Достапни линкови

Колку потпретседатели му се потребни на Собранието? 


Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија. Илустрација.
Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија. Илустрација.

Пратениците од владејчкото мнозинство го прифатија предлогот на претседателот на Собранието, Талат Џафери за 5 потпретседатели и покрај противењето на опозицијата. Џафери вели дека тие се потребни согласно обврските кои ги има законодавниот дом, а дополнителните трошоци се незначителни.

Претседателот на Собранието Талат Џафери предложи законодавниот дом да има петмина потпретседатели, а одлуката беше усвоена од пратениците со 62 гласа „за“ и 22 „против“. Нивниот избор ќе се врши на друга седница, која се уште не е закажана. Според Деловникот, опозицијата има едно потпретседателско место, две предлага Комисијата за избори и именувања, а другите две се на мнозинството.

Џафери во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела вели дека тој лично нема потреба од ниту еден потпретседател, туку институцијата, сходно на Законот донесен за Собранието и на обврските доделени на пратениците, односно на потпретседателите, извира потребата од тој број на потпретседатели.

„Уставот и Деловникот е отворен, значи одредува минимум потпретседатели, значи еден за да може да се има заменливост со претседателот на Собранието и максимумот е оставен отворен, онаков каков што е развојот на институцијата. Мојата надлежност е да предложам предлог одлука со број на потпретседатели, одлука на Собранието е колку ќе изберат. Колку ќе изберат е веќе одлука и волја на пратениците доколку сакаат да ги исполнат сите оние обврски што произлегуваат од Законот за собранието, а не како нечија потреба“, вели Џафери.

Бројката на потпретседатели претходно предизвика реакции од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол Димче Арсовски во август изјави дека партијата ниту прифаќа, ниту ќе предложи потпретседател. Причините за тоа, според него, се економската неоправданост за големиот број на потпретседатели како и поради тоа што толкавата бројка служи за тргување на со функции.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев тогаш реагираше дека ако ВМРО-ДПМНЕ се откаже од своето право на потпретседател во Собранието тоа ќе го стори и СДСМ. Во тој случај, како што порача тој, ќе ги остават останатите три места за помалите партии. Заев истакна и дека еден од досегашните потпретседатели го информирал оти земале по 100 евра повеќе плата од пратеничката.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов смета дека тројца потпретседатели се доволни, иако за време на неговиот мандат тој имал четворица.

„Моето искуство покажува оти тројца потпретседатели се доволни за рационално да се организира работата и да може тие луѓе да бидат зафатени и да помагаат. Меѓутоа имало и по пет претседатели. Во првиот мандат кој го имав јас како претседател на Собранието од 1991 до 1994 година ние имавме 4 потпретседатели. По мое мислење и тогаш не требаше толку, но таков беше распоредот на силите. Тоа незибежно се случува. Најверојатно и сега тоа е случајот. Разни искуства и разни состојби, ако оценил дека треба пет нека бидат, не е ништо страшно“, вели Андов.

Во однос на трошоците за потпретседателите, Џафери додава дека разликата во споредба со нивната пратеничка плата е незначителна.

„Таа разлика значи не е разлика која битно влијае врз буџетот на Собранието. Значи тие се пратеници, основна плата како пратеник добиваат 0.5 од коефициент на плата има разлика од пратеникот и во тој контекст мислам дека не е значителна разлика по однос на примањата. Кабинетот се служи, се опслужува од самата служба внатре, дополнителни трошоци по однос на тоа нема“, истакнува Џафери.

Коефициентот за утврдување на платата на пратениците согласно законот изнесува 3,5. Тоа значи дека пратениците земаат три и пол пати поголема плата од просечната плата по вработен за претходната година, согласно податоците на Државниот завод за статистика. Коефициентот за потпретседателите на Собранието изнесува 4, односно тие би земале околу 200 евра повеќе бидејќи просечната плата лани во декември изнесувала 26 836 денари.

Џафери во претходниот мандат имаше четворица заменици. Во 2018 година при изборот на тројцата потпретседатели на Собранието, Горан Мисовски, Фросина Ташевска Ременски и Весел Мемеди од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека месечниот трошок за еден потпретседател по основ на плата, асистент, секретарка, возач, гориво, репрезентации и други трошоци изнесува 225.000 денари или приближно 4000 евра. Лани дополнително беше избран и Зеќир Рамчиловиќ.

Владејачкото мнозинство и опозицијата и во 2017 година имаа спротивставени ставови за прашањето. Предлогот на СДСМ и ДУИ тогаш беше Собранието да има петмина потпретседатели, додека ВМРО-ДПМНЕ беше на став дека законодавниот дом не треба да има повеќе од тројца потпретседатели.

Собранискиот состав во 1994-1998 имал 5 потпретседатели, како и во 2002-20026 година. Додека пак од 2006 до 2016 година Собранието имало по тројца заменици на претседателот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG