Достапни линкови

Русија одблиску се информира за Јариње


Припадници на косовската полиција на граничниот премин Јариње, Косово, 27 септември 2021 година
Припадници на косовската полиција на граничниот премин Јариње, Косово, 27 септември 2021 година

Присуството на руски официјални лица во објектите на Српската армија на границата меѓу Србија и Косово е збунувачка порака од Белград, оценуваат некои српски аналитичари во врска со тензиите на граничните премини меѓу Србија и Косово. Душан Комарчевиќ

Во време кога косовските Срби со денови блокираат два премина во северно Косово - Јариње и Брњак поради одлуката на Приштина регистарските табличките издадени од Србија да бидат заменети, министерот за одбрана Небојша Стефановиќ и началникот на Генералштабот на српската армија Милан Мојсиловиќ посетија дел од силите на српската војска со висок степен на готовност во воената база Рудница, во близина на градот Рашка на пат кон граничниот премин Јариње.

Вучиќ на состанок со амбасадорите на Квинта: побарано смирување на кризата во Косово

Со нив беа и амбасадорот на Руската Федерација, Александар Бокан Харченко и аташето за одбраната, генерал -мајор Александар Цинченко. Причината како што наведоа, била „лично да се уверат во моменталната ситуација“. Аналитичарот за надворешна политика Бошко Јакшиќ оценува дека тоа е дипломатски поен за Москва и неуспех за Белград.

Српски воени авиони надлетуваат во близина на границата со Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

„Москва продолжува успешно да го користи косовскиот конфликт како најважен канал за проширување на своето влијание. Од друга страна, Белград непромислено го одведе амбасадорот во Рашка, и нема сомневање дека овој процес на Запад ќе се протолкува како провокација“, наведува Јакшиќ за РСЕ.

Што рекоа руските и српските власти?

Според официјалната веб-страница на Министерството за одбрана на Србија, министерот Стефановиќ им се заблагодарил на гостите од Русија, „за запознавањето со ситуацијата на административната линија и северот на Косово и Метохија“.

Амбасадорот на Руската Федерација во Србија Александар Бокан Харченко ја потврдил поддршката на Русија за позицијата на Белград и ја изразил загриженоста на официјална Москва за ситуацијата. „Ова е насочено кон етнички чисто Косово“, оцени Бокан Харченко.

Рускиот амбасадор ја искористи посетата и за да ја коментира позицијата на западните земји, која ја нарече „чудна“ и „штетна“, нагласувајќи дека тие „ги затвораат очите пред ситуација која е многу опасна, иако, како што рече - сите разбираат кој е виновен и каде причината за таквата провокација“.

Европската унија, САД и НАТО во неколку наврати од почетокот на кризата ги повикаа Србија и Косово да ги смират тензиите и дијалогот.

Јасна порака од Москва до Белград

Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ за РСЕ вели дека Руската Федерација на овој начин ѝ испраќа поддршка на Србија дека ќе застане зад мерките што ќе ги преземе Белград. „Таа порака беше испратена првенствено до Белград, и секој друг може да извлече заклучок врз основа на тоа, дека Белград има повеќе простор за маневрирање, доколку е потребно да се заштитат Србите на Косово“, вели Анѓелковиќ.

Драгомир Анѓелковиќ - политички аналитичар
Драгомир Анѓелковиќ - политички аналитичар

Според него, присуството на руски претставници во воените капацитети на Србија придонесува за смирување на тензиите, бидејќи „Европската унија, која беше гарант на Бриселскиот договор, не презеде ништо за да го спроведе тој договор“.

Уплашениот курс на Србија кон Кремљ

Бошко Јакшиќ пак, смета дека на овој начин Србија испраќа порака за својата позиција за решавање на косовското прашање, но и за нејзината геостратешка ориентација. „Од една страна, имаме порака упатена, меѓу другото, до НАТО, а истовремено често слушаме дека НАТО е гарант за безбедноста на Србите на Косово“, смета Јакшиќ.

Седми ден протести во северно Косово, надлетуваат српски воени авиони, војската ја зголеми борбената готовност

Тој забележува дека претседателот на државата Александар Вучиќ повторува дека членството во Европската унија е геостратешка определба на Србија, а во исто време постојано повлекува потези што го доведуваат тоа во прашање.

Бошко Јакшиќ, политички аналитичар
Бошко Јакшиќ, политички аналитичар

Ова секогаш се прави поради отстапки кон Русија, додава Јакшиќ. „Во тој контекст, престојот на амбасадорот Харченко на југот на Србија е уште една потврда за подредениот курс на владата на Вучиќ кон Кремљ“, смета Бошко Јакшиќ.

Српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ се сретна со рускиот амбасадор во Србија и претходно, на 22 септември во Белград. Министерот потоа, како што е наведено на веб-страницата на министерството, изразил благодарност за „цврстата и конзистентна поддршка што Руската Федерација ја дава на Србија во зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, особено во овие тешки времиња што српското население ги доживува на Косово и Метохија“.

Курти по палењето објекти во северно Косово - Србија провоцира сериозен меѓународен конфликт

Стефановиќ додаде дека сегашната ситуација, „во која Приштина ги крши слободите на движење со наметнување нови еднострани мерки, претставува продолжување на непочитувањето на Бриселскиот договор“. По тој повод, министерот ја покани и Русија да учествува на претстојниот воено-технички саем „Партнер 2021“, што во октомври се одржува во Белград.

Србија, Русија и критиките

Србија и Русија традиционално одржуваат блиски односи. Двете земји не ја признаваат независноста на Косово, кое прогласи независност во 2008 година. Русија гласа против приемот на Косово во ОН, додека за возврат Србија одбива да воведе санкции против Москва.

Токму поради соработката со Русија, Србија е цел на критики од Западот, бидејќи како земја-кандидат за членство во Европската унија, таа сѐ уште не ја усогласила својата надворешна политика со европската.

Воената соработка меѓу Србија и Русија го загрижува Западот. Така, во јуни, известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, оцени дека заедничката воена вежба со Белорусија и Русија не помага за напредокот на Србија во европските интеграции.

Србија учествуваше во трилатералната вежба „Словенско братство 2021 година“ со Русија и Белорусија од 8 до 19 јуни во базата во Краснодар, на југозапад од европскиот дел на Русија.

Проруски профили на социјалните мрежи во Србија

„Москва е загрижена за Косово“. Ова е само еден од многуте наслови споделени на Фејсбук од проруските профили во Србија од почетокот на кризата на границата меѓу двете земји. Овие групи имаат проруски елементи во нивните имиња. Клучните зборови што ги поврзуваат се: Путин, Србија, Русија, Кремљ. Сепак, овие нарачки имаат друга заедничка карактеристика. Тие го објавуваат секој пост во исто време.

Србија демонстрира воена сила и најавува нови инвестиции за вооружување

Во пребарувањето на Радио Слободна Европа беа пронајдени шест групи на Фејсбук кои спроведуваат синхронизирана кампања. Во најавите се зборува за активностите на Србија на границата со Косово во позитивен контекст, а со ист тон се коментира и вмешаноста на руските претставници во кризата.

Ова не е првпат овие групи да се активираат за време на кризни ситуации во односите со соседите на Србија. Тие се приклучија кон националистичката реторика во почетокот на септември 2021 година за време на тензиите и инцидентите во Цетиње, што следеше по устоличувањето на митрополитот на Српската православна црква, Јоаникиј.

И руските контроверзни медиуми се фокусираат врз Косово

Настаните на северот на Косово внимателно ги следи порталот NewsFront. „Заедницата на српските општини е забранета на Косово“, „Курти се подготвува за нова криза“, се некои од насловите на тој портал.

Фејсбук во април 2020 година објави дека отстранил мрежа од сметки и страници од Русија, кои, меѓу другото, биле објавени на српски јазик, како дел од нејзините напори да ги запре координираните кампањи кои бараат да се манипулира со јавната дебата. „Ја најдовме оваа мрежа како дел од нашата внатрешна истрага за координирано неовластено однесување во регионот“, се вели во извештајот на Фејсбук.

Информации од северот на Косово објавува и порталот Катехон, чии претставници се: рускиот бизнисмен познат по врските со Кремљ и застапување на конзервативни и националистички ставови, Константин Малофеев и Александар Дугин, истакнат националистички идеолог поврзан со Кремљ. Во еден од текстовите стои дека „тролањето на Албанците ја принуди Србија да се побуни“, а порталот известува и за движењето на српската војска кон границата со Косово.

И тоа не е крај

Косовскиот премиер Албин Курти на својот профил на Фејсбук на 25 септември напиша дека некои „криминалци со екстремистички ставови“ учествувале во блокирањето на премините на северот на Косово.

„Владислав Дајковиќ, црногорски државјанин, влезе во Косово на 22 септември 2021 година, преку граничниот премин Јариње и им се придружи на демонстрантите. Тој има и српско државјанство“, напиша Курти со објавените фотографии на Дајковиќ. „Дајковиќ е исто така член на руското Империјалистичко движење, кое САД го прогласија за терористичка организација“, се вели во соопштението на Курти.

Косово бара од Србија намалување на тензиите на границата

Дајковиќ, кој инаку е политички активен во блокот партии кои се опозиција на претседателот Мило Ѓукановиќ, реагираше истиот ден и на својот Фејсбук профил изјави дека не е екстремист и дека не е руски платеник.

„Јас сум обичен млад Србин од Црна Гора, кој отиде во Косово и Метохија за да се ракува и да ги прегрне на своите огништа своите браќа Срби, кои се борат за човекови права“, напиша тој, додавајќи дека косовските власти му забраниле влез на Косово.

Во својата изјава истиот ден, претседателката на Косово, Вјоса Османи, ја повика меѓународната заедница да не ја игнорира, како што рече, тенденцијата на Русија и Србија да го дестабилизираат регионот и да им наштетат на Европската унија и НАТО.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG