Достапни линкови

„Предизборен поткуп“ гледан од позиција на власт или од опозиција


Илустрација - Вработени во државна администрација
Илустрација - Вработени во државна администрација

Парични награди на административци во 30 институции со што се врши предизборен поткуп, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Владината уредба објавена во Службен весник ден пред распишување на локалните избори наградува вработени со додаток од 15 до 30 отсто од основната плата. Дали станува збор за предизборен поткуп?

Во март 2015 година тогашниот прв човек на опозицијата, а сегашен премиер Зоран Заев беше доста гласен кога ја обвинуваше власта на ВМРО-ДПМНЕ за задолжувања во функција на предизборен поткуп. Една од таканаречените аудио бомби кои ги пушташе на прес конференции во партиското седиште беше посветена токму на како што рече „злоупотребите на Груевски и тесната група на власт при изборните процеси и грабежите на изборни циклуси во Македонија, незапаметени во светски рамки“.

Преку разговорите на кои се слушаа гласовите на тогашните владини и партиски челници на ВМРО-ДПМНЕ тој на јавноста сакаше да и прикаже дека власта ги манипулира изборите преку фалсификати на лични документ, притисоци, поткуп на гласачи....

„Ќе ги искористиме сите законски и демократски механизми за да спречиме изборна корупција, залоупотреба на парите на граѓаните за изборни цели и ново задолжување на граѓаните“, рече Заев подоцна истата година на прес конференција на која бараше од Државната изборна комисија да стави вето на ново задолжување на владата на Груевски.

Истата 2015 година тогашниот премиер Груевски во пресрет на парламентарните избори ги зголеми пензиите, нудеше поволности за нови вработувања, ги намали казните за фирмите, што тогашните опозиционери го сметаа за предизборна корупција и мешање на партијата и државата.

Сега, пак, ВМРО-ДПМНЕ исти обвинувања упатува кон Заев како премиер.

„Во недостиг на проекти кои ќе донесат добробит за граѓаните, Зоран Заев почна со предизборен поткуп и тоа внимавајте, селективно само во некои институции. И додека нема пари за раелни проекти за протипожарна опрема, сервисирање на истата, наоѓа начин селективно да си наградува лица и институции, предизборно да прави предизборен поткуп“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Уредбата со која ќе бидат наградени вработените во сите министерства и други државни институции кои извршувале специфични работни задачи, имале зголемен обем на работа, поради унапредување и давање успешни и квалитетни услуги на граѓаните и фирмите е објавена во Службен весник еден ден пред распишување на локалните избори кои претседателот на парламентот Талат Џафери ги распиша во петокот. Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври, а овие вработени ќе добијат додаток од 15 до 30 отсто од основната плата, нешто што за опозицијата е предизборен поткуп.

Според поранешната членка на Државната антикорупциска комисија Вања Михајлова тоа што одлуката се носи ден пред распишувањето на локалните избори може да упатува на предизборен поткуп.

„Од друга страна мислам дека и наградувањето ќе биде многу субјективно. Има вработени во институциите, особено во одбрана, МВР кои што би требало да се наградат меѓутоа, не знам што повеќе работат во Министерството за политички систем, која е таа прекувремена работа? И оставањето на раководителот да прави список кој треба да биде награден веќе зборува за субјективизам“, вели Михајлова.

Според неа, за да се надмине ваквото вртење во круг во кое оној што е во опозиција го обвинува оној на власт дека прави предизборен поткуп, а праксата ја продолжува кога ќе дојде на владејачката позиција, потребни се системски решенија. Со нив вели таа треба да се утврди како ќе се наградува некој вработен во администрацијата, а како ќе се казнува.

„Инаку вака е со години, само на одредени луѓе се дава надоместок или награда и тоа апсолутно значи купување послушност и поткуп“, вели Михајлова.

Инаку, ова не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да го обвинува Заев за предизборен поткуп. Слични обвинувања имаше и на минатите предвремени парламентарни избори, а во пресрет на сегашните локални лидерот Христијан Мицкоски обвини и дека градоначалници од СДСМ делат пакети од Министерството за труд и социјала кои се дел од програмата на Светска Банка на социјално ранливи категории.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG