Достапни линкови

Рамковен договор по мерка на дневно-политичките интереси


Потпишување на Охрискиот рамковен договор на 13 август 2001 година

Пред деветнаесет години, на 13 август 2001 година, во претседателската резиденција на Водно во Скопје беше потпишан Охридскиот рамковен договор. Договорот стави крај на воениот конфликт и ги смири меѓуетничките односи во земјата. Истиот ја ужива поддршката од Меѓународната заедница и од поголем дел од партиите од македонскиот и албанскиот политички блок, како рамка за развој на државата.

Деветнаесет години по потпишувањето на договорот со кој се стави крај на воениот конфликт во 2001 година, мислењата за тоа дали тој ја постигнал својата цел во однос на реализацијана обврските што произлегуваат од него, остануваат поделени.

Договорот несомнено донесе мир, велат дел од искусните политичари и аналитичари, но перцепцијата на албанските политички партии е дека договорот останува отворен за нови барањаи негово проширување, вели поранешниот собраниски спикер Тито Петковски.

„Ако една од најголемите придобивки од договорот е мирот, стабилноста, да нема воени дејствија, останатото според политичките партии од албанскиот кампус остана како обврска, како еден вид можност постојано да пенетрираат со нови барања преку тој договор за кои мислам дека немаат смисла. Значи, позитивната улога на договорот беше имплементацијата на мирот, но сега гледам дека за кое било прашање ако не им се одговори позитивно од другата страна на Владата постојано бараат проширување на договорот, што е непринципиелно и претставува непочитување на партнерите кои учествуваа во потпишувањето на договорот“, вели Петковски.

Универзитетскиот професор Мерсел Биљали укажува на недостигот на капацитет на политичките лидери да го спроведат договорот со предвидената динамика, па токму затоа вели дека премногу се доцнело и со нормативниот, но и со практичниот дел од имплементацијата на рамковниот. Сепак оценува дека истиот помогнал во дадениот момент државата да тргне кон рационалниот пат. Истиот, посочувавели Биљали, помогнал во релаксирање на меѓуетничките односи.

„Мислам дека во голема мера помогна во таа насока. Можеби ќе требаше многу години да загубиме за тоа, некако ги приземји сите етнички заедници да живеат еден покрај друг, да комуницираат и да можат да ги разберат проблемите на едните или другите. Мислам дека сме на добар пат за создавање на граѓанска функционална држава. Но, сега проблемот е се помалку етнички, туку е се повеќе борба за функционирање на државата и борба со организираниот криминал и корупцијата“, вели Биљали.

Но она на кое укажуваат Петковски и Биљали е честата манипулација со овој договор од страна на политичките партии за дневно-политички цели.

„Тој (договорот) за жал продолжува договорот да се експлоатира за дневно политички цели и тоа ќе биде наша реалност. Се додека е профитабилен, истиот ќе биде експлоатиран од страна на партиите“, заклучува Биљали.

Потсетувајќи на изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети во изборната кампања во која рече дека „во 2001 година Албанците ги победија Македонците“, Петковски укажува на „злоупотребата“ на овој договор низ призма на националистичката реторика.

„Еве на пример и со слоганот Албанец за премиер тој доби многу повеќе гласови отколку што објективно сите анкети покажуваа дека има поддршка од граѓаните. Така што и натаму она што беше смислата на рамковниот договор се злоупотребува максимално“, вели Петковски.

Нашите соговорници велат дека никој не може да предвиди како договорот понатаму ќе се развива во секојдневната динамика. Но, не очекуваат во доглдно време истиот да се промени, затоа што за тоа нема подготвеност во внатрешната политичка структура, но и затоа што тој беше меѓународно гарантиран, па затоа и не може да се очекува лесно да се пристапи кон негова промена.

Инаку пред деветнаесет години преговорите за рамковниот договор, започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13. август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

Целосно и безусловно отфрлање на употребата на насилство за остварување на политички цели, како и целосно сочувување на мултиетничкиот карактер на Решпублика Македонија се само дел од основните принципи кои се наведени во Охридскиот рамковен договор. Меѓу останатите одредби на Рамковниот договор се и развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност и изразување на идентитетот.

Во однос на симболите, Охридскиот договор предвидува непосредно до симболот на Македонија, локалните власти да може на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува индентитетот на заедницата која е мнозинство.

За успешно спроведување на Договорот, подоцна е формиран Секетаријат на Охридскиот рамковен договор, кој е дел од Владата на Република, а започнал да функционира од јануари 2008 година. Секретаријатот има задача да го спроведе целосно договорот и да обезбеди административна и стручна подршка на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на рамковниот договор.

Иако дел од албанските аналитичари забележуваат на бавното спроведување на договорот,како во однос на донесување на измени на закони, така и во однос на вклучување на етничките заедници во јавниот сектор, пред две години беше донесен и Законот за употреба на јазиците, а на 14 јануари годинава тој излезе во Службен весник, но само со потпис од собранискиот спикер Талат Џафери.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG