Достапни линкови

Растат платите ама и трошоците


Зелен пазар

Платите статистички растат побрзо во споредба со трошоците за живот, но колку тоа е реално? И минималната и просечната плата во изминатите 4 години пораснале за околу 5000 денари, а потрошувачката кошничка поскапела за 2000 денари. Но колку и да пораснелае платите, ниту две минимални не се доволни да се покријат месечните трошоци.

За околу 5000 денари пораснала и минималната и просечната плата во земјава откако СДСМ е на власт, од крајот на април 2017-та. Оттогаш, пак, потрошувачката кошничка, што ја мери Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) се зголемила за 2100 денари, од кои само во последната година е порасната за повеќе од 800 денари. Во тој период од четири години трошоците за живот, според Завод за статистика, пораснале за 8,5 отсто, односно ако пред четири нешто чинело 1000 денари, сега за истото ќе треба да платите 1085 денари. Но, колку и да пораснале платите, ниту две минимални плати не се доволни за да се покрие месечната потрошувачка кошничка. Најголем дел од потрошувачката кошничка, над 70 отсто оди за храна и пијалоци и за домување, останатото се троши на хигиена, превоз, обувки и облека, и сосема мал дел за култура и за одржување на здравјето.

Според податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, најмногу поскапел зеленчукот - 15,8 проценти, а минимално поскапеле и сирењето, месото, лебот, млекото.

Од ССМ сметаат дека е оправдано нивното барање минималната плата да биде најмалку во висина од 60 проценти од просечната плата, бидејќи две минимални плати не се доволни за да ја покријат синдикалната минимална кошница.

„Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот и цени тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница. Ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира, односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните“, предупредуваат од ССМ.

Професор Марјан Петрески од Американ колеџ за РСЕ вели дека кога се зборува за растот на платите, обично се гледа само просекот, кој несомнено порасна значајно во последните години. Во 2020 и до денес, платите пораснаа во сред пандемија, што е на прв поглед парадоксално, меѓутоа има соодветно објаснување, вели тој.

„Прво, изгубените работни места, околу 15.000 беа претежно нископлатени, па нивното отсуство од дистрибуцијата на платите прави просекот да се зголеми. Второ, на почетокот од 2020 започна мерката за субвенции на придонеси на плати, за раст на платите во рангот од 600 до 6000 денари, што имаше цел да стимулира формализација на дел од платите кој се исплаќал во плико, но и да стимулира општ пораст. Трето, во пандемијата имаше дејности, како ИТ и финансии, кои мошне добро котираа и остварија значаен пораст на нивната додадена вредност, па платите таму растеа со многу солидна динамика“, вели Петрески.

Од друга страна, вели Петрески во тек на летото, има раст на ценити на производите, а за некои производи растот започна и нешто порано. Тоа се должи на моментална неурамнотеженост помеѓу понудата и побарувачката кај повеќе стоки, што беше детерминирано од пандемијата. Кога попуштија стегите од пандемијата, побарувачката се зголеми несразмерно во однос на постојната понуда. Оттука, очекувам дека во разумен рок овие нерамнотежи ќе се испеглаат“, вели Петрески.

Но за да се даде одговор на прашањето зошто платите растат побрзо од цените, а се стекнува впечаток во реалноста дека е обратно, потребно е да се погледне дистрибуцијата, а не просекот, вели професорот.

„Во Македонија, се уште околу 70 отсто од примателите на плата имаат износ понизок од просекот, а и обемот на приматели на минимална плата е мошне голем. Губењето работни места во 2020 беше кај нископлатените работници, се намалија и приходите остварени во неформалната економија. За таквите индивидуи и домаќинства, уделот на храната во потрошувачката кошничка е висок, па поместувањата на цените кај тие артикли има поголемо релативно значење за нив, отколку она што го гледаме низ просекот, односно тие многу потешко ги чувствуваат тие порасти врз нивниот буџет“, вели професор Петрески.

Минималната плата во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше 9000 денари, а во времето на СДСМ е 14.500. Просечната плата во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше 22.445. а сега е 27.540 денари, се фали сега владејачката партија, СДСМ. Премиерот Зоран Заев на официјалната Фејсбук страница се пофали и за раст на БДП-то, пад на невработеноста, зголемените плати.

Гордана Димитриеска-Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на својата Фејсбук страница се осврнува на пишувањата на премиерот за економските успеси. Кочоска меѓу друго пишува дека изјавите за повисоките плати се лудост.

„Најголем дел од платите стагнираат или се намалуваат, а растот на просечната плата по вработен на ниво на економија е заради бришење на ниско платените сега невработени од пресметката?“, пишува Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Минималната плата ја воведе ВМРО-ДПМНЕ во јануари 2012, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија, кои оваа сума ја постигна во 2015. Просечната, пак, плата во јануари 2012 била речиси 21 илјада денари, а потрошувачката кошница изнесувала 30.915,00 денари.

Кога СДСМ дојде на власт во 2017 минималната плата изнесуваше 10.080 денари. СДСМ направи влада на крајот на април, тогаш Синдикалната кошничка изнесувала 32.233 денари. Просечната плата во април 2017 била 22.672 денари.
Од септември 2017 минималната плата е покачена на 12 илјади денари, следните две години пораснала за 500 денари, и од декември 2019 минималната плата е 14.500 денари. Тогаш синдикалната потрошувачка кошничка изнесувала 32 732 денари.

Ако во 2012 за една потрошувачка кошничка биле потребни 3,8 минимални плати, во 2019 биле потребни 2,25 минимални плати.

Од април годинава минималната плата изнесува 15.194 денари. Последните податоци за потрошувачката кошничка се за август кога таа изнесувала 34.342 денари. Последните податоци за просечната плата, пак, се за јуни годинава, кога таа изнесувала 28.744 денари.

Растот за просечната плата за време на пандемијата, работодавачите неодамна за РСЕ го препишаа на отпуштањето на работници, особено на они со ниски примања.

„Тоа се случи дури и кај нас во компанијата. Ние имавме една одлука за прогласување технолошки вишок, односно отказ од деловни причини, и нормално е, според критериумите, оние најнеуспешните, најлошите работници да заминат. Веднаш наредниот месец просечната плата во фабриката се зголеми за 7 отсто. Тоа се случува и на ниво на државата“, рече Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Просечната плата се пресметува така што се собираат сите плати и се делат со бројот на вработени. На пример, ако има тројца вработени, од кои едниот со плата од 55 илјади денари, другиот со 35, а третиот со плата од 15 илјади денари, тогаш нивната просечна плата е 35 илјади денари. Но, ако вработениот со плата од 15 илјади денари ја изгуби работата, тогаш остануваат двајца вработени со плати од 35 и 55 илјади денари, и нивната просечна плата е 45 илјади денари, односно 10 илјади денари повисока до претходно.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG