Достапни линкови

Преспа полна со туристи со празно езеро


Плажата Рибарско Село на Преспанското Езеро

Нивото на водата во Преспанското Езеро е драстично намалена во изминатите две децении, а особено е изразено лани и годинава. И покрај тоа, Преспа е преполна со туристи.

Преспа е полна со туристи ова лето поради неможноста да се патува во странство со корона кризата и доделените ваучери за летување „Дома си е дома“. Во крајот кој изобилува со прекрасни природни пејзажи и терени за пешачење, од една страна езерото од друга планините Баба и Галичица, чист воздух и домашна храна, единственото нешто што натажува е повлеченото Преспанско Езеро.

Поради ваквиот тренд езерото во плитките делови е полно со тиња и трева, висока вегетација има и во подлабоките делови. На повеќето туристички места, гостите ќе треба да шетаат крај водата наместо да се капат. Ако сакаат да се разладат во езерските води ќе треба да изнајмат пловен објект и да одат во подлабокото каде водата е почиста и нема тиња или пак со возила да патуваат по околните плажи. Погодни за капење се плажите во Стење, дел од Отешево, Претор, Сливница, Крани и Маркова Нога. Не функционираат плажите во делови од Отешево, Царина, Рибарско Село, делови од Наколец и други места. Жално е да се гледа убавата плажа со ситен песок, а плиткиот дел од езерото има трева и тиња.

„Јас доаѓам секоја година, споредено со лани има многу повеќе туристи и водата е почиста. Многу луѓе има, чисто е местото, песочна плажа.“

„Порано беше многу убаво, езерото беше до горе, сега сè се исуши. Не води сметка никој и повлечено е.“

„Најдрастично е повлечено езерото, преку зима нема доволно врнежи од снег, а ни дожд нема многу, па сето тоа се одрази врз езерото.“

„Висински избегана е водата околу метар и 94 сантиметри, во количина околу две Дојрански Езера се повлечени“, велат преспанци.

И од Општина Ресен во повеќе наврати имаат соопштено дека нивото на водата во Преспанско Езеро е драстично намалено во последните 20 години и повеќе, а најголем пад на нивото на водостојот имаше во текот на минатата и оваа година, на периоди во зависност од врнежите и два и пол метри под нормалниот водостој. Причината за тоа, во најголем дел, се климатските промени кои предизвикуваат промена на количествата и интензитетот на врнежите, времето на појава на врнежи, сезоната и просторна дистрибуција, како и видот на врнежите.

Сепак, и покрај повлеченото езеро, годинава преполни се хотелите, па и поголемиот број вили и апартмани кои имаат подобри услови за сместување. Туристи има од цела држава.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG