, професор по економија на Вишата школа за општествени и економски науки во Москва, додавајќи дека истата студија покажала дека националниот просек на задолженост е веќе загрижувачки над 35 проценти.

„И таа шокантна бројка произлезе од прилично сериозна студија. Задолженоста од 40 отсто е веќе доста лоша, а овде открија 78 отсто. Тоа во суштина значи дека за секои 10.000 рубли (133 долари) плата што ја добиваат, плаќаат 8.000 (107 долари) за нивните долгови“.

Една третина од населението под „минимумот за преживување“

Елмана Мехтијева, претседател на Националната асоцијација на професионални наплатувачи на долгови, за РСЕ изјави дека ситуацијата во Тива е особено загрижувачка, бидејќи платите таму се толку ниски. „Тива навистина отсекогаш била еден од регионите со особено високи стапки на задолженост. Значи, ситуацијата не е нова, но дефинитивно заслужува внимание“, вели таа.

Обвинителот против групите на Навални, поврзан со корупција

Студијата на Серускиот народен фронт е заснована врз бројки од Централната банка, владината агенција за статистика Росстат и поголемите банки во Русија.

Според аналитичарите, многу луѓе во Кизил и во другите делови на Тива запаѓаат во долгови поради лошата инфраструктура и социјалните услуги во регионот.
Според аналитичарите, многу луѓе во Кизил и во другите делови на Тива запаѓаат во долгови поради лошата инфраструктура и социјалните услуги во регионот.

Дополнително, според Министерството за труд, Тива има највисока стапка на сиромаштија во земјата, со 34,1 отсто од населението кое живее под официјалниот „минимум за преживување“. Националниот просек, според извештајот на Росстат во април, изнесува 12,1 отсто.

Просечната плата во Тива е околу 37.000 рубли (495 долари) месечно, а официјалната стапка на невработеност е речиси 12 проценти.

„Во суштина, луѓето само преживуваат. Ако сакаат да го подобрат својот животен стандард дури и малку -- да добијат нов фрижидер или машина за перење - им треба заем. Потребна е пристојна сума за да се подготват децата за учебната година или да се купи зимска облека. Многу е тешко. Не земаат заеми за да купат нова Тојота или Ауди... Луѓето земаат кредити за речиси сè затоа што едноставно немаат пари“, вели за РСЕ локалната жителка Ајана Хрума.

Таа додаде дека луѓето во малите градови и села честопати се сведуваат на заеми за купување храна, особено кога доцнат платите и социјалните плаќања. „Ситуацијата е многу тешка“, вели Хрума.

Неблагодарна работа на задолжување

Микрокредитната индустрија во регионот е во подем, со соодветни високи каматни стапки. „Микрокредитите се рекламираат многу агресивно“, вели Ајана Монгуш која објаснува:

„Ветуваат заеми од 1 процент, но не секој разбира дека тие значат 1 процент на ден. Но, на луѓето едноставно им се смачи да не можат да купат ништо, уморни се да живеат од плата до плата. Затоа ги земаат кредитите без да размислуваат што ќе дојде следно“.

Трошни дрвени згради во Кизил
Трошни дрвени згради во Кизил

Жителката на Кизил Чечек Сариглар се качи на должничката лента во 2008 година. Неколку месеци не можела да ги плати и прибегнала кон микрокредити. Кога пропуштила да ги плати, каматите вртоглаво пораснале, а наплатувачите на долгови почнале да ја ловат.

„Се јавуваа дење и ноќе. Знаеме каде живееш. Го знаеме твоето семејство. Оди и продади бубрег. Почнав да пијам“, признава таа, додавајќи дека мислела и на самоубиство . Сега живее со вториот сопруг и престана да пие. На почетокот на годинава заврши со плаќање на кредитот од банка, но сѐ уште се мачи со микро-заемодавците.

Половина од случаите на корупција во Русија се за мито

„Позајмив 50.000, а треба да вратам 100.000 рубли. Но, сега е полесно. Имаме вкупен месечен приход од 40.000 рубли -- нашите плати, плус она што можам да го заработам од шиење и занаетчиство. А моите постари деца се иселија и се издржуваат сами“, вели таа.

Миронов наведува дека многу луѓе во Тива, како Надежда Сат, паѓаат во долгови поради лошата инфраструктура и социјалните услуги во регионот. Регионот нема железница, што ги зголемува цените на сите стоки и ги тера бизнисите да не сакаат да се отворат таму.

„Што може да направи владата за да поддржи таков регион? Владата во најмала рака може да обезбеди основните социјални услуги да се обезбедуваат на нормално ниво -- односно на ниво што ќе им овозможи на луѓето да ги користат без дополнителни тешкотии. Зборувам првенствено за здравствена заштита и образование“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG