Достапни линкови

Руска евроазиска агенда на Балканот: И Македонија на мета


Пет руски упади за евроазиска агенда на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:41 0:00

Пет руски упади за евроазиска агенда на Балканот

Евроазиската агенда на Кремљ ќе се спроведува со 5 руски упади на Балканот, за кои минатата недела, пред Поткомитетот за нови закани во Сенатот на САД, сведочеше и политичкиот аналитичар Јануш Бугајски, кој вели дека Кремљ не може да си прости многу порази, меѓу кои и македонското членство во НАТО.

Гледајќи го Балканот како најслабо крило на Европа и како внатрешна граница на НАТО, Москва последните години постојано се обидува да манипулира со латентни конфликти, да бара потенцијални нови сојузници и да ги искористи економските можности што ги има за да ја проектира својата евроазиска агенда, предупредуваат светските геополитички аналитичари.

Според Јануш Бугајски, од Центарот на европски политички анализи од Вашингтон, за да ја оствари таа своја евроазиска агенда, Кремљ спроведува пет главни упади во регионот. Една од метите при тие упади, покрај БиХ, Црна Гора, Косово и Србија, е и Северна Македонија.

Пет упади на Кремљ

За тие т.н. руски упади на Балканот, Бугајски минатата недела сведочеше пред Поткомитетот за нови закани во Сенатот на САД. Тие „упади“, според Бугајски, се:

1. Промовирање на локален национализам со цел поткопување на поддршката за НАТО, САД и ЕУ, и, наспроти тоа, мобилизирање поддршка за Москва и за поттикнување на конфликти помеѓу ривалските националистички проекти што му овозможуваат на Кремљ да се јави и да понуди „помош“.

2. Корумпирање на национални политичари и локални бизнисмени да ги поддржуваат руските економски интереси, да овозможат поголемо навлегување на руската антизападна политика во општеството, да ја поддржат надворешната агенда на Москва и да се спротивстават на западните политики како што се санкциите против Русија.

3. Одржување на енергетска зависност преку врзување на балканските земји во гасни проекти контролирани од „Гаспром“ и купување на локални нафтоводи, рафинерии и други енергетски постројки. Енергетската зависност се експлоатира за да се добие дипломатска и политичка моќ. Другите економски сектори каде Москва бара влијание вклучуваат металургија, снабдување со оружје, банкарство и недвижен имот, рече Бугајски во американскиот Сенат.




4. Лансирање пропагандни напади преку локалните медиуми, интернет и преку социјални мрежи за подобрување на позицијата на Русија и поткопување на западните институции.

„Тие пораки се насочуваат кон анти-глобалисти, евро-скептици и антиамерикански настроена популација или кон ултраконзервативни и религиозни гласачки тела пред кои Русија се претставува како бранител на традиционалните вредности, а ЕУ и САД се прикажани како неморални и девијантни“, сведочеше Бугајски.

5. Формирање меѓусоцијални врски што ги зголемуваат политичките влијанија на Москва.

“Овде се вклучуваат православни цркви, политички партии, културни организации, историски здруженија, спортски клубови и групи за животни навики, па дури и клубови на велосипедисти, лоби групи за оружје...“, нагласува Бугајски.

Според домашните аналитичари, евроазиската агенда на Москва се гледа низ повеќе примери на Балканот, а особено предничат директните понуди од неофицијалниот советник на Путин, Александар Дугин, кој дојде во Скопје да порача дека Македонија нема да добие ништо од НАТО и ЕУ и дека траба да се зачлени во Евроазиската економска унија, предводена од Русија. Иста понуда, само директно од Кремљ, неодамна доби и Србија.

Замрзнати конфликти и замрзнати држави

Според експертите, овде може да се вклучат и придобивките на Кремљ од т.н. замрзнати конфликти и замрзнати држави. Пред специјалната Комисија во Сенатот, Бугајаски се осврна и на тоа прашање.

„Во Босна и Херцеговина го поттикнува српскиот ентитет да ја задржи земјата поделена и да ја доведе во прашање нејзината иднина како единствена држава. Руските власти тврдат дека српското население се истиснува од Косово, а целта на тоа тврдење на Москва е да се поткопа независноста на Косово и да се зголеми расплетот на поделба. Нерешените конфликти му овозможуваат на Кремљ да тврди дека НАТО не успеал да го стабилизира регионот и ја забавило интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“, вели Бугајски.

Москва не може да си прости дека Северна Македонија влегува во НАТО

Според него, промоцијата на балканската нестабилност го одвлекува вниманието од офанзивите на Москва и ја преокупираат западната дипломатија со таа нестабилност, со што Кремљ добива прилика да работи на своите нео-империјалистички цели кои датираат уште од времето на Советски Сојуз.

Москва, додаваат политичките аналитичари, не може да си ги прости неколкуте значајни порази, како што се косовкста независност, членството на Црна Гора во НАТО, Преспанскиот договор на Северна Македонија и Грција, и особено претстојниот прием на Северна Македонија во Алијансата, како избор на најголемиот дел од граѓаните и како остварување на 25-годишната стратешка политика на Скопје.

XS
SM
MD
LG