Достапни линкови

Драстично се повлекува Преспанското Езеро


Преспанско Езеро

Преспанското езеро е за 2,5 метри под нормалниот водостој, покажуваат официјалните податоци со кои располагаа Секторот за животна средина при Општина Ресен. И жителите на преспанските села се загрижени за драстичното повлекување на езерото.

На терен состојбата е загрижувачка. На брегот излегоа камења и треви што беа под вода. Дури и понтонското пристаниште во Претор е целото набиено во песок. Трската продолжува да ги голта плажите во Асамати, Штрбово и Наколец. Поради низок водостој не функционира ни еко бродот за мониторинг на Преспанското Езеро во село Стење.

„Никаква е состојбата, езерото се повлекува драстично. Во должина од осумдесеттите години до сега езерото е повлечено околу 300 метри. Каков туризам, таму е како џунгла. Имаше туристи порано многу, но и езерото беше многу надојдено и плажата беше добра. Кој знае природата што ќе направи, нема вода“, вели Мите Богдановски од село Штбово.

„Оваа година е многу повлечено. Лани каде што беше нивото есента, дотаму дојде пролетва годинава и продолжи да се намалува. Од лани до годинава во должина е повлечено 15 до 20 метри. Во Штрбово беше најубавата плажа на Преспанското Езеро. Како деца кога се капевме не излегувавме од Езеро. Ќе одевме во подлабокото и ќе се напиевме. Толку беше чиста водата, а сега е прашума напревена“, вели Круме Пановски од село Штбово.

„Асамати веќе нема туризам, а во 1974 година кога дојдов тука Езерото не беше повлечено и имаше туристи кои по куќите бараа сместување. Сега брегот е џунгла“, вели Митра Јаневска од Асамати.

Според раководителот на Секторот за животна средина при Општина Ресен, Ајман Ал Малла, моменталната состојба е последица на климатските промени, но и на истекувањето на водата во Охридското Езеро. Тој вели дека нивото на водата е намалено во последните 20 години, а најголем пад на водостојот има во моментот, односно околу 2,5 метри под нормалниот водостој. Во текот на мај 2016 година, водостојот беше намален за 1,1 метар, тој тренд продолжи до првата половина на 2017, додека во август 2018 висината беше намалена за 1,66 метри.

„Причината за тоа, во најголем дел, се климатските промени. Поголемите температурни варијации се манифестирани преку продолжени топлотни бранови и ненадејни намалувања на температури и како резултат на тоа се јавуваат големи аномалии на врнежите во однос на количествата, интензитетот, времето на појава и просторната дистрибуција“, вели Ал Малла.

Признава дека влијание има и истекувањето на водата од Преспанското кон Охридското Езеро, ако се земе предвид дека Преспанското е на надморска висина од 853 метри, а Охридското Езеро на 695 метри.

Преспанското Езеро со крајбрежниот појас поради природните убавини и други научни вредности е прогласено за споменик на природата. Има огромно значење за заштитата на биолошката разновидност. Влегува во категоријата на најстарите сочувани тектонски езера на светот. Неговата старост се проценува на повеќе од пет милиони години. Езерото има должина од 28,6 и широчина од 16,9 километри, а длабочината достигнува до 54 метри.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG