Достапни линкови

Рудникот за литиум на Рио Тинто предизвика гнев во Србија


Пред куќата купена од Рио Тинто во Горње Недељице е поставен знак „Забранет е пристап на неовластени лица“.
Пред куќата купена од Рио Тинто во Горње Недељице е поставен знак „Забранет е пристап на неовластени лица“.

Рударски потфат вреден повеќе милијарди долари станува симбол на јавен отпор, бидејќи владејачката партија во Србија протурка закони што ќе го олеснат надминувањето на јавното противење на таквите проекти. Невена Богдановиќ и Енди Хејл

Златко Кокановиќ живее на идиличен дел од западна Србија, за кој инвеститорите се надеваат дека ќе го трансформираат во најголемиот рудник за литиум во Европа. Ветеринар и фармер, него не го интересира дека со рудникот ќе бидат отворени 1.000 работни места што ги ветува англо-австралискиот гигант за метали и рударство Рио Тинто.

45-годишниот татко на пет деца само сака да го задржи својот дом покрај околу 200 соседи во селото Горње Недељице, во близина на Лозница во плодната долина Јадар. „Целиот мој имот е во зоната на рудникот -- планираните депонии и друга инфраструктура“, изјави Кокановиќ за РСЕ.

Планот на Рио Тинто од 2,4 милијарди долари е да ја „направи Србија главен глобален производител“ на мекиот метал што е важен за растечката светска флота на електрични возила. Во 2004 година, локалната подружница Рио Сава откри литиум во нов минерал кој оттогаш го доби името „јадарит“ по регионот.

Рио Тинто сè уште нема објавено студија за влијанието врз животната средина за да може српската јавност да ја разгледа подетално, иако се надева дека ќе започне со изградба на рудникот следната година, а ќе го пушти во функција до 2026 година.

„Не - рудник, да - живот“, пишува на плакатот поставен покрај патот во селото Горње Недељице.
„Не - рудник, да - живот“, пишува на плакатот поставен покрај патот во селото Горње Недељице.

Проектот за рудникот Јадар предвидува преселување на околу 50 домаќинства во Горње Недељице и две други села -- Слатина и Брезјак -- со вкупно население од околу 1.000 луѓе. Треба да се купат уште околу 330 парцели од нивните сопственици за да се направи простор за големиот подземен рударски комплекс од 250 хектари.

„Сè уште имам куќа и градина. Да живееш на село и да немаш земја -- тоа е како некој да ти ги отсече рацете и нозете. Не можеш ништо да правиш“, вели Кокановиќ.

Протест во Белград против измени на законите за експропријација и референдум

Но, дали овој и другите тековни спорови за неколку спорни потфати поддржани од странство можат политички да им наштетат на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата владејачка партија додека ги очекуваат тројни избори за само неколку месеци?

Од очај и заедно со најмалку 10.000 други жители под здружението наречено Лозница против Рио Тинто, Кокановиќ се сврте кон активизам за да се бори против проектот. А Лозница, град со околу 80.000 жители, не е сама.

селото Горње Недељице каде компанијата Рио Тинто планира да изгради рудник
селото Горње Недељице каде компанијата Рио Тинто планира да изгради рудник

Противење во Србија имаше и околу неколку потфати поддржани од Кина, вклучително и рудникот за злато и сребро што беше отворен пред еден месец во близина на Бор, челичарницата која крева црвен прав над селото Радинац, и планираната фабрика за гуми која е обвинета дека користела „ропска“ виетнамска работна сила за нејзината изградба во Зрењанин.

Поврзување на точките

Интензивните протести поради потенцијалните последици за Србите од таквите индустриски проекти поддржани од странство се проширија и во главниот град.

Големи демонстрации и сообраќајни блокади избувнаа во Белград и во другите градови додека илјадници Срби изразија гнев поради усвојувањето на двата предлог-закона, спонзорирани од владата, едниот за воспоставување нови правила за експропријација на приватната сопственост, а другиот за елиминирање на прагот на излезност на националните референдуми.

Новата легислатива може значително да ги олесни пречките за рудникот Јадар -- вклучително и со принудување на Кокановиќ да ја напушти земјата -- и за другите странски инвестиции на кои српската влада им се додворува.

демонстранти го блокираа главниот автопат во Белград и неколку градови во Србија, протестирајќи против проектот на англо-австралискиот рударски гигант Рио Тинто
демонстранти го блокираа главниот автопат во Белград и неколку градови во Србија, протестирајќи против проектот на англо-австралискиот рударски гигант Рио Тинто

Демонстрантите ги наведоа стравувањата од животот во „окупираната“ земја и референците на „опасниот воздух“ што ја рангира Србија меѓу најзагадените места во Европа.

Многу од демонстрантите и граѓанските здруженија кои се мобилизираа во Белград, повикуваат на прекин на проектите кои дополнително ја оштетуваат српската животна средина. Експертите ги припишуваат проблемите со загадувањето на големата зависност од јаглен, кој покрај сулфур исфрла ситни честички, слабите регулативи и експлозијата на бројот на возила.

Вучиќ се уште не го потпишал Законот за експропријација

Со право или не, демонстрантите ги поврзуваат точките помеѓу консолидацијата на власта од страна на Вучиќ и неговата популистичка Српска напредна партија (СНС), неизвесноста околу условите што им се нудат на странците со длабок џеб и децениското запоставување на животната средина што придонесе за огромното загадување.

„Поголема од која било политика“

Аналитичарите долго време ги наведуваат демократското назадување, заробувањето на државата, економската стагнација и демографскиот пад меѓу најголемите предизвици на Србија. Во поново време тие на листата го додадоа и уништувањето на животната средина.

„Имаше ваков тренд и претходно, но во последно време гледаме дека навистина ги поттикнува и мобилизира масите“, вели Александра Томаниќ, извршен директор на Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ), кој промовира демократија во регион. Работата на EФБ вклучува проект за чист воздух за да помогне во справувањето со проблемот со загадувањето низ целиот регион.

Златко Кокановиќ се спротивставува на плановите на Рио Тинто да изгради рудник за литиум во западна Србија.
Златко Кокановиќ се спротивставува на плановите на Рио Тинто да изгради рудник за литиум во западна Србија.

Светската здравствена организација проценува дека илјадници луѓе во Србија годишно умираат од штетните ефекти на загадувањето на воздухот. „Последните протести може да се видат во овој контекст -- тоа е буквално борба за основното човечко достоинство, многу поголема од која било политика“, вели Томаниќ.

Една од трите водечки светски компании за метали и рударство, Рио Тинто вети дека ќе ги одржува локалните и ЕУ еколошките стандарди во Јардар. Извештаите за наводни финансиски и други неправилности меѓу холдинзите во Рио Тинто ширум светот би можеле да ја интензивираат српската јавна дебата.

Но, Томаниќ го наведува наводното недејствување на српската влада пред постојните закани како што се квалитетот на воздухот и водата, и вели дека „валканите инвестиции се продаваат како зголемен број вработувања што ќе донесат подобрување на условите за живот“. „Тоа за жал не е точно“, вели таа.

„Стратешки важно“

Српската премиерка Ана Брнабиќ експлицитно отфрли каква било поврзаност помеѓу плановите на Рио Тинто и новото законодавство за референдум и експропријација. Таа рече дека Рио Тинто и Рио Сава го купиле целото земјиште што го поседуваат досега -- околу 40 насто од она што на крајот им е потребно -- и прогнозираа дека „ниту една парцела не треба да се експроприра“.

Но, и двата закона би можело значително да ги олеснат пречките за рудникот Јадар -- вклучително и со принудување на Кокановиќ да ја напушти неговата земја.

Кинескиот „нов пат на свилата“ поплочен со јаглен на Западниот Балкан

Вучиќ, кој вети дека „ништо во врска со Рио Тинто нема да се случи додека народот не одлучи“, го потпиша нацрт-законот со кој се елиминира минималната излезност на референдум речиси веднаш откако сојузниците во неговата доминантна партија СНС го одобрија. Тој на 30 ноември рече дека „се чини“ веројатно оти ќе го стори истото со нацрт-законот за експропријација, што ќе значи принудна продажба на имот за кој се смета дека е од јавен интерес.

Вучиќ ги обвини протестите на „мал број луѓе“, а блокадите на патиштата ги оцени како прекршување на уставот на Србија и слободата на движење на другите граѓани. Министерката за енергетика, развој и заштита на животната средина Зорана Михајловиќ го нарече рудникот Јадар „стратешки важен“ за земјата.

Еко активисти протестираат против загадувањето на воздухот, Белград, 28 ноември 2021 година
Еко активисти протестираат против загадувањето на воздухот, Белград, 28 ноември 2021 година

Владејачката партија СНС моментално има цврста контрола врз власта што повеќето аналитичари очекуваат да продолжи кога Србите ќе излезат на претседателски, парламентарни и локални избори во април 2022 година.

Еколошки организации блокираа патишта во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:17 0:00

Вучиќ и Брнабиќ поминаа години обидувајќи се да отворат нови патишта за странски инвестиции во Србија за да ја поттикнат економијата повредена од корупцијата и инфраструктурните проблеми, како и од одливот на мозоци.

Тие и нивните сојузници се чини дека се коцкаат со тоа што околу 7-те милиони жители во земјата се заинтересирани за надворешни инвестиции, но и уморни од бавноста за да испитаат недостатоци на проекти како што е рудникот Јардар.

Стратегијата би можела да се исплати, при што Светска банка неодамна предвиде забрзување на економскиот раст до 6 насто за годинава и 4 насто на среден рок. Но, менаџерот на Светска банка, Никола Понтара вели дека покрај другите подобрувања, на Србија добро ќе ѝ служи „зелена транзиција“ и „акцент врз помалку загадувачки и енергетски поефикасни индустрии“.

Предупредување за „радикализација“

Засега, еколошките критичари на владата на Србија се упорни. Најмалку 280.000 луѓе потпишаа онлајн петиција во која ги повикуваат Брнабиќ и Михајловиќ „да го запрат рудникот за литиум“ и им порачаа на нејзините потенцијални инвеститори „да излезат од Србија“.

Во тек е уставно оспорување за одлуката за рудникот Јадар, односно дека таа била донесена без никаква проценка на неговото влијание врз животната средина.

И групата наречена Здружение на еколошки организации на Србија (СЕОС) се закани дека ќе ја засили својата работа, организирајќи блокади на патиштата и други радикални тактики. Таа ги обвини функционерите за „срамно преобликување на уставот прилагодено на мултинационалните компании“.

„Ако спорните законски измени не бидат повлечени во наредните денови“, соопшти групата на 28 ноември, „ќе бидеме принудени да ги радикализираме блокадите додека не се исполнат барањата“. СЕОС ги осуди нападите врз демонстрантите од страна на полицијата и други лица.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG