Достапни линкови

Рахиќ – Телефон во Шутка нелегално се набавува за околу 200 евра


Рахиќ - Тепачката со Јанакиески и Ристовски беше местенка за да излезат од притвор
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:51 0:00

Рахиќ - Тепачката со Јанакиески и Ристовски беше местенка за да излезат од притвор

Има, како и секаде, една одредена мала група корумпирани луѓе коишто работат тука и коишто успеваат да „бутнат“ по некој телефон. Ние вршиме редовни контроли, одземаме дел од тие телефони и ги санкционираме виновниците, вели директорот на Истражниот затвор Скопје во Шутка, Есад Рахиќ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Рахиќ, зад решетки се наоѓа специјалната обвинителка Катица Јанева, којашто е осомничена во случајот Рекет. Каков третман добива таа во женското одделение?

Госпоѓа Катица Јанева не е во женско одделение, таа е во еден посебен оддел каде што според безбедносната проценка на затворската управа има друг третман, од безбедносен здравствен и секаков друг аспект.

Што значи тоа, дали таа е сама во ќелија?

Во принцип, ниедно притворено лице не е само, секогаш мора да има уште еден. Меѓутоа, со оглед на тоа што станува збор за личност која била специјален јавен обвинител, посебен општествен интерес, бидејќи тоа така брзо е направено, ние сметавме дека во еден временски период треба да направиме комплетна безбедносна и здравствена проценка и слично и госпоѓата да биде сместена на адекватно место. Ние сме малку ограничени со тие сместувачки капацитети, ние имаме три одделенија и за жал после подолго време, прв пат во историјата на притворот и на затворот се случува да имаме некаде околу 18-20 жени, најмногу имало по 3-4. Тоа се поголеми одаи, да не речам ќелии, во кои има по 4,5 или 6 жени. Малку е незгодно, има разни профили на жени внатре, имате женски лица судени за убиство, имате за изнуда и малку е тешко да вклопите еден таков профил како госпоѓа Јанева меѓу тие лица, но ние си ја вршиме нашата работа, така што таа е сместена на најдобар начин на кој што можеме да го направиме.

Може ли да ни откриете кој сè е сместен во хашкото одделение?

Вие претпоставувам прашувате за ВИП личности. Таму во моментов од 20-тина притвореници, еден или двајца се ВИП. Имате одаи во коишто се сместени тројца луѓе за коишто немате претстава кои се. Тоа не е воопшто поради ВИП, туку поради одредени проценки.

Вашиот претходник поднесе оставка поради тепачката меѓу поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски со други притвореници. Дали вие сега може да ја гарантирате безбедноста на сите притворени и осудени?

Господинот Котевски пред мене коректно си ја вршел работата. Мислам дека тоа е сплет на несреќни околности, да не кажам една класична местенка изрежирана да се случи тоа за дел од тие што учествуваа во тепачката да излезат надвор.

Неодамна во медиумите се појави фотографија од притвор од осомничениот Боки 13 во случајот Рекет. Претходно беше објавена и фотографија и од поранешниот министер Митко Чавков. Што преземате за да не се повтори вакво нешто?

Многу е тешко да се контролира нешто што е ендемско. Има, како и секаде, една одредена мала група корумпирани луѓе коишто работат тука и коишто на разни начини се снаоѓаат и успеваат да „бутнат“ по некој телефон. Ние вршиме редовни контроли, одземаме дел од тие телефонски апарати и тие кај коишто се наоѓаат се санкционираат. Во моментов се води постапка против еден затворски чувар. Има дадено изјава од притворено лице, каде што тој земал пари, а не испорачал телефон и не ги вратил парите и ние ги информиравме надлежните органи за тоа лице за да биде санкционирано. Тоа е обид на оваа управа, за нешто што лично сметам дека е аномалија, ќе се обидеме да ја исправиме.

Колку чини нелегално да се набави телефон во затвор?

Зависи. Зависи од корисникот на телефонот, колку му треба, кој е корисникот и каков телефон, 200 евра, па и повеќе, или помалку.

Колку телефони сте заплениле?

Па минатата недела мислам дека околу 10-15.

Целото интервју со директорот на истражниот затвор Скопје може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG