Достапни линкови

ЕУ предупредува на руска дезинформациска кампања за КОВИД-19


Руски и проруски медиуми започнаа „значајна кампања за дезинформација“ против Западот за да влијаат на ситуацијата со коронавирусот, да создадат паника и да сеат недоверба, се вели во извештај на Европската унија, објави новинската агенција Ројтерс, која тврди дека имала увид во докумнетот.

„Објавувајќи лажни вести на англиски, шпански, италијански, германски и француски јазик, руската кампања користи контрадикторни, збунувачки и злонамерни извештаи за да ѝ отежни на ЕУ во справувањето со пандемијата. Во тек е значајна кампања за дезинформација на руски државни и про-Кремљ медиуми во врска со КОВИД-19“, се вели во извештајот, пишува Ројтерс. Според новинската агенција, внатрешниот документ на ЕУ, од девет страници, е со датум 16 март 2020 година.

„Главната цел на дезинформирањето на Кремљ е да ја влоши јавната здравствена криза во западните земји и е во согласност со пошироката стратегија на Кремљ да се обидува да ги поткопа европските општества“, се вели во документот на кој се повикува Ројтерс и додава дека експерти од ЕУ регистрирале речиси 80 случаи на дезинформации за коронавирусот од 22 јануари наваму.

Од Европската служба за надворешно дејствување одбиле за Ројтерс директно да го коментираат извештајот, но, како што вели Ројтерс, портпаролот на службата рекол дека ЕУ е во контакт со Гугл, Фејсбук, Твитер и Мајкрософт за „ширењето на дезинформациите околу КОВИД-19“.

„Про-Кремљ пораките за дезинформации имаат наратив дека коронавирусот го создал човекот како оружје на Западот. Ова се вели во извештајот, најпрво цитиран од Фајненшал тајмс“, пренесува Ројтерс и додава дека во истиот извештај „ сецитирани лажни вести создадени од Русија во Италија, дезинформации за Словачка и други лажни вести“.

Кремљ денеска ги негираше тврдењата дадени во документот на ЕУ дека управува со кампања за дезинформација на руските медиуми со цел да се влоши влијанието на коронавирусот на Западот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека тврдењата се неосновани и немаат здрав разум.

„Повторно зборуваме за некои неосновани обвинувања, кои веројатно се резултат на антируска опсесија“, рече Песков.

XS
SM
MD
LG