Достапни линкови

Дезинформациите опасни колку и коронавирусот


Излог на аптека во Скопје
Излог на аптека во Скопје

Борбата за спречување на ширењето на заразата со короновирус вклучува и борба против лажните вести и против оние кои не ги почитуваат мерките за заштита од вирусот.

Откако властите најавија дека ќе се следат и казнуваат луѓето кои на социјалните медиуми објавуваат дезинформации, односно невистини за вирусот, како и медиумите кои истите тие дезинформации ги пренесуваат, ширењето на лажни вести и дезинформации за болеста си најде нови канали. Гласовна порака со препораки против коронавирусот се шири преку Вибер, дека бројката на починати во Италија е и поради употреба на ибупрофен, но дека тоа се држи во тајност, оти не и оди во прилог на фармацевтската индустрија.

Но препораките за ибупрофенот воопшти не се тајни, а за тоа се изјасни и Светската здравствена организација (СЗО). Преку соопштение повикаа оние кои мислат дека имаат коронавирус да не земаат ибупрофен, без да се консултираат со лекар, бидејќи во тек се испитувања за можните негативни ефекти. Од СЗО препорачуваат да се зема парацетамол.

По социјалните мрежи се споделуваа и наводни препораки, а како извор се наведуваше УНИЦЕФ за што треба да се прави против вирусот. Објавата вклучуваше совети да се носат маски, што, исто така, претходно беше отфрлено од медицинските власти, да се прави гаргара со топла вода и сол, да се избегнува ладна храна и пијалаци, вклучително и сладолед.

Партиција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава, преку допис до медиумите реагираше дека УНИЦЕФ не е извор на овие објави. Таа апелира пред да се споделуваат информациите прво да се проверат на некоја од доверливите веб страници, како оние на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ.

„Ширењето дезинформации во време на здравствена криза прави луѓето да бидат незаштитени и поподложни на болеста, а дополнително шири параноја, страв и стигматизација“, реагираат од УНИЦЕФ МК.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов вели дека властите мора да се наоѓаат креативни начини пораките за спречување на коронавирусот да допрат до секого.

„Секој од нас има различно ниво на образование, знаење, предзнаење, свесност, кругови, не смееме да осудуваме, мора да се погрижиме сите да ја добијат потребата информација за свој разбирлив начин“, вели тој.

Кордалов дели дека информациите треба да се повторуваат, да сенаоѓаат интерактивни содржини, да се користат сите алатки при информирањето. Тој вели дека битката со лажните вести е повеќеслојна и дека неа истовремено ја водат и институциите и социјалните мрежи и самите поединци.

„И само во таква позитивна спрега, во која ќе бидеме сите вклучени и во која секој ќе ја препознае својата улога ќе можеме да ги намалиме ризиците од лажните вести. И кого и да прашате, особено од оваа струка за справување со лажните вести, ќе ви каже дека најдобриот начин за борба со дезинформации е со многу точни и проверени информации“, вели тој.

Во меѓувреме се води битка и со непочитувачите на владините препораки за спречување на ширење на болеста. Читатели на Радио Слободна Европа сведочат дека Македонец кој пред една недела се вратил од Милано и за тоа се пофалил на Фејсбук не се придржува до домашна изолација. Го виделе како пазарува во локалната продавница и се шета низ маало, што ги исплашило жителите на околните згради. Слични информации доаѓаат и од други градови. Претходно, двајца пациенти кои се вратиле од Италија избегале од Штипската болница, но за среќа беше утврдено дека немале коронавирус. Дел од медиумите објавија дека повратници од странство во скопски Сингелиќ избегале од епидемиолозите кои дошле да ги тестираат, и оти слични случаи имало и во струшките села.

Министерот за здравство, Венко Филипче неколкупати на прес-конференција рече дека и до него стигнуваат вакви информации и оти секогаш ги известуваат соодветните служби, прво на локалниот центар на јавно здравје, а доколку е потребно и полицијата. На луѓето кои нема да се придржуваат до владините препораки за самоизолација од 14 дена по враќањето од земји со среден и висок ризик од коронавирус им се заканува до една година затвор. Со санкции за прекршителите се закани и премиерот Оливер Спасовски.

МВР веќе регистрира неколку случаи на непочитување на мерките за самоизолација. И министерот за внатрешни работи Наќе Чулев апелираше да се почитуваат мерките, а повика и граѓаните кои ќе забележат случаи на непочитување на мерките истите да ги пријават преку електронска пошта или телефон. МВР за таа намена отвори телефонска линија и електронска пошта за информации за коронавирусот и за пријавување на прекршоци. Од 18 март функционира бесплатната телефонската линија 0800 00 201 и мејлот mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk каде граѓаните (на македонски и албански јазик) ќе можат да добијат соодветна информација во однос на функционирањето на услугите и сервисите на МВР во претстојниот период согласно состојбата со коронавирус и препораките на Владата. На бројот или пак на мејлот граѓаните ќе може да пријават луѓе кои ги прекршуваат на мерките.

Коронавирусот е нова нормалност – тука е за да остане
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:12 0:00

Универзитетскиот професор Ѓорги Тоновски вели дека паниката од вирусот треба да се бара во човечката природа, оти човекот е секогаш внимателен кога станува збор за нешто ново. Според него, проблем е што граѓаните и покрај советите на докторите реагираат по сопствено убедување.

„Доколку се почитува медицинската и научната јавност, кои секојдневно се обраќаат во јавноста и објаснуваат каква е природата на вирусот и како луѓето може да се заштитат, користејќи ги при објаснувањето вообичаените начини за заштита од типот на искашлување во марамче и секојдневно миење на рацете, и ако луѓето ја почитуваат медицинската и научната јавност тогаш мислам дека ваквата паника би била помала“, вели професорот Тоновски.

Тој апелира и да не се злоупотребува ситуацијата со коронаворусот од медиумите, оти, како што вели, во некои медиуми при известувањето се забележува доза на сензација и неетичност.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG