Достапни линкови

Млада Битолчанка меѓу најдобрите на Светско првенство во куглање


Илустрација- Дел од учесничките на Светското првенство во куглање до 23 години, во Словенија

Селекторот на македонската U18 кугларска репрезентација, Игор Михајловски, се надева дека кадетките добро ќе ја искористат втората шанса на Светското првенство во Словенија за подобрување на првиот впечаток и верува во добар резултат на младата Алексовска, која ќе се бори за титулата- Светски првак.

Младите Битолчанки Андреа Велјановска, Емилија Переска, Стефанија Алексовска и Ивана Трајчевска, дебитираа на актуелното Светското првенство во куглање до 23 години во Крањ и Камник, Словенија и екипно урнаа вкупно 1985 дрвца, а тоа им го донесе десеттото од вкупно дванаесет места.

Денеска и утре ги очекуваат натпреварите во тандем и спринт, а во четврток, Стефанија Алексовска која поединечно обезбеди пласман во финале, ќе се бори за титулата Светски првак, заедно со најдобрите 24 резултати.

Од баскет до кугла

Седумнаесетгодишната Алексовска вели дека првично била љубител на кошарката, но кога се запознала со куглањето се случила нејзината вистинска љубов на прв поглед. Настапот на светски шампионат, за неа е нешто навистина големо.

„За прв пат имам прилика да куглам со кугларската елита и воопшто не е едноставно и лесно да се натпреварувам со кугларки кои имаат долгогодишно искуство и безброј интернационални настапи. Искрена да бидам, не очекував толку силна конкуренција. Најтешкиот момент мислам дека е зад мене,го направив успешно веќе првиот настап и се изборив за финалето. Имам доволно време за одмор и за концентрација, верувам во себе дека можам да го извлечам максимумот од мене токму во четврток, на финалниот ден. Дали верувам дека можам да бидам прва - веројатно е најтешкото прашање за еден спортист бидејќи тоа е дел од мојот сон, а сепак конкуренцијата е многу силна, но ќе дадам сѐ од себе“ изјави за РСЕ, македонската U18 репрезентивка во куглање, Алексовска.

Еден од натпреварите на Светското првенство во куглање до 23 години
Еден од натпреварите на Светското првенство во куглање до 23 години

Игор Михајловски, како селектор и тренер на македонската женска кугларска репрезентација до 18 години, е свесен за конкуренцијата, но верува во добар резултат.

„Факт е дека има фаворити кои се одлично подготвени и физички и технички и ментално, но магијата на финалето е тоа што тој ден сите започнуваат од 0. Нема предност, нема тим, туку борбата е исклучиво лична. Секоја грешка може да го исфрли играчот од фокус како и секој одличен погодок да го носи на еуфорија. Секој куглар ќе има 120 кугли, па ќе видиме што ќе се случува. Стефанија може многу повеќе, но дали ќе успееме тоа да го покажеме и на кугларските патеки, најмногу ќе зависи од менталната снага. Битно е да не го чувствува притисокот, да се одмори и опушти. Лично верувам во добар резултат“, истакна селекторот Михајловски за РСЕ.

„Битола станува расадник на кугларски таленти“

Михајловски вели дека со новата куглана во Битола која е објект од витално значење за куглањето во Македонија, но и во Европа, Битола веќе станува расадник на кугларски таленти.

„Нашиот фокус ќе биде вложување во младинските категории започнувајќи од 10 годишна возраст. Два клуба работат интензивно на таа поставена цел и добро ни оди во тоа“, додаде селекторот.

Атмосфера за време на Светското првенство во куглање до 23 години
Атмосфера за време на Светското првенство во куглање до 23 години

Според Михајловски, за прв пат македонската U18 репрезентација е составена целосно од битолски кугларки бидејќи ентузијазмот во Битола бил посилен последните години, а ова вродило со квантитет, но и подобар кугларски квалитет.

„Врвниот спорт бара многу вложување и перманентно што е многу битно. Овие наши репрезентативки за прв пат имаат интернационално искуство, додека нивните сопернички со години се на ваквите големи првенства, па и нормално е дека самодовербата ќе биде поразлична“, истакна Михајловски.

Сонот на младата репрезентативка Алексовска е да блесне меѓу конкурентките. А предизвикот е да се справи со тремата која знае да застане на патот.

„Природно и добро е да ја има таа позитивна трема која ме држи будна на натпреварот и ми помага да го зачувам фокусот во текот на сите мои 120 кугли. Куглањето бара исклучително многу концетрација и секој пад негативно се одразува на резултатот. Онаа негативна трема која не ти дава да бидеш свесен -што се случува со мене на патеки, најчесто ја уништувам со моја омилена музика пред настап“, додава кугларката Алексовска.

Таа веќе обезбеди место меѓу најдобрите, а Михајловски верува дека останатите негови избранички новата шанса ќе ја искористат подобро од претходната и дека со малку спортска среќа ќе може да остварат видлив успех.

Одржувањето на ова, 14-то по ред Светското првенство во куглање до 23 години беше неизвесно поради пандемијата. А кога веќе се случи, сите учесници мора да почитуваат строги протоколи. Нашата репрезентација денеска ќе се тестира по трет пат во рок од пет дена, но ќе има и втора шанса за подобрување на првиот впечаток.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG