Достапни линкови

„Македонско девојче“ во служба на Москва


„Јовано, Јованке“ по руски политички ноти?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:49 0:00

„Јовано, Јованке“ по руски политички ноти?

Три пати за 15 месеци, на Фејсбук се објавуваат монтирани видеа како Путин свири македонски песни и три пати некои медиуми „наседнуваат“ правејќи вести како Путин свири наши песни од почит кон Македонија. Некои и не се свесни што прават објавувајќи такви дезинформации, предупредуваат експертите.

Рускиот претседател Владимир Путин на некои од светските државници често им свири на пијано во Кремљ. Ама уште никој не го слушнал како ги свири „Јовано, Јованке“ и „Македонско девојче“. Никој во светот, освен во Македонија. И тоа откако неколку македонски организации со национален или верски предзнак, на своите интернет страници, не објавија такви снимки. Веднаш беше утврдено дека се монтирани, но тоа не ги спречи некои од нашите портали од тоа да направат ексклузивна вест - некои во лов на кликови, други со политичка намера. Експертите велат: Изгледа забавно, но зад тоа се крие нешто сериозно.

Принтскрин од монтираното видео со Путин
Принтскрин од монтираното видео со Путин

За монтажата е искористено видео од настан во мај, 2017 година, кога рускиот претседател Путин пред состанокот со кинескиот претседател Си Џинпинг на пиано свири две руски песни. По само неколку дена, на каналот Јутјуб се појавуваат монтирани видеа како рускиот претседател ги свири песните „Јовано Јованке“ и македонската химна, а неколку месеци потоа, поточно на 1 февруари 2018 година, се појавува истото видео, само овој пат Путин ја свири песната „Македонско девојче“.

„Со лесна монтажа до пропаганда“

Една и пол година подоцна овие монтирани видеа пак се актуелни, овој пат на Фејсбук. Според специјализираната интернет страница „Борба против лажните вести“, ширењето го започнуваат фејсбук страните „Macedonian Orthodox Community of Australia“ и „Macedonian Worldwide“, по што следуваат стотици споделувања, реобјави и порталски вести.

Сајтот „Борба против лажните вести“ сето ова го оценува како „Со лесна монтажа до пропаганда“.

„Целта на оваа манипулација е воздигнување на ликот на рускиот претседател во очите на македонската јавност. Јавноста се восхитува на тоа како Путин ја ‘испочитувал’ македонската нација со тоа што ‘научил’ да свири на пиано македонски песни. Споделувањето од страна на националистички фејсбук страници каде не изостануваат фотографии од сонцето на Вергина, упатува на тоа дека целта на споделувањето на овие видеа не е од забавен карактер, туку многу повеќе во позадина се кријат националистички и политички мотиви за манипулација на јавноста“, оценуваат од „Борба против лажните вести“.

И да не стои политика зад ова, Кремљ ќе има корист

Според политикологот Симеон Костадиновски, политички писмената јавност јасно ја препознава намерата, но дури и зад овие монтажи да не стои директно руската политика, нивното популаризирање е во корист на антизападната политика.

Принтскрин од објавата на монтираното видео со Путин
Принтскрин од објавата на монтираното видео со Путин

„Симптоматично е што видеата не се објавени само еднаш туку три пати до сега. Но, и да нема тука руска или проруска политика, на сцена ќе стапи опортунизмот на Москва, нешто што светските аналитичари го најавуваа како дел од руската антизападна стратегија на Балканот - Да се искористи секоја шанса што ќе се укаже во борбата против ширењето на НАТО и ЕУ кон руските граници, особено сега кога Македонија е пред важни порти кои самата ги одбрала“, вели Костадиновски.

Кордалов: Да го проверуваме тоа што го читаме

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, предупредува дека овие видеа со монтираните песни на Путин не се изолиран случај на лажни вести.

„Ова не е осамен случај на (не)намерно ширење на лажни вести и дезинформации во нашата земја. За жал, нашата земја изминативе неколку години се прослави на мапата на светот по лажните вести. Во ова модерно време на премногу често користење на овој термин, важно е да правиме разлика помеѓу „лажни вести“ и лаги. Секоја лажна вест во себе има лага, но не секоја лага има потенцијал да стане лажна вест“, додава Кордалов.

Тој вели дека во борбата со ваквите негативни појави, независно дали се од политичка или финансиска побуда, треба да учествуваат и институциите и државата и граѓаните.

„Да го искористиме 21 век кој е време на достапност на информации за помалку од 1 секунда. Денес е многу полесно да се проверат ‘фактите’ кои ни се сервираат. Да не бидеме мрзеливи, бидејќи на интернет се кријат многу повеќе корисни информации. Од нас зависи дали ќе ги побараме. Да прочитаме повеќе извори и сами да го донесеме својот став“, вели Кордалов.

XS
SM
MD
LG