Достапни линкови

Охридскиот ги амортизираше меѓуетничките односи


Стара скопска чаршија во Скопје

Политичките аналитичари не очекуваат меѓуетничките односи да бидат критична маса за мобилизирање на политичка енергија за остварување на некаква цел. Сепак предупредуваат на можна појава на економски национализам, кој како што велат, е поопасен од кој било друг.

Осумнаесет години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор кој стави крај на воениот конфликт и го донесе мирот во Македонија, аналитичарите оценуваат дека истиот ја постигнал својата цел. Дел од нив не очекуваат меѓуетничките односи повторно да бидат мета за остварување на одредени политички интереси, но други пак, не ги исклучуваат националистичките влијанија.

„Национализмот сѐ уште има големо влијание во македонските политички и општествени процеси и сѐ уште е карта на која националистите играат дека се подредени, сегрегирани итн. И тоа нема да престане, бидејќи им носи поени на оние коишто сметаат дека на прво место треба да биде нивната етничка заедница. Тој процес нема да престане затоа што всушност носи политички профит“, вели поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.

Сепак според дел од експертите, атмосферата во однос на меѓуетничките односи е порелаксирана, бидејќи егзистенцијалните проблеми се сѐ уште во прв план на граѓаните.

„Јас мислам дека врз тој сегмент сега не може да се создаде критична маса за мобилизирање на политичка енергија за да поентирате како власт, да се издигнете како структура или да наметнувате некакви решенија. Мислам дека во иднина најголема грешка која може да се направи во однос на меѓуетничките односи е нерамноправен развој на државата. Ако настојуваме да имаме инвестиции само на една страна од државата, а не и на другата, тоа по автоматизам создава економски национализам кој може да биде многу поопасен од другиот. Значи, во овој момент меѓуетничките барања се условно кажано, амортизирани, вели надворешниот советник во Владата“, професор Мерсел Биљали.

​Петковски уверува дека договорот е целосно реализиран и оти барањата дека истиот не е спроведен во целост се неосновани.

„Јас мислам дека постојано ќе има барања од националистите дека се загрозени и тоа е еден процес кој може да се сопре само доколку расте граѓанската свест и потребата на граѓаните да сфатиме дека Македонија е држава на рамноправни граѓани, независно од етничкото потекло, но за тоа треба и економско-социјални предуслови кои имаат силно влијание врз политичките прилики“, вели Петковски.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери, пак, смета дека Охридскиот рамковен договор е завршена работа, иако како што додава, никој не може да предвиди како понатаму ќе се развива истиот во секојдневната динамика.

„Животот е динамичен и се разбира дека можат да се носат закони во една или друга насока, во полза и интерес на граѓаните. Но, не мислам дека може да се промени или прошири Охридскиот рамковен договор, барем не во догледно време, затоа што за тоа нема подготвеност во внатрешната политичка структура, но и затоа што тој беше меѓународно гарантиран, па затоа и не може да се очекува лесно да се пристапи кон негова промена“, вели Насер Зибери.

​Инаку пред осумнаесет години преговорите за рамковниот договор, започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13. август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

Целосно и безусловно отфрлање на употребата на насилство за остварување на политички цели, како и целосно сочувување на мултиетничкиот карактер на Република Македонија се само дел од основните принципи кои се наведени во Охридскиот рамковен договор. Меѓу останатите одредби на Рамковниот договор се и развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност и изразување на идентитетот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG