Достапни линкови

Прва оставка во Владата на Ковачевски


Архивска фотографија - Средба на премиерот Ковачевски и коалициските партнери во Владата, јуни 2022

Министерот за локална самоуправа си заминува од функцијата. Но од владејачката коалиција велат дека тој нема да повлече нога, односно засега не се предвидува некаква реконструкција во Владата.

Прва оставка во Владата на премиерот Димитар Ковачевски по осум месеци откако тој е на премиерското место. Министерот за локална самоуправа Горан Милевски на 20 септември поднесе оставка до Владата, како што наведе, од лични причини. Тој за Радио Слободна Европа вели дека ја доставил оставката до премиерот Ковачевски.

Неговата оставка во јавноста се поврзува со неговиот став за Францускиот предлог, различен од оној што го имаше владејачката коалиција, чиј член е и неговата Либерално-демократска партија (ЛДП).

Милевски беше против Францускиот предлог со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка со ЕУ како услов за повлекување на бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Сепак, двајцата пратеници од неговата партија во Парламентот, гласаа „за“ предлогот.

Ставовите на Милевски ги делеа и лидерите на Демократската обнова на Македонија (ДОМ) и на Демократскиот сојуз, Маја Морачанин и Павле Трајанов. Тие, како лидери на помалите партии од владината коалиција, уште на почетокот излегоа со забелешки на предлогот и не гласаа за него.

Трајанов вели дека Демократскиот сојуз е хомогена и резистентна на какви било притисоци и влијанија или на погодности што некој би ги добил за да ја напушти партијата. Многу е тешко кој било да направи раздор во Демократски сојуз, вели Трајанов за РСЕ.

„Затоа што ако СДСМ ја води кадровската политика кој ќе биде пратеник од помалите партии, кој ќе биде министер или директор, тогаш се губи самостојноста и подобро е да не функционирате како партија. Ние имаме своја програма, ставови и определби и се држиме до нив и затоа понекогаш нашите ставови се многу поразлични од тие на СДСМ и на ДУИ“, вели Трајанов.

Морачанин за РСЕ вели нема никакви последици заради тоа што имаа поинакво мислење за Францускиот предлог.

„Во ДОМ не сме имале, ниту јас лично, ниту во партијата никаков вид на притисок. Ние јавно си го кажавме ставот, тоа беше став на ДОМ, но никаков притисок не сме имале“, вели таа.

За оставката на Милевски, Морачанин дознала од медиуми, а нема информации ниту за можна реконструкција на Владата.

Трајанов вели дека приоритет на Владата не треба да и бидат кадровски прашања, туку прашања од кои зависи опстојувањето на граѓаните, особено сега во услови на економска и енергетска криза.

Многу малку се слуша гласот на малите партии

Но, како што вели, многу малку се слуша гласот на помалите политички партии.

„И затоа постои незадоволство од соработката во коалицијата. Посебно незадоволство има затоа што не се прифаќаат приоритетите за кои се имаме договорено помалите партии што треба заеднички да ги имплементираме со СДСМ и со ДУИ. Главно имаме досега доминантна улога на ДУИ, на албанските политички партии застапени во Парламентот, а СДСМ, раководството, е крајно сервилно кон помалите партии и за разлика од ДУИ третманот кон помалите партии е за никаде“, вели Трајанов.

Се отвора ли пат за владина реконструкција?

По оставката на Милевски медиумите лицитираат со уште три имиња на министри кои би можеле да се збогуваат со таа функција. Се спомнуваат имињата на Благој Бочварски од СДСМ и двајцата министри од Алтернатива, најновиот владин партнер, министрите за здравство Беким Сали и за информатичко општество Адмирим Алити. И од Владата, но и партиите дел од неа негираат дека има нешто такво. Министерот Сали во одговор до Радио Слободна Европа вели дека нема преговори за реконструкција. Од министерот Бочварски не добивме одговор.

Од Владата велат дека се целосно фокусирана на реализација на програмата и задачите што се во насока на натамошно јакнење на стандардот на граѓаните, раст на економијата и остварување на надворешно-политичките цели.

По оставката од министер, Милевски може ќе си оди и од чело на ЛДП

Оставката на Милевски медиумите ја најавија уште пред неколку недели. Освен од министерското место, пишуваа дека ќе си оди и од лидерската позиција во Либерално-демократската партија (ЛДП), помал коалиционен партнер во владејачката коалиција.

Милевски негираше дека неговото повлекување има врска со тоа што имаше поинаков став за Францускиот предлог за откочување на евроинтеграциите од неговите сопартијци и од владината коалиција во која тој е дел. Вели дека се заморил од министерската функција која ја извршува од 27 јуни 2019. На негово место во владата треба да дојде повторно кадар од ЛДП, но тоа нема да биде од редот на пратениците на ЛДП во Собранието. Партијата има двајца пратеници – Моника Зајкова и Боби Мојсоски, кои гласаа за Францускиот предлог. Се очекува ЛДП да предложи наследник на Милевски до крајот на неделата.
Името на Зајкова, пак, се споменува како наследник на Милевски на лидерското место во ЛДП. Партијата во декември треба да одржи конгрес. Зајкова во изјава за ТВ 21 рече дека доколку добие поддршка од членовите и од актуелниот претседател ќе ѝ биде драго да ја води партијата, а ќе ѝ биде и предизвик оти досега партијата немала жена на нејзино чело.

Лидери на ЛДП досега биле Петар Гошев, Ристо Пенов, Јован Манасиевски, Андреј Жерновски и во два мандати Горан Милевски.

Жерновски, од кого Милевски ја презеде функцијата, потоа ја напушти партијата, отиде во СДСМ по што доби заменик министерско место, а неговото име се спомнуваше и како кандидат за амбасадор во Белград. Жерновски пак на чело на ЛДП го наследи Манасиевски. Тој потоа неколку години беше надвор од политика, а сега власта го предложи за амбасадор во Анкара.

Горан Милевски e член на Либерално-демократската партија од 1995 година. Од 2015 година ја извршува функцијата претседател на ЛДП. За министер за локална самоуправа е избран на 27 јуни 2019 година. Министеруваше и додека владата ја предводеше Зоран Заев, а и сега под водство на премиерот Димитар Ковачевски, чија влада беше избрана на 16 јануари годинава.
Коалицијата предводена од СДСМ на власт дојде по изборите во 2016, но владата беше избрана дури во мај 2017. Милевски не беше дел од првиот избор на тогашниот премиер Зоран Заев. На владата ѝ се приклучи во 2019 по миниреконструкција, која уследи по првиот круг на претседателските избори во земјата. Милевски остана министер за локална самоуправа и во преодната влада на премиерот Оливер Спасовски, која ги организираше парламентарните избори во 2020, а на почетокот на годината при изборот на Влада на чело со Димитар Ковачевски остана и во неговиот тим.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG