Достапни линкови

Со етнички теми во лов по гласови


Меѓуетничките теми се подгреваат пред избори оти носат лесни гласови. Владините коалициски партнери, иако заедно го донесоа Законот за двојазичност, сега не се согласуваат за неговата примена, а се разидуваат и за промената на имињата на училишта во Чаир.

Со меѓуетнички теми лесно се ловат гласови, па партиите тргнуваат со лов на гласови по веќе испробан рецепт. Партнерите во владината коалиција СДСМ и ДУИ првин се „сопнаа“ на двојазични табли, а препукувањата ги продолжија и со промена на имиња на училишта во Чаир.

Национализмот и популизмот секогаш носат лесни гласови, вели аналитичарот Џелал Незири. Тој вели дека полесно е гласачите да се мобилизираат со вакви апстрактни теми, кои будат емоции и страв, одошто да се убедуваат со конкретни програми и проекти.

„Ова многу добро го знаат политичките субјекти, а на некој начин е тестирано и на претходните избори. Ние пред секој изборен циклус имаме отворање на теми кои ги засегнуваат меѓуетничките односи и поттикнување на еден вид национализам кај поддржувачите, со цел да се поттикне борба за зачувување на етничкиот идентитет и други големи каузи, кои немаат никаква врска со проблемите на обичниот граѓанин“, вели тој.

Меѓуетнички теми редовно на изборно мени

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка(МЦМС), вели дека меѓуетничките теми, како и секоја поларизација, секогаш се подгреваат пред избори, оти очигледно партиите сметаат дека со тоа може да заработат гласови. Тој вели дека сепак партиските поделби се на врвот на теми кои предизвикуваат контроверзии, но и меѓуетничките се тука некаде и со нив може да се хомогенизира гласачкото тело на одредени партии.

„Особено ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се активни на тоа по етничка основа да ги хомогенизираат и добијат гласови на таа меѓуетничка тема, односно кревање на тензии за да се демонстрира дека тие партии се бранители на македонштината, односно албанштината. Иако во последно време тоа станува битен фактор, прашање е дали и колку на овие избори ќе влијае, особено по објавувањето на првата мултиетничка коалиција на СДСМ и Беса. Веројатно на ова, како противтежа можеше да се очекува дека ќе биде токму тоа, ако СДСМ пропагира мултиетничност, тогаш и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе одат на моноетничност, односно на прибирање на тие гласови и од едните и од другите, кои не се баш среќни со многу интеграции или со многу дружење со другите“, вели Кржаловски.

Владините коалициски партнери кои заедно го донесоа Законот за употреба на јазиците сега не може да се разберат за двојазичните табли. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека не треба да има двојазични табли во сите општини, односно треба да има само во оние општини каде албанската заедница е повеќе од 20 отсто. Тој рече дека двојазичната табла на Јавното правобранителство во Струмица е грешка и треба да биде отстранета, како што била отстранета таблата во Кочани. Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, кој е портпарол на ДУИ, пак, смета поинаку, но како што рече, за тоа си има надлежни институции и дека тоа не е работа на политичарите. Тој вели дека Законот за јазици јасно дефинира дека во подрачните единици на централните институции кои покриваат најмалку една општина во која албанскиот јазик е службен, односно се над 20 проценти и во таа институција албанскиот јазик е службен.

Владините партнери се разидуваат и за промената на имињата на две основни училишта во скопската населба Чаир - „Рајко Жинзифов“ и „Никола Вапцаров“. Имињата на школите и официјално се со сменети имиња, па сега се викаат „Исмаил Ќемали“ и „Имри Елези“ објави на Фејсбук, министерот за образование Арбер Адеми. Тој објави и документи од Централен регистар со сменети имиња на училиштата.

Коментирајќи го случајот, претседателот на СДСМ Зоран Заев првин рече дека промената на имињата на две училишта во Општина Чаир е спроведена низ незаконска постапка. А следниот ден ретерираше и објави дека по темелна анализа правни тимови констатирале и го информирале оти промената на имињата на двете основи училишта во Општина Чаир е законска.

Советот на Општина Чаир гласаше за промена на овие имиња уште во 2012, беа поставени и нови табли, но административно во документите сè уште стоеја старите називи.

СДСМ, кој е во коалиција со ДУИ, се застапува за „едно општество за сите“ и како што вели лидерот на партијата, не се веќе само македонска партија, туку мултиетничка. На минатите парламентарни избори во 2016, СДСМ им се обраќаше и на албанските гласачи и стави албански кандидати на добитни места за пратеници. Сега партијата направи предизборна коалиција со Движењето Беса, партија од албанскиот блок, која досега беше во опозиција. Тие со договор се обврзаа дека ќе се залагаат за негување и почитување на правата на сите етничките заедници, развој, создавање подобри услови за сите граѓани, за борба проти корупцијата и праведно судство, а интеграцијата во ЕУ останува единствена опција.

СДСМ и ДУИ на претседателските избори во 2019 настапија со заеднички кандидат, а двете партии соработуваа и на локалните избори во некои општини. Од ДУИ се убедени дека и на овие избори ќе освојат најмногу албански пратеници во Собранието. Партијата останува на тоа по изборите да се почитува принципот „победник со победник“, при формирање на влада. Иако на изборите во 2016, ДУИ го прекрши тој принцип и наместо со ВМРО-ДПМНЕ, кои освоија најмногу пратеници во македонскиот блок, направија влада со СДСМ.

„СДСМ конкурира и во албанскиот терен на гласачи и на овој начин се тестира заложбата на СДСМ дали е навистина зрела и искрена во нејзината ориентација да ги преставува и интересите на Албанците или не е“, вели Незири.

Фактурите пристигнаа?

Кржаловски вели дека премногу работи се ветуваат, особено во предизборен период, а не можат сите страни да се задоволат.

„Тоа доста го имаше за балансирање, а особено за добивање двотретинско мнозинство за законите кои мораше да поминат со такво мнозинство и СДСМ вети премногу на премногу различно места и сега доаѓаат фактурите за тоа, односно различните толкувања. Кога се промовираше Законот за употреба на јазиците, тогаш на еден начин се преставуваа работите, сега гледаме дека се ретерира од тие позиции, бидејќи и по толкувањата испаѓа дека не се мислело исто или дека не се договориле идентично што баш тоа значи и нормално се ќе зависи од тоа кој како проценува какво влијание ќе има тоа врз гласачкото тело, особено врз своето“, вели тој.

Меѓуетничките односи често се заложници на меѓупартиските, а играњето на етничката карта пред избори не е ништо ново. Таблите на училиштата во Чаир беа мотив за меѓупартиски препукувања и кога ДУИ беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, па пред избори имаше и прекршочни пријави, барања за оставки, но по избори повтори си коалицираа.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG