Достапни линкови

Вести

Османи – Да се обединиме за Албанец премиер

Бујар Османи

Бујар Османи од ДУИ на прес-конференција им заблагодари на граѓаните кои, како што рече, и покрај пандемијата излегле во голем број да ѝ дадат легитимитет на наредната влада.

„Очекуваме да бидеме клучен фактор во детерминирање на понатамошните политички чекори во државата“, рече Османи.

Тој ги повика партиите од албанскиот блок да се обединат околу идејата на Албанец премиер.

„Граѓаните веќе ја дадоа поддршката, сега и партиите треба да се обединиме, за да направиме денеска историја“, рече Османи.

види ги сите денешни вести

Приведени 97 странски работници

Градежни работници. Архивска фотографија.

МВР соопшти дека 97 градежни работници од странство денеска биле приведени бидејќи немале регулиран престој и работеле непријавени.

Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север при Бирото за јавна безбедност по спроведена контрола ги затекнале странските државјани на градежни објекти на фирма од Турција помеѓу булеварот „Кирил и Методиј” и улицата „Јордан Мијалков”, односно позади трговскиот центар „Рамстор“.

По целосно документирање на случајот, како што посочија од МВР, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. Исто така, соодветни пријави ќе бидат поднесени против фирмата и против 15 други фирми-подизведувачи.

Почина американскиот водител Лери Кинг

Лери Кинг

Американскиот водител Лери Кинг, чии интервјуа со светски лидери, филмски sвезди и обични луѓе помагаа во дефинирањето на американскиот дијалог половина век, почина денеска на 87 годишна возраст. Причината за неговата смрт не е соопштена. На 4 јануари беше објавено дека Кинг е позитивен на ковид- 19. Кинг починал во медицински центар во Лос Анџелес, објави на Твитер неговата продуцентска куќа „Ора медиа“.

Кинг кој освои многу признанија за неговата работа го интервјуираше и рускиот претседател Владимир Путин и американските претседатели од Џералд Форд до Барак Обама.

Кинг беше цел на критики во последните неколку години за неговата работа со рускиот државен радиодифузер кој ги презеде неговите политички и ток-шоу програми во 2013 година.

Хаг: Одбиено барањето за времено ослободување на Весели

Кадри Весели во судот во Хаг на 10 ноември, 2020 година.

Хашкиот судија Николас Гију го отфрли барањето на одбраната на некогашниот лидер на ОВК, Кадри Весели за негово времено ослободување, јавија косовски медиуми. Судијата смета дека Весели доколку биде ослободен би можел да се обиде да врши опструкција на правдата и да ги заплашува сведоците.

Главниот обвинител Џек Смит претходно наведе зошто треба да се одбие барањето на адвокатот на Весели, Бен Емерсон, со констатација дека за извршените дела му се заканува казна доживотен затвор. Обвинителството, како што наведе Смит, затоа смета дека Весели треба да остане во притвор.

Истовремено, одбиено е и барањето на одбраната за одржување рочиште за усмено излагање за споменатото барање. Весели е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи убиства и тортура.

Во болниците се лекуваат 584 заболени од ковид- 19

Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 310 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Додека пак, според министерството, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 584 и има околу 590 празни болнички кревети.

Во тек на денот, како што наведуваат од министерството, се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла и сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството, како што посочија, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Во Дебар веќе нема лица „фантоми“

Директорот на Центарот засоцијална работа во Дебар, Крешник Пачуку

Центарот за социјални работи во Дебар информираше дека во општината нема веќе лица кои не се во матичната евидениција. Директорот на центарот, Крешник Пачуку за РСЕ изјави дека во општината Дебар биле евидентирани девет лица без матичен број, но во соработка со надлежните институции проблемот е надминат во декември, минатата година.

„Сега немаме лица фантоми, и проблемот е конечно решен“, додаде Пачуку и притоа потренцираше дека возраста на овие лица била од 5 до 20 години.

Според него, и покрај тоа што овие лица не биле евидентирани во матичните книги, сепак центарот во соработка со локалната власт и училиштата во изминатите години им овозможил тие да се школуваат и да не останат неписмени.

Инаку лицата „фантоми“ се од Дебар и основниот проблем е тоа што тие биле родени во домашни услови и не биле пријавени кај надлежните институции.

Нови 347 случаи на корона, починати 11 пациенти, најмладиот на 35 годишна возраст

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Во последните 24 часа се направени 2013 тестирања, а регистрирани се 347 нови случаи на ковид-19. Починати се 11 лица, пет пациенти од Скопје и по еден пациент од Штип, Велес и Струмица, потоа од Кавадарци, Валандово и Пехчево.

Еден е починат вон, останатите пациенти се починати во болнички услови. Најмладиот починат пациент е од Скопје на 35 годишна возраст, а најстариот имал 93 години и е од Пехчево. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 378 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 441.134 тестирања на Ковид -19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90471, бројката на оздравени пациенти е 76423, на починати е 2779, а бројот на активни случаи изнесува 11269.

Сопругата на Навални приведена на протестите во Москва

Јулија Навални

Руската полиција ја привела сопругата на опозицискиот политичар Алексеј Навални на протестите во Москва. Јулија Навални на социјалните мрежи објави дека се наоѓа во полициското комбе и дека е приведена на протестите на кои се бара ослободување на нејзиниот сопруг, кој беше уапсен минатиот викенд кога се врати во Москва по медицинскиот третман во Германија поради труење со новичок.

Полицијата ги прогласи протестите во Москва и во десетици други градови низ целата земја за незаконски и приведе стотици луѓе. Меѓу приведените е и блиска соработничка на Навални, Љубов Собол.

Закана до Трамп за одмазда за убиството на ирански генерал?

Слика со ликот на Касем Солејмани на погребните церемонии во минатата година во Иран.

На веб-страницата на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи е објавена слика на голф играч кој наликува на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој наводно е цел на напад со беспилотно летало, заедно со закана за одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Солјемани во минатата година извршено преку напад со американско беспилотни летало.

Сликата за првпат се појави на Твитер на персиски јазик и беше објавена со линк до веб-страницата на Хамнеи. Твитер ја избриша фотографијата и соопшти дека е лажна. Под фотографијата беа напишани пораки од иранскиот лидер од декември, минатата година пред првата годишнина од атентатот врз генералот Солејмани, кој ги водеше елитните кудски сили на Исламската револуционерна гарда.

Иранскиот генерал беше убиен на трети јануари, минатата година во Багдад. Пентагон тогаш соопшти дека тогашниот претседател Доналд Трамп го одобрил нападот. Трамп ја напушти функцијата на 20 јануари.

Приведена блиска соработничка на Навални на протестите во Москва

Љубов Собол

Руската полиција ја привела Љубов Собол, блиска соработничка на опозицискиот политичар Алексеј Навални, на протестите во центарот на Москва. На протестите се бара ослободување на критичарот на Кремљ, Навални, кој беше уапсен минатиот викенд кога се врати во Москва по лекарското лекување во Германија поради труење со новичок.

Додека Собол зборувала на протестите, група на полицајци ја опколила толпата и ја привела опозициската активистка.

„Многу луѓе кои за првпат отидоа на протести, сега се во полициско комбе со мене. Луѓето сфатија дека не можат да издржат понатаму. Главната работа е да не молчиме или да се плашиме, ние дефинитивно ќе победиме! “, рече Собол од полициското комбе во објава на Твитер и на Јутјуб.

ВМРО-ДПМНЕ бара јавна расправа за реформите во основното образование

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски денеска информираше дека неговата партија пред повеќе од една недела побарала да се организира јавна расправа во врска со најавената реформа на системот на основното образование, а согласно член 124 од Деловникот на Собранието. Партијата, според него, се одлучила на таков чекор заради широкиот јавен интерес кој се развил за прашањето.

„Лично верувам, дека мнозинството граѓани би се согласиле со ставот дека е потребна реформа на основното образование. Сепак постои дилема, дали патеката, пристапот и методологијата одбрани од страна на Министерството за образование и наука е правилна“, истакна тој.

Во јавната расправа, како што порача Муцунски ќе може да се вклучат сите засегнати страни и преку транспарентна дискусија ќе дадат свој придонес за прашањата кои се од големо значење за иднината на Македонија, а тоа е образованието и воспитувањето на младите.

„Во недостаток на подготвеност за дијалог, спремност да се слушнат аргументите од било која друга страна и да се организира една ваква јавна расправа од страна на Министерството за образование и наука наша обврска како пратеници делегирани од граѓаните во Собранието на Македонија е да преземеме конкретен чекор што ќе биде во прилог на унапредување на квалитетот во реформскиот процес во образованието. Фактот дека токму експертската јавноста упатува на сериозни недоследности во предложената реформа наведува на сознанието дека е препорачливо и неопходно да им дадеме институционална форма на идните дискусии за ова важно општествено прашање“, вели Муцунски.

Тој додава дека јавната расправа согласно Деловникот на Собранието треба да се одржи во матичното работно тело во Собранието, а тоа е Комисијата за образование, наука и спорт.

Најавената реформа предизвика силни реакции во јавноста особено поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.

Владата планира целосно враќање на работа на администрацијата од 1 февруари

Илустрација - Вработени во државна администрација

Од Владата денеска соопштија дека од 1 февруари 2021 година се планира да се врати принципот на работа и работниот процес на државната и јавна администрација во полн состав со полно работно време со оглед на тоа дека бројот на заразени од ковид-19 е намален. Владата, како што изјави портпаролот, Душко Арсовски за МИА, претходно ќе побара и дополнително мислење од Комисијата за заразни болести.

Државната и јавна администрација, општините и судовите, согласно одлуката на Владата од 13-та седница, од 20 октомври минатата година, по препорака на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, согласно принципот на работа и работниот процес, ја организираше работата во смени, на далечина, или, пак, редуцирано со систем на ротации, зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите, имајќи го предвид Протоколот за превентивни мерки за сите работни места.

Апсења на протестите низ Русија за ослободување на Навални

Апсење на протестите за ослободување на опозицискиот политичар Алексеј Навални

Илјадници демонстранти денеска повикуваат на ослободување на опозицискиот руски политичар Алексеј Навални, кој е критичар на Кремљ и кој беше уапсен минатиот викенд кога се врати во Москва по лекувањето во Германија од труење со новичок.

Првите митинзи започнаа во Сибир и на далечниот исток и покрај ниските температури и силното присуство на безбедност. Според извештаите, протестите се најверојатно најголеми во Русија од март 2017 година кога се одржаа координирани антивладини демонстрации во 99 градови низ земјата.

Во меѓувреме, дописникот на РСЕ во Москва објави дека властите апселе лица кога тие започнале да се собираат на плоштадот Пушкин во руската престолнина пред почетокот на протестите.

Групата ОВД-Инфо, која ја следи активноста на руската полиција, објави дека имало најмалку 174 апсења низ 25 градови пред планираниот протест во Москва - додавајќи дека властите во Хабаровск, наводно, тепале притвореници.

Хоспитализирани 20 пациенти во ковид центрите во Скопје

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 20 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 274 лица сомнителни и потврдени на ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, според соопштението, на интерните клиники имало 10 приеми. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 24 оздравени пациенти.

САД ќе проверуваат дали талибанците ги исполнуваат договорените обврски

Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан.

Администрацијата на новиот претседател на САД, Џо Бајден планира да го разгледа договорот постигнат со талибанците минатата година со цел да утврдат дали милитантната група ги исполнува своите обврски. Таквата најава доаѓа откако советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан разговараше со неговиот авганистански колега Хамдулах Мохиб.

Според договорот меѓу САД и Талибанците, постигнат во февруари минатата година, сите странски сили треба да го напуштат Авганистан до мај 2021 година во замена за безбедносни гаранции од милитантната група, вклучително и прекинување на врските со Ал-Каеда.

Преговарачите на авганистанската влада и талибанците имаат застој во директните разговори во Катар за изнаоѓање на решение, поради растечкото насилство и повиците за прекин на огнот.

Саливан истакнал дека новата администрација на Бајден, како што се наведува во соопштението, ќе го поддржи мировниот процес со силни и регионални дипломатски напори, кои ќе имаат за цел да им помогнат на двете страни да постигнат трајно и правично политичко решение и траен прекин на огнот.

Гир: ЕУ ќе обезбеди вакцини за Западен Балкан што е можно побрзо

Eвроамбасадорот Дејвид Гир

Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека ЕУ ќе обезбеди вакцини за Западен Балкан што е можно побрзо.

„На сите ни е јасно дека за да се излезе од пандемијата треба да се осигураме сите да имаат пристап до безбедни и ефикасни вакцини. Процесот на вакцинација не треба да претставува трка меѓу земјите. Сите сме засегнати. Претходно, стапката на заразени беше повисока тука на Западен Балкан отколку во ЕУ, а во моментов стапката е повисока во ЕУ во споредба со Западниот Балкан. Сигурен сум дека вие, и слушателите и гледачите, сте свесни за огромниот притисок со кој што се соочуваат членките на ЕУ додека започнуваат со вакцинација на населението, а истовремено се појави и мутација на вирусот со кој се зголеми бројот на новозаболени“, порача Гир во интервју за МИА.

Тој истакнува и дека европската перспектива и перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија во ЕУ е јасна и неспорна. Гир во интервјуто за МИА порачува и дека Португалија се обврзала дека за време на нејзиното претседателство со ЕУ, стартувањето на преговорите со Северна Македонија ќе биде приоритетно прашање.

„Само да се навратиме на настаните од минатата година во март – историската одлука донесена од Европската Унија. Тоа значи дека 27 земји членки сите заедно се договорија за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. Следниот чекор е усогласување на Преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, што всушност ќе го отпочне самиот процес на преговори. Тие разговори продолжуваат во Брисел и навистина португалското претседателство се обврза дека ќе го помогне и ќе го турка процесот. Во меѓувреме, она што е важно, е Северна Македонија, заедно со Бугарија, билатерално да се ангажираат во обид да изнајдат решение што е прифатливо за двете страни, коешто ќе овозможи ситуацијата да оди напред“, вели Гир.

Судењето за импичмент на Трамп ќе започне во втората недела од февруари

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп при напуштање на функцијата на 20 јануари.

Судскиот процес за импичмент на поранешниот американски претседател Доналд Трамп под обвинение за „поттикнување бунт“ за немирите во Капитол ќе започне во неделата од 8 февруари. Лидерот на мнозинството во Демократскиот сенат, Чак Шумер, го објави распоредот, откако разговараше за прашањето со републиканците.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси планира да го испрати документот за импичмент на Трамп во Сенатот на 25 јануари, започнувајќи ги првичните постапки за процесот следниот ден.

„Судскиот процес ќе се одржи во Сенатот на САД и ќе се гласа дали ќе биде осуден претседателот“, рече Шумер.

Трамп е првиот претседател на САД на кој двапати му беше изречен импичмент и првиот на кого му се суди по напуштањето на функцијата. Тој замина за Флорида, кога неговиот мандат заврши на 20 јануари и не присуствуваше на инаугурацијата на неговиот наследник Џо Бајден.

Немирите на Капитол на 6 јануари од страна на демонстрантите и поддржувачи на Трамп доведе до смрт на пет лица, вклучувајќи и еден полицаец.

ВМРО-ДПМНЕ ја повика ДКСК да го истражи имотот на пратеникот Каевски

Дарко Каевски

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека во периодот додека Дарко Каевски бил директор на Агенцијата за млади и спорт, а сега пратеник, фирмата на неговиот татко Гео Каевски зема милионски тендери.

„Каевски да каже дали со пари од тендери тој и неговата фамилија се стекнале со огромен имот. Само во период од три години, односно 2018, 2019 и 2020 ГЕО КАЕВСКИ од тендери инкасирала над 18 милиони денари, односно 300 илјади евра“, велат од партијата.

Од опозициската партија додаваат дека според податоците од имотниот лист на Каевски тој се стекнал со стан во Скопје и дел од куќа.

„Дали функционерите на СДСМ лапаат државни пари преку фирмите на нивните родители и блиски роднини? Одговорност мора да има. Ја повикуваме ДКСК да ги испита случаите со стекнување на имот на Каевски и земањето тендери на фирмата на неговиот татко“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Каевски во 2017 година беше назначен за директор на Агенцијата за млади и спорт, а во 2020 година стана пратеник.

Облачно и врнежливо време

Улица Македонија. Илустрација.

Времето денеска ќе биде претежно облачно, од пладневните часови на запад, а потоа и во останатите делови од земјата ќе има врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни. На планините на запад ќе врне снег.
Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, особено вдолж Повардарието. Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14 степени.

Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови ќе има повремен дожд проследен со умерен до краткотрајно засилен јужен ветер. Максималната температура ќе достигне 10 степени.

Британија осуди седум луѓе за смртта на Виетнамците пронајдени во приколка на камион

Полицијата врши инспекција на камионот во кој се пронајдени жртвите, архивска фотографија.

Кривичниот суд во Лондон осуди седум мажи за смртта на 39 виетнамски државјани, кои беа пронајдени во приколна на камион во 2019 година. Британскиот суд им изрече затворски казни во вкупно траење од 92 години. Четворица обвинети беа осудени за убиство на затворски казни од 13 години и четири месеци до 27 години. Тројцата други обвинети за заговар за олеснување на илегална миграција добија казни затвор од три до 7 години.


Жртвите беа пронајдени во приколка на камион во близина на Лондон во октомври 2019. Тие починале од болна смрт, се задушиле на патот додека биле криумчарени од Белгија во Велика Британија, рече на судењето судијата Најџел Свини.

Две од жртвите биле на возраст од 15 години.

Овој случај ги шокираше и Велика Британија и Виетнам и ја стави во фокусот нелегалната трговија со луѓе, преку која многу сиромашни луѓе од Азија, Африка и Блискиот исток доаѓаат на Запад преку опасни канали.

Заев - Деновиве очекуваме дел од вакцините од Србија

Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев рече дека овие денови се очекува да стигнат првите две-три илјади вакцини од договорените 8.000 од српските вакцини од Фајзер, коишто, како што вели, дефинитивно се усогласени и политички договорени. Идната недела се очекуваат првите информации за првите количини преку КОВАКС системот, а во февруари се очекуваат вакцините кои се договорени директно со компанијата „Фајзер“ рече Заев во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Заев вели дека земјата како членка на НАТО се држи генерално до западниот свет и вакцините потврдени од тамошните институции, а Србија којашто, вели, нема аспирации за НАТО и нормално е повеќе да е отворена кон источниот свет Кина и Русија и прави договори со нив.

Тој додаде дека централата на „Фајзер“ за Југоисточна Европа е во Белград и затоа српските граѓани добија одредена количина вакцини од оваа компанија. Премиерот рече дека очекува првите 2-3.000 вакцини, од договорените 8.000 дози од српска страна, да стигнат во најскоро време, објаснувајќи дека тоа ќе се оствари откако ќе се добијат потребните одобренија од компанијата.

„Она што е точно и треба да го знаат граѓаните е дека првпат во секоја земја мора да влезе вакцината за да се регистрира, не може тоа порано да се направи, истакна премиерот Заев.

Тој додаде дека очекува секој ден да се добие одобрение од централата во Њујорк, „Фајзер“ да одобри српската Влада да ги достави вакцините и тоа на транши заради специфичниот транспорт.

Нашата земја, вели премиерот Заев, е целосно подготвена со обезбедени ладилници за вакцините и веќе е изграден системот за вакцинација, а први ќе ја примат медицинските работници од КОВИД болниците кои се 7.850, останатиот медицински персонал, хронично болните и возрасните луѓе.

Во Албанија со првата доза вакцина ќе се дава и „ковид пасош“

Албанскиот премиер Еди Рама ја прими вакцината против ковид-19.

Албанската министерка за здравство Огерта Манастирлиу изјави дека лицата кои ќе бидат вакцинирани против ковид-19, ќе добијат документ издаден од владиниот портал е-Албанија, што може да послужи како „пасош за патување“ во странство.

Министерката додаде дека поради познатите причини кои ги објави Фајзер доцни испораката на договорените над 10 илјади вакцини од оваа компанија, кои требаше да пристигнат првите денови од третата недела на овој месец.

Поради зголемениот број на новозаразени со ковид-19, таа упати апел до граѓаните и деловните субјекти строго да ги почитуваат мерките и протоколите.

Во последното деноноќие од направените 3.314 тестови, позитивен резултат е добиен кај 739 што е околу 23 отсто од тестираните.

Оздравеле 469 лица, починале седум, а во четирите ковид болници хоспитализирани се 274 пациенти.

Рамковните вработени распределени - најмногу во МВР, УЈП, Царина и Државно правобранителство

Артан Груби

Административците вработени преку програмата К-5 во Министерството за политички систем, ќе се распределат во 237 институции, органи на државата, локалната самоуправа и во други државни органи. Станува збор за 1.349-те службеници, претежно економисти и правници, но и кадар со средно образование.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем во Владата Артан Груби на денешната прес-конфереција соопшти дека листата на лица кои не беа распределени на работни места е прочистена, дека се направени претходни проверки и веќе се доделени некои отказни решенија, а некои лица сами поднеле барање да им се раскине договорот.

Најголем дел од овие 1.349 лица се распределени во МВР – 143, УЈП-92, во Царинска управа и во Државно правобранителство по 74 лица, во Управа за водење на матични книги – 41 , Државен пазарен инспекторат – 35, Агенција за заштита на лични податоци -30, Агенција за катастар -29, МНР – 26, во МФ – 25, ЦУК – 24 , Клиничка болница Тетово -25, ФЗО – 22, Министерство за земјоделство – 21, Агенцијата за вработување – 20, Државен завод за статистика -15, ПИОМ – 13, Влада – СОЗР, во Државен архив и во Државен инспекторат за труд по 12 лица, МИОА и МОН по 11, во Дирекција за заштита и спасување, во Агенција за храна и ветеринарство, во ЈП Државни патишта, во Министерство за транспорт и врски, во имотно – правни, во Основен суд Тетово и во ЈО Тетово по 10 вработени, Болница Куманово – девет, Меѓуопштински центар за социјална работа Гостивар осум, МЖСПП пет вработени.

„Во овој план нема само Албанци, туку има и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци“, рече Груби.

Оние лица кои ќе одбијат работа, нема да имаат право веќе да бираат друго работно место, туку ова е единствената опција, вели Груби.

Претставничкиот дом ќе го прати документот за импичмент на Трамп до Сенатот на 25 јануари

Доналд Трамп

Спикерката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси планира да ги испрати документот за импичмент против поранешниот претседател Доналд Трамп до Сенатот на 25 јануари, со што ќе започне судењето на поранешниот претседател за „поттикнување на бунт“ во врска со смртоносниот упад на поддржувачите на Трамп во Капитолот на 6 јануари.

Лидерот на сенатското мнозинство Чак Шумер денеска рече дека „судењето ќе се одржи во Сенатот и ќе има гласање за тоа дали да се осуди претседателот“.

Трамп е првиот американски претседател за кој два пати беше изгласан импичмент и прв на кој ќе му се суди по напуштањето на функцијата на 20 јануари.

Трамп од Белата куќа замина на Флорида и не присуствуваше на инаугурацијата на неговиот наследник Џо Бајден.

Во упадот на поддржувачите на Трамп во Капитолот на 6 јануари загинаа пет луѓе. До насилствата дојде откако Трамп повторуваше дека победил на изборите на 3 ноември и оти изборите биле наместени за да му се одземе победата, без да даде никакви докази за тоа. Неговите тврдења беа одбиени десетици пати од различни американски судови.

Распоредот за судењето во Сенатот се уште е непознат.

Демократите во Претставничкиот дом кои гласаа за импичмент на Трамп минатата недела, велат дека сакаат судењето да почне брзо на почетокот на мандатот за Бајден затоа што е потребна целосна разрешница за државата да тргне напред.

Републиканците, пак, бараат одложување на почетокот на судењето до февруари за да му се даде време на Трамп да подготви одбрана. Некои демократи исто така поддржуваат одложување за да му се даде повеќе време на Сенатот да ги потврди именувањата на министрите од страна на Бајден.

Трамп наводно го ангажирал адвокатот Буч Бауерс да го застапува пред Сенатот. Бауерс во времето на претседателот Џорџ Буш беше специјален советник за гласачки прашања во Министерството за правда. Тој исто така им беше советник и на двајца поранешни гувернери на Јужна Каролина.

Во меѓувреме, Сенатот го потврди генералот Лојд Остин за државен секретар за одбрана и со тоа стана првиот црнец на таа функција. Претходно, сенатот го потврди назначувањето на Аврил Хајнс за директор на националното разузнавање. Сенатската комисија за финансии, пак, денеска го прифати предлогот на Бајден Џенет Хелен да биде именувана за секретар за финансии, со тоа отворајќи го патот таа да стане првата жена на таа функција.

Постигнат напредок на средбата на македонско-бугарската Комисија за историски прашања

Архивска фотографија-Македонско - бугарска комисија за историја, копретседавачите Драган Ѓоргиев и Ангел Димитров

На денешната средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, на која се дискутираше за усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба беше постигнат напредок, соопштиле за МИА извори од Комисијата.

„Двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот“, посочија истите извори.

Во периодот до наредната редовна средба, која начелно е договорена да се одржи на 25 и 26 февруари, ќе се продолжи со работа во однос на останатите прашања од записникот од десеттата и за записникот од последната, единаесеттата средба на Комисијата.

Како што претходно јави МИА, на денешниот онлајн состанок, на кој учествуваа по тројца претставници од двете страни, беше предвидено да се разговара само за текстовите на записниците што сè уште не се потпишани, но не и за некакви историски прашања.

Во 2021 година се очекува Комисијата да има пет состаноци. Претходниот, 11-ти состанок на Заедничката комисија се одржа на 4 декември минатата година.

Нови 307 случаи на коронавирус, 14 починати

Илустрација

Во изминатото деноноќие се регистрирани 307 нови случаи на коронавирус во Македонија, а 14 луѓе починаа, информира Министерството за здравство. Направени биле 1854 тестирања.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 137, па потоа следуваат Куманово со 17, Велес 15, Тетово и Прилеп по 13, Дебар 11, Гостивар, Охрид и Кавадарци по 10, Струмица 9, Кичево 8, Битола 7, Гевгелија и Делчево по 6, Ресен 5, Штип и Радовиш по 4, Струга, Богданци, Кратово, Пробиштип и Крушево по 3, Виница 2 и по еден нов случај е регистриран во Свети Николе, Неготино 1, Крива Паланка, Берово и во Македонски Брод.

Починатите се на возраст од 52 до 80 години.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 658 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90.124, бројката на оздравени пациенти е 76.045, на починати е 2.768, а бројот на активни случаи изнесува 11.311.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG