Достапни линкови

Топло лето пред жешка политичка есен - вие коментирате


Лето во Скопје
Лето во Скопје

СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се држат на „нишан“. Препукувања на сите страни, како најава за жешка политичка есен. Ова се дел од вашите коментари на темите на РСЕ на социјалните мрежи.

Летните горештини траат, па и летните одмори, и додека политичките аналитичари предвидуваа жешка политичка есен, се чини ништо не може да ги запре препукувањата меѓу најголемата опозициска партија и владејачката партија СДСМ. Откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека ако некој од неговите пратеници гласа за промена на Уставот тој ќе си замине од политиката, од СДСМ реакција: „Мицкоски може веднаш да си даде оставка“.

Па и на нашата ФБ страница вообичаните реакции про и контра, во зависност кој е симпатизер или член на една од партиите: Зоран Тутарков реагира против СДСМ со објавата: „Пак ли некој фативте на ’НИШАН‘“. Драган Бошков, пак, се исчудува: „Аууу, тебе ти е жал за Жмицко? Предавници кои заедно продадоа и опљачкаа сè што е македонско“. Бошков му одговара со прашање: „Едно не можам да разберам, како Македончето може да гласа за СДСМ и ДПМНЕ“. Тутарков со одговор: „Ниту СДС, па и ДПМНЕ... ги видовме последните 30 години. Ама па овие СДС се апокалипса на Македонија, трета опција е најдобро решение. Па ќе видиме“. Редовната во последно време потпишана со Елизабета Госпожа За Вас, со мислење: „Тој што треба да даде оставка се сите министри и директори од актуелната власт па да се спаси барем ова малку што остана од државава“.


Христијан Мицкоски најави дека од денеска ги продолжува консултациите за референдумот и најави дека многу скоро Партијата ќе излезе со конкретна позиција. Веле Силјан како да се подбива: „Ај за две години, кај да е ќе се исконсултирате. Ако не успеете, ќе ги одложиме редовните избори“, а Горан Симевски го обвинува Мицкоски: „Кои консултации сега, нели скокаше... немаш мнозинство, сега друго кажуваш, со власта работиш...“, и завршува со клетва.


Економската криза ги провоцира оние што ја следат РСЕ, па го критикуваат и министерот за финансии, Фатмир Бесими кој во своите колумни напиша дека „Сивата економија, како проблем останува „евергрин“ и најави даночна реформа што наиде на широка дискусија во јавноста за тоа какви се и дали се потребни нови даноци.

Дејан Божиновски се нафатил на даноците па вели: „...како може да биде помалку атрактивно ако ги зголемите даноците?! Што е поголем данокот, мотивот да не се плати на државата, а да се наплати од купувачот расте“, а Ленин Толомамноски му предлага на министерот: „Прво направете сите во оваа држава Македонија да си плаќаат данок како што е во светот“. Мишко Гелевски ги повикува министерот бесими и директорката на УЈП, Лукаревска да излезат заедно пред јавноста и да кажат „која општина со колку СОБРАНИ СРЕДСТВА од даноци учествува во полнењето на БУЏЕТОТ“, па со големи букви повикува, па и благо предупредува: „ПРЕСТАНЕТЕ ВИЕ ОД ВЛАДАТА И БАНКИТЕ ДА ГО КРАДЕТЕ НАРОДОТ. НА СÈ МУ ДОАЃА КРАЈОТ“. Славица Милевска коментира: „... секоја влада ја толерира сивата економија, каде е финансовата полиција, каде се контролите по фирми па да се види колку вработени има, читам, во поедини градови во земјава не се издавале фискални сметки, газдите ги толерираме, а ќе удриме по граѓаните, најбезболна варијанта“.


Во врска со прославата на годишнината од Рамковниот договор на плоштадот Скендербег во Скопје, што го организираше Министерството за политички систем, нашите посетители реагираат зошто се трошат буџетски пари за „журката на ДУИ... Срамота луѓето немаат леб да јадат“, како што напишала Нада Велинова, а Ремзи Нухиу и Јамин Сејдини коментираат: „Албанците се хумани луѓе, кажи што ти треба, сè ќе ти носат“ и „Што ти фали госпоѓо Нада, кажи само...“ Хасим Џамили Хасо напишал: „Не е журка на ДУИ, туку на Албанците, и ние заслужуваме и законски следуваат пари од буџетот за вакви пригоди, баш ми се допадна називот ’Мировен фестивал‘, доста разделби, беше и помина во најдобар ред и без ниту една најмала провокација“. Игор Христов објаснува: „Со Рамковниот Мкд се рекомпонира како држава на Македонците и Албанците и останатите делови од народи кои живеат тука. Значи, прославата на овој настан е сосем во ред, барем на ниво со Илинден, АСНОМ, 8 Септември, 11 Октомври итн. И што тука не е јасно, не ми е јасно“. Сефедин Алиу го коментира Христов: „Рационално, објективно и без ’изми‘ во буквите!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG